Дедо Мраз го има клучот до детските срца

216

Празничната магија силно се чувствува во домот на кавадаречкиот Дедо Мраз Ѓорѓи Вареловски. Голем број групи весели и насмеани дечиња заедно со своите родители или наставници секојдневно, во терминот од 18 до 20 часот, го посетуваат убаво украсениот дом на Дедо Мраз, се дружат со него, му пеат новогодишни песнички, му подаруваат безброј весели насмевки, а за возврат добиваат новогодишни пакетчиња.
Кавадаречкиот Дедо Мраз Ѓорѓи Варелосвки како да го има клучот до детските срца, бидејќи секоја година бројот на посетителите во неговиот дом се зголемува. Тој е секогаш расположен, насмеан и трпеливо одговара на многубројните прашања: кој е вистинскиот Дедо Мраз, каде се наоѓа неговиот дом, како знае кои деца се добри и кои подароци ги посакуваат за Нова година. Ако минатата година нивниот број изнесуваше 1.000 посетители, годинава тој очекува најмалку 1.500 гостинчиња.

А Ѓорѓи, кој по професија е градежен работник, вредно и напорно работеше во текот на целата година и заедно со своето семејство од неговиот скромен семеен буџет издвои средства за нови 2.000 пакетчиња и за уште многу нови новогодишни украси играчки и лампиони, кои го дополнуваат прекрасниот новогодишен амбиент во неговиот двор. Освен во својот дом, каде што ги прима дечињата, тој подарува бесплатни новогодишни пакетчиња и секогаш е отворен и ги прифаќа поканите од сите други установи и организации. И додека го водевме разговорот со него, тој доби покана на 29 декември да присуствува на хуманитарната забава „Биди и ти причина за нечија насмевка“ во Градско, која се организира за лица со посебни потреби.
– Магијата на Дедо Мраз трае, еве, веќе 22 години и, верувајте, ни носи многу радости, мене и на моето семејство, кое безрезервно ме поддржува и ми помага. Не велам дека е лесно, бара многу ангажираност, енергија и време. Јас сите овие изминати години се соживеав во оваа улога, влегувам во ликот на Дедо Мраз и, верувајте ми, искрено целосно се давам и уживам во дружбата со децата, а нивната благодарност и радост ми станаа задолжителна храна без која не би можел да живеам за време на новогодишните празници. Минатата година имав околу триесетина телефонски јавувања на семејства од цела Македонија, кои слушнале за мене и посакаа да ме посетат. Јас ги примам сите гости и подарувам пакетчиња колку што можам да подготвам додека од доброволните прилози на родителите за божиќните празници во соработка со Центарот за социјални работи подарувам пакети со храна на материјално загрозени семејства од руралните средини веќе неколку години – вели Ѓорѓи Вареловски.

На дарежливиот и хуман кавадарчанец му посакуваме магијата да трае уште долго, да продолжи да ги развеселува децата и да ја негува традицијата. Новогодишните лампиони и големиот број ламбички нека го осветлуваат неговиот дом уште многу години.