Ако деловната сфера во Украина не може да добива осигурителни услуги, тогаш нејзината економија ќе пропадне, вели Елизабет Броу за „Форин полиси“

Кога осигурителните компании имаат поголемо влијание од оружјето

Повеќето очи во моментов се вперени во сателитските фотографии од руската граница со Украина, меѓутоа подобро е да се проучат осигурителните табели. Бизнисот во Украина станува сè потешко да се осигури. Всушност, осигурителните компании почнаа се држат настрана од земјата, а без осигурување, нема бизнис. Дури и без да испрати ниту еден војник преку граница, Русија би можела да ја прегази економијата на Украина.
Во Лондон, Заедничкиот воен комитет (ЗВК) се состанува секој квартал. Ако избие криза, ЗВК свикува вонреден состанок. Комитетот е осигурителна групација, составена од директори од поморските и класичните осигурителни компании. Затоа е многу важно како осигурителите проценуваат земја, регион или главни трговски премини. Осигурителните друштва што беа подготвени да го прифатат ризикот, неизненадувачки ги зголемија премиите. Секретарот на комитетот истакна дека во изминатиот период се анализирала состојбата во Украина. Досега немало заплени или напади на комерцијални бродови. Комитетот не сака да ја разгорува состојбата со тоа што ќе ја прогласи Украина за област од зголемен ризик, меѓутоа ќе продолжи будно да ги следи настаните. За ЗВК, да се внимава на Украина значи да се процени ризикот за цивилните бродови во Црно Море, преку кои земјата прима и извезува огромни количества стоки. Минатата година, црноморското јужно пристаниште обработи речиси 53,5 милиони тони товар, од кои повеќе од 45 милиони тони пристигнуваа или заминуваа за други земји. Иако Русија е најголемиот трговски партнер на Украина, по која следува Германија, Киев тргува со стоки од целиот свет.

Борба на радари

Овие денови, ризиците со кои се соочуваат товарните транспортери не вклучуваат само заплени туку и попречување во сигналот на бродските радари. Таквото попречување, кое покажува дека бродот се наоѓа на друга локација, го збунува екипажот и може да предизвика судири. Радарите и дигиталните мапи исто така го прикажуваат бродот на лажна локација, што може да биде корисно за земја што сака да предизвика хаос. Такво попречување веќе се случува. Во неколку наврати, цивилните бродови што патуваат во Црно Море се соочиле со мистериозни проблеми со ГПС, кое покажало дека бродовите се во различен дел од Црно Море или дури и на копно.

Осигурителните компании се плашат од ризични земји

Ако ЗВК заклучи дека е неизбежна ескалацијата во Украина и нејзините соседни води, брзо ќе се состане и ќе ја категоризира земјата како ризична, како што се оценети и делови од Еритреја и Либија. Како резултат на тоа, делови од тие земји ќе бидат избегнувани од страна на поморските бизниси. Тоа би значело дека дури и компаниите што сакаат да носат стоки до и од пристаништата во земјата ќе се борат да најдат осигурител, а без осигурување, бизнисот е премногу опасен. Во западните земји, тоа е исто така нелегално.
Осигурителите од политички ризици, кои обично опфаќаат осигурување загуби предизвикани од политички настани, веќе ја донесоа таа одлука. Кога Лора Барнс, постара потпретседателка во осигурителниот брокер ВТВ, и нејзиниот тим неодамна ги испитаа 60-те осигурителни компании што во последните години беа подготвени да ги осигурат деловните операции во Украина, тие открија дека само три од нив сега се подготвени да го преземат ризикот, но дури и тие се претпазливи. Осигурителите, исто така, гледаат какви стоки има компанијата во земјата и дали тие ризикуваат да бидат конфискувани или одземени во случај на војна. Во изминатите неколку години, вртоглаво се зголемија стапките на осигурување за Украина, освен Донбас, од кој осигурителните друштва неизненадувачки се држат подалеку. Во 2016 година, компаниите обично годишно плаќаа премија за осигурување од 55.000 долари. Според Барнс, денес премијата е 250.000 долари, и тоа ако компанијата успее да добие осигурување.

Кога станува збор за конфликти, осигурителните компании се првиот аларм за можен конфликт. Бидејќи тие плаќаат ако компанијата стане жртва на насилство или други несреќи, тие исклучително се приспособуваат на можните ризици. Осигурителните компании веќе прават анализи за да увидат како можат да влијаат ризиците на другите земји. Тоа значи дека премиите за осигурување од политички ризик за земја како Молдавија наскоро би можеле да се зголемат.
Телата како што е ЗВК и осигурителите што одлучуваат што да се осигури и каква премија да наплатат се тимови од приватниот сектор и немаат обврска да преземаат ризичен бизнис во свет што станува потурбулентен, дури и кога е силно глобализиран. За несреќа на Украина, тоа значи дека Русија може да го фрли на колена украинскиот бизнис без да премести ниту еден војник преку граница.