Германија реши да се оттргне од светската потрошувачка на месо со тоа што усвои нови политики и исхрана што ќе биде на растителна основа, пишува Кени Торела за „Вокс“

Новооткриена љубов за вегетаријанска храна

Германија е една од малкуте места во светот каде што брзо се намалува потрошувачката на месо. Во 2011 година, Германците годишно јадеа 62,5 килограми месо, а денес таа бројка изнесува 54,8 килограми, што претставува намалување од 12,3 отсто. Поголем дел од овој пад во потрошувачката беше забележан во последните неколку години, кога речиси двојно се зголеми продажбата на растителната храна. Трендот е спротивен речиси секаде на планетата, каде што потрошувачката на месо брзо се зголемува, од граѓаните во земјите со ниски приходи, кои додаваат повеќе месо во нивната исхрана како што се зголемуваат приходите, па сè до богатите земји, каде што потрошувачката на месо повеќе или помалку држи постојано високо ниво или продолжува полека да се зголемува.
Зад причините за новооткриената љубов на Германија за вегетаријанска храна, всушност, се крие фактот како да се забават климатските промени и како да се подобри целокупното здравје. Производството на месо и млечни производи сочинува околу 15 отсто од глобалните емисии на стакленички гасови, а потрошувачката на месо по жител во повеќето земји далеку ги надминува препорачаните 25,8 килограми годишно од панелот од експерти за клима и исхрана како дел од Комисијата за исхрана на „Лансет“.
Активистите за заштита на животните и за заштита на животната средина во Германија велат дека нема единствено објаснување зошто нивните луѓе се откажуваат од (дел од) месото и повеќе се одлучуваат за растителна храна. Една анкета покажа дека, од 2016 до 2020 година, бројот на вегани во Германија се удвоил, погодувајќи 2,6 милиони луѓе или 3,2 отсто од населението. Голем скок, но недоволен за да се објасни остриот пад на потрошувачката на месо во земјата. Експертите велат дека порастот на флексибилните вегетаријанци, оние што ја намалуваат, но не ја елиминираат нивната потрошувачка на месо, може да се должи на голем број скандали во последниве децении што го ставија германскиот сектор за месо под лупа. Обелоденетите наводи за принудна работа во погоните за колење, извештаите за расипано месо што се продава низ целата земја, појавата на птичји и свински грип и истрагите за суровост врз животните можеби влијаеја на ставовите кон месото. Но истите проблеми се појавуваат на други места со многу помал ефект врз исхраната. Она што се чини дека ја издвојува Германија се нејзините млади луѓе, кои се длабоко загрижени за климатските промени и ја гледаат реформата на системот за храна како еден од начините да се намалат емисиите на стакленички гасови во нивната земја.

Младите без проблем јадат зеленчук и овошје

Во истражувањето на лица од 15 до 29-годишна возраст во 2021 година, кое го спроведе фондацијата „Хајнрих Бол“, 12,7 отсто од испитаниците се идентификувале како вегетаријанци или вегани, што е околу двојно повеќе од стапката на Германија како целина, според организацијата. Неодамнешното истражување на германската влада покажа дека младите на возраст од 14 до 29 години пријавуваат дека купуваат производи од растително потекло со малку повисоки стапки од оние на возраст од 30 до 44 години и многу повеќе од оние над 60 години. Овој ентузијазам може делумно да се објасни со движењето „Петоците се за иднината“ предводено од младите, кое е популарно во Германија. На веб-страницата на германското движење, барањата за политика на организацијата за земјоделскиот сектор вклучуваат преполовување на потрошувачката на месо до 2035 година, што е натамошен пад од 60 килограми месо врз основа на стапките во 2021 година. Сепак, истражувачите на животната средина истакнаа дека дури и ако утре се исфрлат од употреба фосилните горива, нема да може да се исполнат глобалните климатски цели без да се намалат емисиите од земјоделството.
Се чини дека чувството „за јадење помалку месо“ веќе сериозно се сфаќа во некои делови на германската федерална влада. Џем Оздемир, министерот за храна и земјоделство на земјата и член на Зелените, неодамна ги наведе промените на исхраната да бидат повеќе базирани на растителна основа како прв од четирите приоритети во претстојниот план за стратегија за исхрана на агенцијата. Двајца други германски министри, исто така, повикаа на намалување на потрошувачката на месо. Германските министри, сепак, не треба да имаат проблем да најдат поддршка кај следната генерација гласачи, бидејќи мнозинството од нив велат дека Владата треба да ги охрабри луѓето да се фокусираат на исхрана што не ѝ наштетува на климата.

Растителна револуција во Германија

Ваквиот тренд не се должи само на промената на политичките ставови. Квалитетот и достапноста на храната од растително потекло се значително подобрени поради иновациите од рестораните, стартапите за технологија за храна и големите прехранбени компании. „Ругенвалдер муле“, германска компанија за месо основана во 1834 година, започна со производство на месни производи од растително потекло на крајот на 2014 година и објави дека, во 2021 година, нејзината продажба на месо од растително потекло ја надминала продажбата на месо од животинско потекло. Целиот сектор бележи експлозивен раст во последниве години. Продажбата на намирници на растителни производи во Германија се зголеми речиси двојно од 2018 до 2020 година, од 424 милиони долари на 835 милиони долари. Додека потрошувачката по жител е намалена, бројот на одгледувани животни по лице е зголемен. Тоа е затоа што Германците јадат повеќе пилешко.

Белото месо замена за црвеното

Германците јадат приближно исто количество говедско месо како во 2011 година, но многу помалку свинско месо. Меѓутоа, големиот пад на свинското месо резултира со намалување од околу една шестина од свиња по лице. Сепак, зголемувањето на потрошувачката на живина од 12,5 отсто резултира со речиси едно дополнително одгледувано пиле за секој од 83 милиони жители на Германија, бидејќи кокошките се многу мали. Тој тренд на потрошувачка на живина што расте побрзо од потрошувачката на свинско и говедско месо се појавува низ целиот свет во последните неколку децении, бидејќи поедноставената јавно здравствена порака е дека црвеното месо е лошо, а белото месо е поздраво. Во последниве децении, некои екологисти се залагаат за замена на црвеното месо со бело, бидејќи црвеното месо, особено говедското, испушта многу повеќе стакленички гасови од белото. Иако промената во исхраната од црвено кон бело месо можеби ги забави климатските промени, таа сериозно го влоши страдањето на животните. Не само што се одгледуваат многу повеќе кокошки отколку во минатото, 70 милијарди на глобално ниво секоја година во споредба со 6,5 милијарди во 1961 година, туку тие обично се третираат многу полошо од говедата и свињите, а исто така придонесуваат за загадување на воздухот и водата на ист начин.
Деценискиот пад на консумацијата на месо во Германија покажува дека навистина е возможно да се промени исхраната со висока содржина на месо, задача што долго време се чинеше невозможна во однос на 10.000-годишната љубов на човештвото со припитомување животни за месо. Но, тоа, исто така, покажува дека промената, кога е многу фокусирана на емисиите на стакленички гасови, може да има и ненамерна последица на зголемено страдање на животните.