Со зголемените трошоци за храна растат и политичките ризици

Владите и невладините организации со право го вклучија алармот за акутната прехранбена криза што се подготвува за главните земји увозници на храна низ Африка и Блискиот Исток, поттикната од високите цени на основните прехранбени производи. Анкетираните Европејци повеќе се загрижени за цената на храната отколку за цената на бензинот

Растечката глобална несигурност за храната е многу актуелна во последно време во медиумите, со инфлациските притисоци поврзани со пандемијата, што го влоши конфликтот на истокот од Европа и предизвика загриженост дека шоковите на цените на житото и маслото за јадење може да траат до 2023 година. Владите и невладините организации со право го вклучија алармот за акутната прехранбена криза што се подготвува за главните земји увозници на храна низ Африка и Блискиот Исток, поттикната од високите цени на основните прехранбени производи. Во богатите земји, оптоварувањето од зголемувањето на цените на храната е поиндиректно, како и неговите ефекти. Особено Европската Унија (ЕУ) е главно самодоволна кога станува збор за производство на храна, но таа се потпира на увоз, како што се протеините за добиточна храна и состојките на вештачките ѓубрива, како и на енергија.

Прашањето веќе стана политички фудбал, како во домашната политика така и во опозициски партии на континентот, против зголемените трошоци за живот и во геополитиката, додека рускиот претседател Владимир Путин се обидува како алатка да ги користи храната и вештачкото ѓубриво за да извлече отстапки од европските влади во форма на ублажување на санкциите во замена за укинување на блокадата на пристаништата во Украина за да дозволи пратките со храна да стигнат до светските пазари. Последиците за бизнисот ќе бидат значителни, и во однос на одговорите на европската политика и севкупната политичка нестабилност меѓу земјите од ЕУ додека се одолжува конфликтот во Украина, која заедно со Русија е меѓу првите пет извозници на жито на глобално ниво.

Во петте најголеми европски економии, потрошувачите пријавуваат повисоки нивоа на несигурност за храната отколку во кој било момент лани. Поголем дел возрасни граѓани во секоја земја велат дека очекуваат повисоки сметки за прехранбени артикли, а помал дел велат дека се „многу сигурни“ дека можат да си дозволат и дека има доволно разни видови храна. Германците доживеаја некои од најголемите промени, со тоа што за 25 отсто се зголеми делот на граѓани што очекуваат зголемување на цените на храната во следните 12 месеци, додека за 16 отсто се намали делот што се уверени дека можат да купат храна.

Зголемените цени на нафтата придонесоа многу повеќе за растот на вкупната инфлација отколку цените на храната. Меѓутоа, во посебна анкета, конкретно поврзана со политичкото расположение по избивањето на украинскиот конфликт, анкетираните Европејци повеќе се загрижени за цената на храната отколку за цената на бензинот. Ова најверојатно се должи на тоа што не купува секој бензин, но секој мора да јаде.

Покрај непосредното влијание врз потрошувачите и нивните навики за купување, зголемените трошоци за живот ќе ги поттикнат активностите на опозициските партии низ Европа, што ќе ги натера актуелните влади да се заштитат од идните изборни предизвици. Ова прашање се одрази врз неодамнешните изборни циклуси во повеќе европски земји. Во Унгарија, актуелниот претседател Виктор Орбан ги замрзна цените на шест основни прехранбени артикли во пресрет на неговиот убедлив реизбор. Исто така во април, Марин Ле Пен ја предводеше француската десничарска партија Национален фронт на претседателските избори, чија кампања се фокусира на зголемените трошоци за живот и на незадоволството на француската средна класа. Во земјите без национални избори во претстојниот период, актуелните влади сè уште преземаат активности за да се изолираат од критиките од опозициските партии. Велика Британија објави пакет трошоци од 18,8 милијарди долари за поддршка на домаќинствата погодени од зголемените трошоци за живот. Италија донесе слична мерка, а шпанската и португалската влада успешно лобираа во Брисел да дозволи привремени ограничувања на цените на енергијата.

Како што расте незадоволството на јавноста, а опозициските партии низ континентот го искористуваат тоа поради зголемените цени и несигурноста на храна за да ги предизвикаат актуелните функционери, треба да се очекуваат повеќе краткорочни политички одговори од актуелните влади, вклучувајќи и привремено зголемување на државната помош за земјоделците и земјоделските компании и намалување на ДДВ на храната. Додека намалувањето на ДДВ за храната е нето-позитивно за агробизнисот, државната помош за европските земјоделски и риболовни компании ќе биде од корист само за локалните ентитети, нарушувајќи го пазарот за странските конкуренти. Напорите за воведување насочени забрани за извоз на прехранбени производи, исто така, продолжуваат да се појавуваат, иако ЕУ формално се противи на таквите забрани.