Гледај во очи имам жар, можам да полетам

860

Седумнаесеттото издание на „Детскиот евросонг“ ќе се одржи на 24 ноември во Гливице, Полска. Мила Москов ќе пее песна на авторскиот тандем Лазар и Магдалена Цветкоски

Мила Москов (14) ќе нѐ претставува на „Детскиот евросонг 2019“ со песната ,,Fire“

Тинејџерката Мила Москов од Прилеп со песната ,,Fire“ ќе ја претставува нашата земја на 17-то издание на „Детскиот евросонг“, што ќе се одржи на 24 ноември во Гливице, Полска.
По објавувањето на оваа вест многумина се прашуваа која е всушност Мила Москов? Ова талентирано девојче има 14 години и учи во основното училиште „Кочо Рацин“ во родниот град. Со музика се занимава од најмала возраст.
– Кога имав 6 години родителите ме запишаа во основното музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп, каде што почнав да учам да свирам на пијано. По две години се префрлив на отсекот за соло-пеење, а од пред извесен период го посетувам музичкото училиште „Матрикс“ кај професорот Денис Димоски. Освен тоа, веќе два месеца земам часови по соло-пеење кај професорката Ана Дурловски во Скопје – вели Мила.

Таа ни се довери дека во последно време сѐ повеќе чувствува дека пеењето за неа станува страст, предизвик и можна идна професија.
– Кога пеам сум многу среќна и исто како во песната, можам да полетам и мојата радост да ѝ ја пренесам на публиката. Композиторот Лазар Цветкоски и неговата сестра Магдалена ја препознаа таа искра во мене и ја напишаа песната „Fire“ (оган), која метафорично ме отсликува и мене – ни рече Мила Москов.
Таа годинава вторпат се пријави на аудицијата за учество на „Детскиот евросонг“.
– Лани ме пријави професорот Денис, годинава мајка ми и, ете, ми се посреќи. Очекувам дека добро ќе испеам на евровизиската сцена во Гливице, Полска, и на најдобар начин ќе ја претставам нашата држава. Наедно очекувам многу забава, убави моменти и дружење со сите учесници – посакува таа.

Инаку, Мила ќе ја пее песната „Fire“ 60 проценти на македонски, 40 на англиски, бидејќи такви се правилата на ЕБУ.
– Всушност ова е песна за огнот како метафора, за амбицијата, како пасија, за тоа дека се почнува од еден сон, кој со многу труд и храброст станува јаве. Токму затоа во еден стих пеам „Гледај во очи имам жар, можам да полетам“. Сакам да ги охрабрам сите мои врсници да сонуваат со отворени очи, бидејќи соништата често се остваруваат – порача нашата претставничка на „Детскиот евросонг 2019“.
Мила додаде дека ги сака сите жанрови во музиката, но најмногу се пронаоѓа во песните со поп-призвук.

Инаку реакциите на Јутјуб за нашата песна се одлични и можат да се прочитаат убави коментари, а некои веќе ја вбројуваат Мила и меѓу фаворитите на годинашниот избор.
Ова нема да биде прво учество на некој фестивал за Мила, бидејќи таа веќе била дел од неколку детски фестивали, а настапила и на „Мел фест“ во Прилеп. Како членка на хорот „Мали ангели“ таа пеела на концерт наменет за деца со посебни потреби.
Кога ја прашавме дали воопшто има слободно време и има ли некое хоби таа ни откри дека многу сака да јава коњи.
– Од четири години јавам, но во последно време, поради зголемените обврски, немам толку време за ова мое хоби. Сепак, верувам дека кондицијата што ја стекнав со јавањето и натпреварувачкиот дух ќе ми користат на сцената во Гливице, Полска на 24 ноември – ни рече Мила Москов.