Микромагацините им го крадат приматот на продавниците и им го нарушуваат секојдневието на жителите во големите градови во Европската Унија, пишува Питер Хаек за „Политико“

Нови трендови во нарачките преку интернет што ги наметна пандемијата

Европските градски власти се најдоа во костец со богатите стартапи што ветуваат дека ќе им ги испорачаат намирниците до прагот на жителите „во рок од неколку минути“, кои претходно ги нарачале преку интернет или преку апликација. За таа цел, фирмите отвораат микромагацини од каде што се подигнуваат нарачките и се испраќаат преку курири за испорака. Градските власти стравуваат дека испораката од таквите магацини ќе им ја одземе работата на продавниците во центарот на градот и ќе го намалат комерцијалниот пешачки сообраќај или ќе предизвикаат незадоволство кај граѓаните во станбените населби. Некои градови, како Амстердам, веќе им наредија на овие магацини да ја преместат локацијата или да истражат дали таквите продавници можат да опстојат. Но овој растечки тренд ги фати градовите неподготвени.
Инвеститорите лани вложија 4,6 милијарди долари во европските компании за испорака на намирници. Добропознатите технолошки компании вложија многу во испораката на производи или преку воспоставување сопствени операции или со инвестирање во стартапи. Берлинската компанија за испорака на намирници „Горилас“ привлече најголемо внимание, со тоа што доби финансии во висина од една милијарда долари во октомври, благодарение на инвеститорите како што се кинескиот „Тенсент“ и германскиот „Деливери хиро“. Во моментов, пазарот за нарачка преку интернет и испорака на намирници допрва се отвора, но има доволно простор за негово проширување. Главниот виновник за подемот е пандемијата, која полека ги менува навиките за пазарување.

Индустријата ја усвои целта да испорачува намирници за 10 минути или помалку, а отворањето магацини во градовите е од суштинско значење за процесот. Најважното за да се исполни ветувањето за супербрза испорака е дека треба да се биде многу блиску до клиентот, вели Даниел Алонсо од шпанската фирма за испорака „Глово“. Бројот на магацини оттогаш вртоглаво порасна на атрактивни локации во големите градови низ цела Европа. Амстердам е токму еден од градовите каде што овој бизнис доживува бум. Во западниот дел на градот, каде што се наоѓаат станбените населби, веќе во функција се десет магацини, надгледувани од компаниите „Горилас“, „Гетир“, „Флинк“ и „Зап“. Меѓутоа, граѓаните се жалат дека камионите ноќе се растовараат во незгодно време и се паркираат на велосипедската патека. Куририте чекаат на јавниот простор, дури до доцна во ноќта. Го оставаат ѓубрето насекаде и ги нарушуваат јавниот ред и мир. Поради тоа, и неколку други локации се под силен општински надзор, а градскиот совет на Амстердам подготвува рамка за тоа како да постапува со ваквите магацини.
Амстердам не е единствениот град што почна да презема мерки. Францускиот град Лион, наводно, ставил вето на отворањето магацини на крајот на 2021 година, велејќи дека тоа го нарушува јавниот простор. Во Париз исто така е потребна дозвола за отворање магацин. Компаниите за испорака на намирници тврдат дека се отворени за дијалог со градските совети и кога одреден магацин предизвикува проблеми и кога станува збор за потенцијални нови закони.