Една голема студија за климатските промени покажа дека до 2050 година зголемувањето на температурите се очекува да биде највисоко во главниот град на Австрија, Виена, со летни температури за 7,6 степени Целзиусови повисоки од сегашните, а климата повеќе ќе наликува на сегашната во Скопје. Се очекува Берлин и Париз да забележат раст на температурите во најтоплиот месец за повеќе од шест Целзиусови степени во просек, а нивната клима ќе се претвори во онаа што денес ја има во Канбера и во Истанбул.
Според истражувањето, времето во Лондон би можело да изгледа повеќе како она во Барселона. Иако ова на лондончани на почетокот може да им звучи како сон, промената би можела да се претвори во кошмар бидејќи ќе биде придружена и со големи суши, како и пообилни дождови во влажните месеци, потенцијално отежнувајќи многу аспекти од животот во градот. Истражувањето се фокусираше на 520 големи градови и беше објавено во списанието „Плос уан“. Нејзиното најзагрижувачко откритие беше дека жителите во околу една петтина од сите градови, вклучувајќи ги Џакарта, Сингапур и Куала Лумпур, ќе доживеат климатски услови какви што досега не биле видени во ниту еден голем град.
До 2050 година, се прогнозира дека Мадрид ќе се чувствува како ирански Техеран, Хелсинки ќе се чувствува повеќе како Будимпешта, Сиетл ќе се чувствува како Рим, а климата во Њујорк повеќе ќе личи на климата на Вирџинија Бич.