Да ја гушнеме планетата Земја!

601
Илустрација: Кристијан Јованоски

Филип Димкоски

На исчистениот дел од дворот веќе се правеше малечка обработлива површина. Тоа ќе биде училишна ботаничка градина… Ќе има и клупи и место за цветчиња, а ќе се собира и дождовница. Кантите за рециклирање на отпадот се веќе наместени. Каква убава глетка

Знаеш што Влатче – прашува Вики, не мислиш ли понекогаш дека сите наши еколошки акции се попусто!?
Вики бее… – што ти стана? Каков ти е овој муабет? – зачудено прашува Влатче.
Па, не знам… некако повеќе се загадува отколку што се чисти, повеќе се загадува воздухот отколку што се користат филтри, повеќе се фрла ѓубре отколку што се собира, повеќе се троши вода отколку што се штеди… – набројува Вики….

Добро, добро Вики… можеш до утре така да си набројуваш. Ама не е така… Нели гледаш дека секаде каде што сме разговарале или сме направиле некое добро еколошко дело, промените се очигледни, а и некои луѓе веќе ни се придружуваат…
Но….тоа е малку Влатче….

Вики не си во право… секое насадено дрво, секое рециклирано шише, секој грам компост, секое посадено цвеќе, секое спасено животинче, сето тоа е важна и голема работа. Знам дека луѓето имаат лоши навики и тешко се менуваат, но, секоја промена започнува од нас. А ние со нашите активности правиме промени… Верувај ми.
Леле Влатчее… колку убави зборови кажа… Прекрасно… Некако ми се врати вербата во она што го правиме…

Туку се нервирам… кога ќе се исчисти задниот двор од нашето училиште… Колку е запуштен и заоставен, а може да биде катче за одмор, рекреација и уживање… Треба тоа да се среди и треба да има што повеќе вклучени во еколошката акција за средување на тој двор… Тој што ќе работи, ќе биде и свесен дека треба да се одржува и чува нашата животна средина….

Така е Вики. Мора да смислиме нешто. Туку… јас брзам сега, па се гледаме в понеделник. Си знаеш во 7.15 се чекаме кај нашата елка…
Договорено – рече Вики и со рака го отпоздрави Влатче.
А Влатче замислен си оди дома… Го погоди малку тоа што го рече Вики. Размислува како да ѝ докаже дека сепак има луѓе што ја сакаат природата и што се подготвени да чистат… Како да организира еколошка акција и да се соберат што повеќе луѓе…
Размислуваше, размислуваше и најпосле се сети. Ѝ се јави на тетка Ирена глумицата. Таа секогаш кога не е во театар, подготвена е за екоакции. Ја нарекуваат „прва метла“ оти секогаш е прва за чистење и метење.
Таа му кажа на Влатче дека целиот викенд ќе го посвети на тоа како да ги собере учениците, наставниците и родителите од училиштето на Вики и на Влатче за да го исчистат загадениот заден двор.

Покрај тоа што се договорија да ги известат сите природољупци какви алати им се потребни, колку метли, гребла и ракавици, тие решија сето тоа да го држат во тајност пред Вики и да ѝ направат изненадување…
Дојде понеделник… Вики и Влатче во 7.15 тргнаа в училиште… Влатче сосема нормално си муабети со Вики, а таа не ни насетува дека Влатче нешто крие од неа…
И штом стигнаа… Влатче на Вики ѝ вели:
Вики ај ако сакаш дојди до задниот двор, па потоа ќе влеземе во училиште… Треба да видам нешто.
А Вики и Влатче, како што веќе знаете, се многу верни другари и каде е едниот таму е и другиот… Секогаш се поддржуваат.
Кога отиде Вики во задниот двор… што да види… Се наведнале голем дел од соучениците, наставниците и родителите и чистат ли чистат… Собираат хартија и пластика… метат, рамнат, ги отстрануваат сувите гранки…
На исчистениот дел од дворот веќе се правеше малечка обработлива површина. Тоа ќе биде училишна ботаничка градина… Ќе има и клупи и место за цветчиња, а ќе се собира и дождовница. Кантите за рециклирање на отпадот се веќе наместени. Каква убава глетка.

Вики беше пресреќна.
Гледаш Вики…? Не сме сами, има и деца, но и возрасни, кои се тука да се вклучат за уредување и грижа за нашата животна средина и кои умеат да испратат убава порака до нашата планета Земја, дека мора да ја чуваме и одржуваме заради наше добро, оти таа без нас може, но ние без неа, не можеме! – гордо и среќно зборуваше Влатче, како да предава некоја лекција.
Одеднаш се свртија сите вклучени во екоакцијата… извикаа гласно: „И ние сме природољупци“, „Ние сме мали еколози“ „Ќе ја одржуваме нашата планета Земја“ и силно аплаудираа….
Сепак има надеж Влатче. Штом имаме ваква вредна екипа ќе правиме и други уште поголеми акции. Ти благодарам тебе Влатче и ви благодарам на сите за ова најубаво пролетно изненадување. Мислам дека целата природа сега е задоволна и со насмевка ни се заблагодарува – растреперено зборуваше Вики.
По првиот дел од големото уредување на задниот двор, директорката ги почести сите со вода и сок. Додека се одмораа разговараа за идните планови за уредување и одржување на училиштето и просторот што го опкружува. На крајот, откако сите заминаа на час, Вики и Влатче уште малку останаа да се нагледаат на заедничкиот успех и убаво уреденото катче.


Еколошки календар:

22 април – Светски ден на планетата Земја. Првпат е одбележан во 1969 година во Сан Франциско во Сoeдинетите Американски Држави.