Системот „ХЕЛМА-П“ може да стрела со моќни ласерски зраци што ги загреваат дроновите до точка каде што тие ќе се запалат или ќе прегреат и ќе се исклучат, открива Сиаофеј Су за „Си-ен-ен“

Безбедноста на олимпијците и на посетителите е меѓу приоритетите на француските безбедносни служби

Одбојка на плажа додека во заднина се гледа Ајфеловата кула, коњички дисциплини во прекрасната градина на палатата Версај и церемонијата на отворање на Сена се нештата со кои Франција планира да ги шармира посетителите од целиот свет, со сè што има да понуди Париз за време на Летните олимписки игри во 2024 година. Најновиот, но помалку гламурозен додаток во олимпискиот арсенал е системот за ласерско оружје, чија цел е да уништува дронови што ја загрозуваат безбедноста.
Француското министерство за вооружени сили во јуни објави дека нарачало еден прототип на систем за ласерско оружје против дронови, наречен „ХЕЛМА-П“, кој треба да биде распореден за Олимпијадата во Париз во 2024 година. Овој прототип, исто така, ќе помогне да се „продлабочи знаењето на војската за неговото распоредување“, бидејќи кампањата против дронови е приоритет поставен од француското министерство за вооружени сили за периодот 2019-2025 година, се вели во соопштението. Системот „ХЕЛМА-П“ може да стрела со моќни ласерски зраци што ги загреваат дроновите до точка каде што тие ќе се запалат или ќе прегреат и ќе се исклучат, според главниот инженер за вооружување во Генералниот директорат за вооружување на министерството, задолжен за развој и набавка на оружје.

Справување со заканата

Заканите од дронови експоненцијално се зголемија во последниве години, вклучувајќи и за големи настани како што се олимпијадите, според Филип Грос, виш научен соработник во француската безбедносна и одбранбена Фондација за стратегиски истражувања. Дроновите може да се користат за скенирање и пребарување дадена област за да се идентификува локацијата на можните цели. Тие, исто така, може да се модифицираат за да носат оружје или експлозиви.
Освен ласерската единица, системот против дронови ќе вклучува и радарски и радиофреквенциски сензори, кои ќе помогнат во лоцирањето на беспилотните летала. Откако е идентификувано, оружјето развиено од ЦИЛАС, во сопственост на францускиот одбранбен гигант „Аријана груп“, има дострел од еден километар. Но употребата на такво моќно оружје во густо населениот Париз, каде што посетителите од целиот свет ќе се собираат за да ја следат Олимпијадата, предизвикува загриженост за безбедноста. Од тимот што ќе оперира на теренот ќе се очекува да утврди дали треба да собори дрон или не. Системот за ласерско оружје, исто така, е еден од најисплатливите начини за справување со растечките закани од дронови во урбаните области, според експертите.

Предности на новото оружје

Грос вели дека една од причините зошто ласерите се интересни е тоа што, во споредба со ракетите за пресретнување, нема експлозив, па дури и ако дронот експлодира, само неговите остатоци ќе паднат што, генерално, носи помала колатерална штета. Ласерското оружје нуди други предности, вклучувајќи прецизност и ниска оперативна цена, не му треба муниција, што помага да се објасни неговата зголемена популарност меѓу воените сили како што се САД, Кина, Франција и Велика Британија.
Поконкретно за превенција од беспилотни летала, системот „ХЕЛМА-П“ и други слични системи за ласерско оружје ја пополнуваат празнината каде што традиционалните алатки против дронови се борат да бидат во чекор со новите случувања во технологијата во оваа сфера. Грос истакнува дека проблемот е што беспилотните летала стануваат сè поавтономни и можат да летаат подалеку без некој да го контролира нивното движење. Ова значи дека традиционалниот начин на попречување на сигналите помеѓу дроновите и операторите би можел да стане застарен. Во моментов, ласерското оружје против дронови сè уште има многу слабости, како влијанието на лошото време на нивната точност и ефикасност.
За туристите што ќе го посетат Париз во 2024 година, Министерството за вооружени сили увери дека неговото ласерско оружје нема да предизвика премногу одвлекување на вниманието на јавноста.