Боите на воскресот

77

…Кога некој љуби
Не се љуби само себе,
Туку ги љуби и своите блиски,
Своите драги.
Кога ги љуби и оние
Со кои низ животот
Во средба ќе стапи,
Кога некој добрини дари
пружа рака на стари и млади…
Кога кон сите секогаш е ист,
не се менува и љубовта
Во себе ја негува,
Иако искушенија го демнат,
И сакаат умот
Да му го сменат…

Добрата личност
Која во свето срце
Љубовно гнездо свила,
Кај своите блиски и пријатели
Дел од себе дарува…
Во сеќавањата на другите
Љубовта во разновидни бои
Цврсто се вградува!
Нејзината добрина
Ако не подлежи на никакви мени
Во бескрај, еден кај друг
продолжува да плени!
Нејзината љубов
продолжува обоено да свети!
Љубовта и добрината
Се вечно живи јадра,
На животот и светлината!
На радоста и милината!
Таквите луѓе
Чии траги се виножитните бои
За нив, воскресот вечно постои!

Значи животот е во нашите раце
Во љубовта и добрината наша!
Значи воскресот е патека
На виножитни бои!
На животот кој вечно постои!

Христос е Тој што таа патека ја посла
Ја отвори вратата кон животот вечен,
Со неговата љубов и неговиот воскрес
Да тргнеме и ние по патот млечен!
Како вино и жито
Е нашата природа на луѓе,
Црвеното вино е крвта,
А од житното брашно е лебот
– Нашата човечка душа!

Дојде време сега со јајце да се кршиме,
Воскресот да го запалиме!
Ако Христос е самиот живот,
И во него се сите луѓе
што минале по оваа планета,
Да славиме и повториме:
Христос воскресна!

Навистина воскресна!
Животот само со добрина се негува!……

(Дел од песната „Боите на воскресот“ на Вера Симовска, од книгата
„Понорница“


Велигденска радост

Во градина Витлеем
цвет на надеж никна,
в Ерусалим воскресна,
милна песна бликна.

Велигден е светол ден,
праник – букет китен,
ајде свет да градиме
топол дом за сите.

Се гласат камбаните,
храмот божји сјае,
Христос ни порачува
секој добар да е.

Со радост велигденска
Исус глас ни праќа:
в срце љубов, добрина,
сите да сме браќа.

Блажена мајко Маријо,
светот ти благодари,
роди чедо бесмртно,
Божји син му подари!

Перо Миленкоски


Светол ден

Иде убав празник,
иде светол ден,
камбаните бијат –
иде Велигден.

Велигден е празник
пролетен и цветен,
радост тој му носи
на секое дете.

За Велигден морам
да ви кажам вака,
црвеното јајце
најмногу го сакам.

Наум Попески


Велигден

– Чук! Чук!
– Кој чука?
– Јајце шарено,
шарено
ем варено.
– Ајде да се
кршиме
велигденски,
смело
Дане сака
да лапка,
јајце цело.
Однадвор шарено,
внатре жолто-бело.

Ванчо Полазаревски


Велигден во гората

Денес уште рано, рано
Пред да пукне зората,
Шумскиот поштар – Зајко,
Разнесе вест низ гората:
Велигден е на прагот
Не заборавај шумски свете!
Не заборавај јајца да вапсаш,
Да набереш здравец – цвете!
Ранобудната Верверичка
Прва веста ја слушна.
Ги разбуди своите дечиња
Ги погали и нежно ги гушна.
Потоа со кошничето в рака
Скокајќи од гранка на гранка
Појде да побара јајца –
Од сосетката Фазанка.
И вредната мајка Зајачица
Китка здравец дома довлече,
Ги избања своите малечки
И во свечена облека ги облече.
Пред мракот Зајакот гласник
На врвот од ридот појде:
Подготвено сѐ е! – викна –
Велигден може да дојде!

Киро Донев


Камбаните бијат

Ајде да одиме –
камбаните ќе забијат,
пламенот ќе се спушти,
треба да сме подготвени –
ни вели малиот Аљоша.
Итаме,
се буткаме меѓу луѓето.
Тој е весел, се смешка,
потпевнува.
Во очекување да се означи
по којзнае кој пат победата
на човекот над смртта,
сфаќаме дека само
искрената љубов
може да нѐ научи
на потребното поведение.

Трајче Кацаров


Чудо се случило

Бобоооооо дедоооооо!!!
„Ај не стојте здрвени,
дојдете да видите
чудото се случило-

нашите бели кокошки,
снеле јајца црвени!“

„Гледам,внучко!“ –
баба Ката го смирува Веле.

„Но погледни, во ќошето
и зелени снеле!“
„Што е ова?“ –
– збунет Веле
глава врти чешка,
се вртеше ваму таму
и си вели:
,,Грешка, ова мора да е грешка!“
Но штом зора фрли зраци
и петелот кликна,
-,,Станувајте, Велигден е!…“
баба Ката викна.
И тогаш на внукот Веле
сѐ му стана јасно,
,,Значи баба ги вапсала!“
– викна Веле гласно.

Стојан Арсиќ