Алка, не карика!

176

Зборуваме македонски со Владо Димовски (54)

Повторно малку дијалог…
– Некако тргна работата, ама мене како да ми недостига нешто… како да се изразам, како да ми недостига една карика во синџирот наречен финален производ.
– Ништо не те разбрав, ама ако!
Веднаш да кажам дека кариката во македонскиот јазик е алка. Карика е збор од друг јазик, а кај нас влегол некако по инерција. Но, што правиме со зборот карики, кој означува направа за гимнастички вежби. И за тоа има лек. Ајде да ги викаме гимнастичарски алки, па така ќе дојдеме и до вежбање на алки, а не на карики. Убаво. Но убавото да го зачиниме со еден афоризам: Не им верувам на болвите, преполни се со моја… крв!
Со арно, со убаво!


Чувајте го јазикот!

„Јазикот е нашата единствена татковина“, велеше познатиот македонски писател и лингвист Блаже Конески. Но сведоци сме дека токму тој македонски литературен јазик, ние во последниве години не го чуваме, не го негуваме и надградуваме.
Драги деца, за да растете и вие читајќи и зборувајќи на стандарден македонски литературен јазик, во „Колибри“ објавуваме рубрика „Зборуваме македонски“, чиј автор е Владо Димовски, голем пријател на децата и наш познат писател за најмладите и автор на многу детски радио и телевизиски емисии со кои растеа многу генерации, меѓу кои една од најпопуларните беше серијата „Умни глави“ што ја емитуваше Македонската телевизија.
Е па, и бидејќи и вие сте умни глави, се надеваме дека серијалот што го започнуваме, ќе ви помогне да го зборувате македонскиот јазик без грешки, а така и да пишувате!