Западноафриканскиот производител „Нигерија ЛНГ“ е преплавен со барања за гас од страна на европските држави

Африканските земји се меѓу оние што се надеваат на зголемување на нивниот извоз на гас во ЕУ, откако Брисел се обврза дека ќе ја намали својата зависност од руските испораки поради кризата во Украина, вели Иџеома Ндукве за „Би-би-си“

Европските земји во потрага по нови извори на енергенти

Рускиот прекин во испораките на гас за Полска и за Бугарија, поради нивното одбивање на платат во рубли, претставуваше сериозен потсетник на заканата со која се соочува еврозоната. Русија располага со најголеми резерви на природен гас во светот, а со оглед на тоа што 40 отсто од увозот на гас во Европа отпаѓа на неа, таа е наедно и најголем светски извозник. Европската Унија (ЕУ) сака да го намали снабдувањето со руски гас за две третини до крајот на годината, но и да стане независна во однос на фосилните горива до 2030 година. Меѓутоа, економистката за енергетика Керол Накли вели дека со комбинираниот извоз на големите африкански играчи во индустријата, како што се Алжир, Египет и Нигерија, кој изнесува помалку од половина од руската испорака за Европа, „тешко дека тие ќе компензираат какви било загуби во однос на рускиот гас“. Сепак, за тоа ќе биде потребно време, поради различните логистички проблеми кај главните извозници на континентот.

Италија склучи договор со Алжир

Алжир се наоѓа во добра позиција да ја искористи промената на ЕУ во енергетската политика. Оваа северноафриканска држава е најголем извозник на природен гас во регионот и во моментов има добро поврзана гасна инфраструктура со Европа. Минатиот месец, италијанскиот премиер Марио Драги потпиша нов договор за снабдување со гас од Алжир, зголемувајќи го увозот на гас од оваа земја дури за 40 отсто. По почетокот на руската специјална воена операција во Украина, ова беше првиот голем договор на Италија за пронаоѓање алтернативни гасни резерви.
Сепак постои загриженост во врска со способноста на Алжир за зајакнување на капацитетот, имајќи ги предвид зголемената домашна потрошувачка, недоволните инвестиции во производството и политичката нестабилност – вели Ува Осадиеје, потпретседател на компанијата за финансиски услуги и анализа на податоци „ФБНквест мерчант банк“.
Тој истакна дека во последно време, количеството на алжирскиот гас што се извезува во Европа нагло опадна поради спорот со Мароко, од 17 милијарди на само девет милијарди кубни стапки годишно, што резултира со затворање на важниот гасовод до Шпанија. И покрај резервираноста во поглед на договорот со Алжир, тој сепак беше поздравен како солиден прв чекор за Италија, која е втор по големина купувач на руски гас во Европа. Италијанските министри допатуваа и во Ангола и Конго, каде што потпишаа нови договори за испорака на гас, а Италија, во обид да ја прекине својата зависност од Русија до средината на 2023 година, ги разгледува можностите за соработка и со Мозамбик.

Нигерија сака да се наметне како сериозен играч

Во меѓувреме уште од почетокот на конфликтот во Украина, западноафриканскиот производител на течен природен гас „Нигерија ЛНГ“ е преплавен со барања за гас од страна на европските држави. Во моментов, Шпанија, Португалија и Франција се трите клучни пазарни дестинации за гасот на „Нигерија ЛНГ“, а, според извор што сака да остане анонимен, компанијата е во можност да ги реализира само постојните договори со купувачи. Тој наведува дека постојат безброј проблеми што ја попречуваат компанијата во зајакнувањето на производството, вклучувајќи ги и пропаѓањето на гасните бунари и недостигот од финансиски средства за активности по горното течение на реките.
Според Енди Одех, генерален директор за надворешни односи и одржлив развој во „Нигерија ЛНГ“, за да се решаваат проблемите, компанијата води тековни преговори со снабдувачите на природен гас. Тој се надева дека од крајот на годинава натаму производството на течен гас ќе биде зголемено. Според новиот гасен проект на „Нигерија ЛНГ“, наречен „Треин 7“, до 2025 година се планира годишниот производствен капацитет од 22 милиони тони да се зголеми за 35 отсто. Во секој случај, договорите со купувачи главно од Европа веќе се реализираат.
Компанијата исто така спроведува студија за оправданост уште за еден проект, „Треин 8“, со кој снабдувањето дополнително би се зголемило. Истовремено, оваа западноафриканска држава е клучен играч во одложениот проект за транссахарски гасовод, со должина од 4.400 километри, кој ќе тргнува од Нигерија, ќе поминува преку Нигер и ќе доаѓа до Алжир, соединувајќи се со тамошната гасоводна инфраструктура и поврзувајќи ги земјите од Западна Африка со Европа. Овој проект беше промовиран уште во 1970-тите, но беше оневозможен заради безбедносни закани, загриженост околу животната средина и недостиг од финансии. На состанокот одржан во февруари, регионалните власти ветија дека конечно ќе го реализираат. Сепак, Кајоде Томас, извршен директор на „Бел оил енд гас“, вели дека сè поактуелен станува еден друг проект, гасоводот меѓу Нигерија и Мароко, кој треба да ја поврзе инфраструктурата на Западна Африка со онаа на Мароко, за да стигне до Европа. Проектот, кој е проценет на 20 милијарди американски долари и кој ќе поврзува 13 западни и северноафрикански земји, ќе се гради во фази и се планира да биде завршен за 25 години.
Накли смета дека ова европско „свртување“ кон увоз на гас од Африка би можело да биде од корист и за држави како Танзанија и Мозамбик, иако големиот проект што во моментов таму го води францускиот гигант „Тотал“ е ставен на чекање заради големиот напад на исламски милитанти во оваа област. Меѓутоа, според неа, на среден и на долгорочен план, ќе следуваат поголеми инвестиции во зголемувањето на капацитетот за искористување на резервите на гас и негов транспорт до Европа.