Топлата клима, политичката стабилност и малата финансиска транспарентност се доволни за да се инвестира во бизнис или имот, а за возврат да се добие виза за
престој, вели Катрин Шаер за „Дојче веле“

Зголемен интерес за бизнис-климата во кралството на Блискиот Исток

На својот портал на интернет, списанието „Руски емирати“ им нуди на читателите избор на најчесто поставуваните прашања. Тие вклучуваат секојдневни прашања од тоа каде да се најде руска храна во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) до ординации на руски доктори. Меѓутоа, најпопуларното прашање на кое руското списание дава одговор е како може да се дојде до државјанство на ОАЕ. Откако Русија ја започна својата воена операција во Украина и како резултат на тоа што западните земји воведоа санкции на руската економија, читателската публика на порталот „Руски емирати“ речиси двојно се зголеми на речиси 300.000 прегледи за една недела. Експертите велат дека овој тренд, најверојатно, ќе продолжи и во иднина додека Русите бараат начини да ги избегнат санкциите и да го обезбедат своето богатство. Некои, веројатно, се обидуваат да избегаат од она што тие го гледаат како сè поопасна политичка ситуација дома.
Еден инсајдер од нафтената индустрија, кој го посети емиратот на Дубаи овој месец, за „Дојче веле“ раскажа за промената во атмосферата таму. Според него, „постоело чувство дека нештата се менуваат во однос на приливот на капитал во Дубаи како резултат на излегувањето на Русите од нивната земја и барањето безбедни финансиски засолништа за нивното богатство. Исто така, беа објавени извештаи за приватни авиони на руски богаташи што постојано летаа на релацијата Москва – Дубаи. Истражувачите на отворени извори, користејќи веб-страници за поморски сообраќај, забележале и неколку суперјахти закотвени во Дубаи. Бидејќи ОАЕ не ги воведоа истите строги санкции кон Русија, Русите ги сместија таму на безбедно своите суперјахти.

Невидливо зголемување?

И покрај долгорочната безбедносна соработка со САД, ОАЕ се обидоа да избегнат да заземат страна во руско-украинската војна и не воведоа санкции. Како резултат на тоа, деловните консултанти што зборуваат руски јазик во Дубаи за меѓународните медиуми изјавија дека има огромен пораст во барањата информации од внатрешноста на Русија. Џоди Витори, професор на универзитетот „Џорџтаун“ во Вашингтон, вели дека постои зголемена загриженост дека Дубаи навистина ќе стане уште поголем центар за руските богаташи. Но ќе биде тешко да се каже сега колкаво ќе биде зголемувањето на интересот за животот во Дубаи.

Подобрување на бизнис-климата

ОАЕ воведоа голем број нови правила за подобра контрола на бизнисите. Ако некој сака да основа компанија во Емиратите, сопствеништвото мора да биде наведено. На пример, ОАЕ имаат 39 различни регистри на компании низ своите седум емирати, но има и над 40 „слободни зони“, најмногу во Дубаи, каде што странците можат да лоцираат или преместуваат компании. Купувањето имот во ОАЕ е релативно лесно, а за возврат државата им нуди на инвеститорите виза за престој, без потреба од локално спонзорство. Документацијата за купување стан или започнување бизнис е минимална, а готовината игра најголема улога. Инвестирањето во недвижен имот во вредност од околу 185.000 евра му дава на купувачот тригодишна виза за престој во ОАЕ. Со инвестирање околу 1,18 милион евра се добива петгодишна виза. Обичните Руси од високата средна класа, кои сакаат да избегнат присвојување на нивниот бизнис од страна на власта или домашната економска криза поради санкциите, можеби ќе имаат средства да создадат безбедно засолниште во Емиратите.

Зошто ОАЕ се посакувана дестинација?

Се разбира, ОАЕ не се единственото место за богатите поединци што бегаат од санкции, но некои држави сега ги поддржуваат напорите за економско отсекување на Русија, а има и дополнителни причини зошто Емиратите се атрактивна дестинација. Витори вели дека Емиратите имаат уникатна локација и не се транзитна точка како Кајманските Острови. Многу мултинационални бизниси што работат на Блискиот Исток имаат седишта токму во ОАЕ. Дубаи, исто така, долго време беше популарна дестинација за одмор без визи за Русите, привлекувајќи околу 730.000 руски туристи во 2019 година, пред пандемијата да го ограничи патувањето. Се смета дека во моментов во ОАЕ живеат околу 100.000 луѓе што го зборуваат рускиот јазик, од кои околу 40.000 се од Русија, а другите од постсоветските држави. Политичката ситуација е исто така поволна. Секој од емиратите на ОАЕ е управуван од монархија. Активистите за човекови права велат дека таму нема вистинска политичка опозиција и има контрола на слободата на говорот, но од друга страна има значителна политичка стабилност.