Работници во Нигер поплочуваат патека финансирана од ЕУ

Помошта од европските земји се намалува веќе втора година едноподруго, покажува истражување на европската мрежа на невладини организации

Помалку од десет отсто од парите на ЕУ наменети за помош на најсиромашните земји стигнуваат до оние на кои им се најпотребни, покажуваат податоците од едно истражување, според кои европската помош се намалува веќе втора година.
ЕУ и нејзините земји-членки и понатаму претставуваат најголем блок во светот што најмногу донира за развој, инвестирајќи 71,9 милијарда евра во 2018 година, односно повеќе од половина од вкупната глобална помош. Сепак, придонесот на ЕУ е за 5,8 отсто помал во однос на 2017 година, се наведува во извештајот на европската мрежа на невладини организации „Конкорд“.

Напредокот во исполнувањето на целта на ОН за трошење 0,7 отсто од бруто- националниот доход (БНД) на помош, утврден во 1970 година, сега се движи во спротивна насока, велат од „Конкорд“. Нивните истражувања покажуваат дека помошта на ЕУ лани се намалила на 0,47 отсто од вкупниот БНД, споредено со 0,49 отсто во 2017 година и 0,51 отсто во 2016 година. Само Шведска, Луксембург, Данска и Велика Британија ја исполниле обврската од 0,7 отсто. Помошта од пет земји, Италија, Грција, Финска, Австрија и Литванија, се намалила за десет отсто.
– Ние се оддалечуваме од Агендата за одржлив развој за 2030 година. Не само што не ја достигнуваме целта во однос на квантитетот, туку заостануваме и во однос на квалитетот на помошта – вели Лука де Фраја од „Екшнејд“ од Италија.
Наспроти маргиналниот пораст на помошта за најмалку развиените земји (од 0,11 отсто во 2017 година на 0,12 отсто 2018 година), 16 најсиромашни земји во светот во моментов добиваат само осум отсто од помошта на ЕУ.

Аса Томасон, од „Конкорд“ – Шведска, ги повика лидерите на ЕУ да обезбедат поголема помош и да се осигурат дека таа се користи ефикасно и дека стигнува до луѓето што се најмаргинализирани, исклучени или дискриминирани и кои доаѓаат од најсиромашните земји.
Во извештајот се забележува напредок во однос на она што легитимно може да се нарече помош. Некои земји вклучија домашни трошоци за студенти, бегалци или за безбедност во официјалните бројки. Но трошоците, како на пример олеснување на долговите, отплата на камати од заеми или помош врзана за земјата-донатор, се категоризираат како „надуена помош“, бидејќи нужно не придонесуваат за развој и честопати не ја ни напуштаат ЕУ. Годинашниот извештај покажува намалување од 25 отсто на „надуената помош“, додека трошоците за бегалците се намалени за околу 35 отсто, а помошта за олеснување на долговите е намалена за 66 отсто.
Јан ван де Пол од Европската мрежа за долгови и развој вели дека е загрижен зашто Комисијата на ЕУ го преценува потенцијалот на „мешовитото финансирање“, односно поврзувањето на помошта со заеми од јавни институции или комерцијални заемодаватели, за да се постигнат целите за одржлив развој. Тој посочи дека дури и во 2016 година, над половина од сите пријавени договори им биле доделени на фирми од земјата-донатор.

– Донаторите не само што треба да ја одврзат целата помош, туку треба и да бидат сигурни дека нивните практики за набавка се приспособени кон приватниот сектор во земјите во развој – нагласува тој.
Клер Годфри од британската развојна мрежа го пофали Секторот за меѓународен развој на Британија зашто го одржал нивото од 0,7 отсто и се осигурил дека поголем дел од помошта стигнала до луѓето на кои им е најпотребна. Таа нагласи оти дека другите земји од ЕУ треба да ги засилат напорите. Годфри претпочита секторот да има надзор врз целата помош од Британија зашто така може да се осигури дека сите средства се насочени кон најсиромашните, најранливи и најмаргинализирани категории.

Во предизборната кампања во Британија, лабуристите, конзервативците и либералните демократи нагласија дека се залагаат за задржување на целта за помош од 0,7 отсто, што е околу 14 милијарди фунти, додека зелените сакаат средствата да се зголемат на еден отсто, како што е случајот со Шведска.
Неодамнешен извештај на Конференцијата на ОН за трговија и развој на најмалку развиените земји во светот ги повика самите сиромашни земји да се заложат дека надворешните финансии од сите извори ќе ги насочат кон националните развојни приоритети, бидејќи тоа бил најдобриот начин да се справат со својата зависност од надворешната помош и на крајот да се ослободат од неа.