Децата се најважното нешто на светот!

146

 Се трудам на децата да им укажам на важните животни вредности, да бидат добри луѓе, браќа, сестри, пријатели, а кога ќе пораснат и добри родители, вели Тешановиќ

Соња Падров Тешановиќ е црногорска поетеса за деца, родена 1967 година, во Херцег Нови, каде што живее и работи. Има објавено две поетски збирки за деца: „Мама 00-24“ и „Тој зачин се вика љубов“. Учествувала на многу книжевни манифестации во Црна Гора и надвор од неа, а членува во неколку здруженија за литература. Има добиено повеќе книжевни награди.
– Особено сум среќна што ќе бидам претставена и пред македонската читателска публика. На сите им упатувам срдечни поздрави од мојот роден град Херцег Нови – вели Соња Падров Тешановиќ.

Прва инспирација ѝ биле нејзините две деца, кои сега се веќе возрасни, а преку творбите напишани за нив ја искажува љубовта кон сите деца на светот.
– Почнав да пишувам кога станав мајка, секојдневно добивав инспирација од моите две деца, а потоа и од сите други, па засекогаш останав маѓепсана од детскиот свет. Децата се среќа, љубов, најголемо богатство и наша иднина. За мене тие се најважното нешто на светот. Затоа често преку моите хумористични песни им се обраќам за да им укажам на лошото, но и да ги упатам кон доброто. Мојата прва збирка е насловена „Мама 00-24“, бидејќи мајките се нонстоп со своите деца, тие се нивна поддршка и потпора.

Во мојата втора збирка „Тој зачин се вика љубов“, како и во претходната, се обидувам да ги посоветувам децата дека семејството и љубовта се основниот животен зачин. Се трудам да им укажам на важните животни вредности, да бидат добри луѓе, браќа, сестри, пријатели, а кога ќе пораснат и добри родители! – открива оваа писателка.
Таа пишува ведри стихови, полни со смеа, бидејќи, според неа, хуморот е неопходен во детската литература.
– Преку смеата можете да ги решите и да ги ублажите најнепријатните ситуации и најважно е на младите читатели да им дадете пример како да го најдат излезот од некој проблем. Бидејќи тие гледајќи нѐ нас секојдневно учат. Затоа воопшто не е лесно да се пишува поезија за деца, бидејќи тие се многу сериозна публика, која не е можно да се измами. Тие го сакаат само она што е искрено, камо среќа и ние возрасните да останевме такви – вели таа.

За авторката Тешановиќ дружбата со нејзините мали-големи читатели е одмор, а не работа.
– Бидејќи имав прекрасно детство, можеби сѐ уште го чувам детето во себе и полесно комуницирам со нив, ги разбирам. Не е секогаш лесно да си дете, има толку многу дилеми, но сепак детството е најубавиот период во животот – вели Соња Падров Тешановиќ.
Таа активно се дружи со децата, на промоции, во училишта, на литературни фестивали, во библиотеки…

– Имам впечаток дека девојчињата повеќе реагираат на некои поемотивни песни, за мајките на пример, а момчињата се побучни на песните за љубовта, оние шеговитите, за пубертетот, училиштето… Најинтересно е кога во некоја песна сосема ќе се пронајдат, па им изгледа дека е напишана токму за нив. Се разбира секоја дружба ја завршуваме со насмевка. На моите почитувани млади читатели им порачувам да не заборават на книгите, бидејќи тие ги запознаваат со јазикот на литературата, ги учат на многу корисни нешта, преку нив запознаваат разни култури, ја развиваат фантазијата. Затоа се надевам дека читањето нема да загуби од популарноста без оглед на сегашните трендови. Исто така посакувам културата, добрината и убавите манири секогаш да бидат во мода – порачува оваа авторка, чии дела едуцираат преку ведри и поучни стихови. 


СЕДМИЦА

Кој ги наредил деновите вака?
Јас понеделник на крај го сакам!
Вака деновите не ми вредат!
Не знам зошто трета е среда!
Предлагам среда напред да биде,
Четврток негде пред крај да иде.
Вторник е кроток, мирен и тих,
нека си стои во овој стих.
Сабота и недела два женски рода,
петок за рака нека го водат!
За ова дома се смеат гласно,
зошто се смеат, не ми е јасно!?

Соња Падров Тешановиќ
Препев: Наум Попески