Како што се приближува мадридскиот самит на НАТО закажан за крајот на јуни, сè погласна станува дебатата за тоа дали сојузниците трошат премалку за одбрана. Министрите за одбрана на НАТО во 2006 година ветија дека годишно за одбрана ќе трошат најмалку 2 отсто од БДП. Денес тоа прашање стана вистински предизвик за Алијансата – особено за Американците, кои инсистираат на фактот дека другите трошат премалку. Но за НАТО постојат многу поитни грижи од следењето на овие бројки. Лидерите би требало да поставуваат посериозни прашања за начинот на трошење на парите и споделувањето на безбедносниот товар, а не да бидат опседнати од тоа колку пари дава секоја од членките

Анализа на „Форин полиси“ за двата отсто од БДП за одбранбените трошоци на членките на НАТО

Благодарение на децениското „хронично недоволно вложување на европските држави во своите војски“, тоа, очекувано, доведе до значителни празнини во нивниот капацитет за изведување воени операции. Последователно, тоа значеше дека САД, кои трошат над 3 отсто од БДП за одбрана, апсорбираа лавовски дел од трошоците поврзани со „чувањето“ на Европа. Како што се спомнуваше во разговорите за време на велшкиот самит во 2014-та, САД би биле многу поподготвени да продолжат со вложувањата во трансатлантската безбедност доколку НАТО-членките трошат барем 2 отсто од својот БДП за одбрана.

Зошто утврдената цел од 2 отсто се покажа како оперативно недостаточна и стратегиски контрапродуктивна?

Да ги убедите сите шефови на држави во НАТО да прифатат минимална граница од 2 отсто за воениот буџет – тоа беше успех достоен за почит. До ова можеби и немаше да дојде доколку порано истата година Русија не извршеше инвазија врз Украина. Но утврдената цел од 2 отсто се покажа дека е оперативно недостаточна и стратегиски контрапродуктивна.
Конечно, без постоење на сериозни приспособувања во однос на стратегиските дискусии, фокусирањето само на минималната сума од 2 отсто за одбрана ѝ штети на релевантноста на Алијансата – наедно и на јавната поддршка за неа.
Минималната цел од 2 отсто главно беше замислена како политички механизам – на пример, да им се помогне на министерствата за одбрана да се изборат со буџетските кратења, наметнати од министрите за финансии. Меѓутоа, бројката од 2 отсто е повеќе влезен отколку излезен резултат. Со други зборови – прашањето како се трошат тие 2 отсто е многу поважно од она дали земјите трошат доволно.
И покрај тоа што постои жешка дебата за прашањето колку рускиот несмасен пристап во војната со Украина се должи на технолошка слабост или руска стратегиска некадарност, нема никаков сомнеж дека е потребно да се преиспитаат некои одбранбени инвестиции, вклучувајќи ги и оние што се неопходни за посилна територијална одбрана – заедно со поморската и воздушната – на североисточната НАТО-граница, која наскоро ќе биде проширена.
Соочена со веројатноста за понатамошна руска агресија, како и со Авганистан зад грбот, Алијансата ќе стави нов акцент на територијалната одбрана и одвраќање. Тоа е поголем трошок во однос на луѓе одошто на експедициски операции, а како што ќе ви каже секој воен економист – луѓето се изненадувачки скапи. Да, голем број европски држави, вклучувајќи ја и Германија, по случувањата во Украина донесоа одлуки за поголеми одбранбени трошоци, но како ќе се трошат тие средства?

Безбедносните димензии на комерцијалните инвестиции имаат влијание врз Алијансата

На стратегиско ниво, минималната сума од 2 отсто за воен буџет стана уште попроблематична. Алијансите се рамки за комуникација и соработка меѓу државите, кои зафаќаат многу поширок и поголем простор од оној што се однесува само на безбедност и одбрана; користа од НАТО за САД оди многу подалеку од воена соработка. За жал, минималниот лимит од 2 отсто ја пренасочува темата за споделување на безбедносниот товар кон тема за споделување на трансакциските трошоци. Сепак, вредноста на сојузите не може да се мери во долари и евра.
Опасноста од преголемо нагласување на минималната сума што на европските партнери можеби не им одговара, некако придонесува за впечатокот дека САД на некој начин се измамени. Американската поддршка за НАТО можеби е силна кај традиционалниот естаблишмент во надворешната политика, но во време на рапидно менување на домашната политика на Вашингтон, и таа станува потенцијално кревка.
Економските и политичките динамики се круцијално важни за безбедноста на нацијата, а од перспективата на јавноста во членките на НАТО, тие се можеби и поважни од воените способности. Европските држави се во првите борбени редови кога се работи за справување со предизвиците како што се дезинформирањето и сајбер-војувањето, кои се од витално значење, но не се рефлектираат целосно во воените буџети.
Токму поради ова веројатно и постои членот 2 во НАТО: да истакне дека економската и политичката стратегија мора да ги зајакнат заложбите на воената алијанса. Како што демонстрираа вложувањата на кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ во земјите од НАТО, неуспехот во земањето предвид на безбедносните димензии на комерцијалните инвестиции може да има неповолно влијание врз Алијансата. Подобро е разговорот за споделувањето на товарот да се однесува на пошироките размени и ризиците поврзани со избирањето безбедност за Алијансата пред комерцијалната профитабилност. Трошоците за ваквите обврски на НАТО во Европа се ретко спомнувани во вашингтонските дискусии.

Држејќи го фокусот само на процентот од 2 отсто, Алијансата ќе ја промаши
поголемата цел

Кога владите на НАТО ќе се сретнат во Мадрид, тие ќе дадат поддршка за ажурираниот Стратегиски концепт – документ за тоа како Алијансата гледа (и како треба да се подготви) на тековното и идното стратегиско опкружување. Сепак, за тој концепт да се претвори во значајна и одржлива политичка реалност, Алијансата мора да организира мачен, но неопходен разговор за повторното одредување калибар за споделување на товарот и да го вметне ова ново разбирање во секое имплементирано упатство што го развива за Стратегискиот концепт.
Стратегиските и оперативни лекции што произлегоа од украинската војна треба да се дел од дискусиите за поделба на безбедносната одговорност; за време на овој процес, сојузниците можеби ќе дознаат дека 2 отсто е неопходен минимум, но не и доволна целосна распределба на ресурсите потребни за исполнување на барањата на идното војување.
Конечно, доколку реториката на постојаното „тропање на тапани“ во однос на тие 2 отсто продолжи, НАТО ќе се најде во многу опасна позиција, каде што може да си наштети себеси исто толку колку и на ривалите. Овде не се работи за теорија – актуелната силна јавна поддршка за НАТО би можела да спласне со продолжувањето на војната во Украина, а и со разликите во политичката волја кај јавноста во државите-членки.
Русија и понатаму останува закана за најисточните соседи на Алијансата, без оглед на тоа кога ќе заврши војната во Украина – да не ги спомнуваме многубројните преостанати безбедносни предизвици со кои НАТО треба да се справува.
За да ја запре Русија и да ја брани Европа, НАТО мора да има вистински стратегиски дискусии за начинот на својата работа и модернизација. Држејќи го фокусот само на сумата потрошени долари и евра, Алијансата ќе ја промаши поголемата цел. Ниту една членка на НАТО – а особено не САД – не може да си го дозволи тоа, заклучува „Форин полиси“.