Двете земји разменија меѓусебни гаранции за низа регионални прашања

Заедничкото соопштение што го објавија на денот на отворањето на Зимските олимписки игри е најјасниот израз на долгорочните напори на Кина и на Русија да покажат единство пред Западот, пишува Марк Епископос за „Нешенел интерест“

Олимписките игри како повод за средба на државни лидери

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Си Џинпинг се сретнаа на првиот ден од Зимските олимписките игри во Пекинг за да покажат невидено единство. Во заедничкото соопштение објавено на денот на отворањето се вели дека „пријателството меѓу двете држави нема граници. Нема ’забранети’ области на соработка, зајакнувањето на билатералната стратегиска соработка не е ниту насочено против трети земји, ниту е засегнато од променливото меѓународно опкружување и случајните промени во трети земји“.
Изјавата може да се протолкува како предупредување за Вашингтон, при што Москва и Пекинг се спротивставија на „понатамошното проширување на НАТО“ и ја повикаа Алијансата да „се откаже од своите идеологизирани пристапи на студената војна“. На почетокот на соопштението беа разоткриени „обидите на одредени држави да ги наметнат своите сопствени ’демократски стандарди’ на други земји“, отсликувајќи ги точките ставени во авторски текст од ноември 2021 година, испратен од амбасадорите на Русија и на Кина во САД, Анатолиј Антонов и Чин Ганг. Во соопштението се инсистира дека и Кина и Русија имаат „долгогодишни традиции на демократија“, додавајќи дека „само народот на земјата одлучува дали нивната држава е демократска“.
Двете земји разменија меѓусебни гаранции за низа регионални прашања. Кинеската страна е сочувствителна и ги поддржува предлозите изнесени од Руската Федерација за создавање долгорочни правнообврзувачки безбедносни гаранции во Европа, се вели во соопштението, повикувајќи се на безбедносните предлози во однос на НАТО и на Вашингтон објавени од руското министерство за одбрана во декември. Русија ѝ се придружи на Кина во изразувањето сериозна загриженост за трилатералниот одбранбен сојуз АУКУС меѓу Австралија, САД и Велика Британија, со изјавата во која се наведува дека Алијансата ги поткопува „целите на безбедност и одржлив развој“ во Азиско-пацифичкиот Регион. Двете страни тврдеа дека се противат на „политизацијата“ на тековните истраги за потеклото на пандемијата на ковид-19.

Средбата на Путин и Си доаѓа во време на актуелниот ќор-сокак меѓу Русија и Западот околу Украина, при што Москва е обвинета за распоредување над 100.000 војници по должината на источната граница на земјата, што официјален Кремљ го негираше. Заедничката изјава беше придружена со триесетгодишен договор за гас меѓу Москва и Пекинг, според кој, ќе се изгради нов гасовод за снабдување на Кина со 10 милијарди кубни метри гас годишно. Договорот, кој ќе биде склучен во евра, треба значително да го прошири веќе значителниот обем на извоз на гас на Русија со Кина. Договорот нема да ѝ дозволи на Москва да го пренасочува гасот, инаку предвиден за Европа, бидејќи рускиот кинески и европски пазар се потпираат на различни мрежи на гасоводи. Сепак, договорот може да ѝ помогне на Москва да ги ублажи финансиската штета и нестабилноста од потенцијалните западни санкции.
Само неколку часа пред состанокот, портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, ја предупреди Кина дека Вашингтон и неговите сојузници „имаат низа алатки“ да му возвратат на Пекинг затоа што ѝ помага на Москва да ги надмине потенцијалните санкции. Администрацијата на Бајден не ја разјасни формата што може да ја преземат овие казнени мерки.

Додека поддршката на Русија за кинеските позиции носи конкретни политички импликации, поддршката на Кина за целите на Русија е апстрактна. Си ја изрази својата поддршка за декемвриските безбедносни барања на Русија со услови што не бараат конкретни обврски од Кина и се толку ограничено формулирани што не можат разумно да предизвикаат одговор на западната политика. И покрај тоа што го обезбеди целосното одобрување на Русија за „принципот на една Кина“, Пекинг не брза да го признае Крим како суверена руска територија. Во соопштението се осудуваат „заплашувањето“ и „едностраните санкции“ во нешто што се чини дека е недискретно наменето против Вашингтон, но не се споменуваат неодамнешните еднострани санкции на Кина и принудната дипломатија против Австралија и Литванија.
Заедничката изјава е досега најјасниот израз на долготрајните напори на Кина и на Русија да претстават обединет фронт во однос на Западот. Но како што почнуваат да се обликуваат контурите на неформалната кинеско-руска коалиција, така можат да се појави и нерамнотежа во односите.

Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска