Биди вистинско дете

79
Христо Петрески дел од своето творештво им посвети на децата

Кога ќе видиш дете што во рацете ја држи токму книгата што ти си ја напишал, заедно со твојата песна или расказ или со илустрацијата што ти си ја нацртал, од тоа нема поголемо задоволство, вели Христо Петрески

Од мој агол: Христо Петрески, писател и издавач

Не случајно, познатиот и признаен српски писател Душко Радовиќ на децата им се обраќаше со „почитувани деца“. Да, децата, впрочем како и сите луѓе и други живи суштества, треба да се сакаат и почитуваат. Никако да не се потценуваат, омаловажуваат, негираат и да не се третираат како нерамноправни, помалку знајни и вредни.
На децата секогаш треба да им се пристапува како на рамноправни на возрасните и не само тие да учат од нас возрасните туку и ние да учиме од нив. Ни во еден миг не треба да заборавиме дека и ние сме биле деца, малечки, кревки, нежни. Ни биле потребни заштита, поддршка, совет.

Растеме, се формираме и учиме до крајот на својот живот. Учењето треба да биде низ игра, индиректно, интерактивно, спонтано и креативно. Притоа, мошне е битно создавањето и творештвото. А за таа цел постои и издаваштвото за деца и млади. Книги, списанија и други изданија, со шарена корици и многу бои, со волшебни илустрации, многу фантазија и имагинација, во светот на чудното и чудесното, необичното и несекојдневното…
Спомените од детството се трајни и неизбришливи. Писателите најчесто пишуваат за своето детство, за првите љубови, за воспитувачите и наставниците, за игрите и палавштините, за првите прочитани книги и стихотворби научени наизуст… А да се биде писател за деца, тоа значи цел живот да се биде и да се остане дете. А да се биде и издавач за деца и млади, тоа значи да ти се исполнат сите желби и да ти се остварат сите соништа.

Кога ќе видиш дете што во рацете ја држи токму книгата што ти си ја напишал, заедно со твојата песна или расказ или со илустрацијата што ти си ја нацртал, од тоа нема поголемо задоволство.
Уште од најмали читајте и препрочитувајте, така многу ќе знаете и ќе научите, а полека и сигурно од книгите, списанијата и од другите изданија ќе имате богата и разновидна домашна библиотека, која ќе претставува убав спомен, трајно богатство и секојдневна ваша верна придружба.
Бидете вистински деца: љубопитни, вредни, весели. Читајте, но и пишувајте, цртајте… Еден ден и вие ќе ја напишете и ќе ја објавите вашата книга, која ќе ја читаат други деца, но и возрасни читатели, па на тој начин ќе се остварат и вашиот и нивниот сон…