Брисел размислува за складирање минимално неопходни количества гас и планира зголемување на капацитетот на обновливите извори на енергија, пишуваат Зиа Вајс и Зосија Ванат за „Политико“

АЛТЕРНАТИВНИ РЕШЕНИЈА ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ЕНЕРГЕТСКАТА СИГУРНОСТ

Европската комисија изработи план со десет точки за намалување на зависноста на Европската Унија (ЕУ) од руски гас, како што се наведува во нацрт-соопштението до кое дојде „Политико“. Воената операција во Украина додаде дополнителна итност во напорите на ЕУ да се одвикне од увозот на руски гас, што го наведе Брисел да ја одложи својата долгоочекувана дискусија за борба со астрономски високите цени на електричната енергија и да ја претвори во план за подобрување на енергетската безбедност на континентот. Резултат од ова е предлогот за постигнување „поотпорен енергетски систем на ЕУ, со мерки за намалување на потрошувачката на гас и намалување на зависноста од еден снабдувач“, пишува Европската комисија.
Во рамките на преработениот текст, Комисијата разгледува воведување задолжителни нивоа складиран гас за земјите-членки, истакнувајќи дека за да се подготви за следната зима, на ЕУ ќе ѝ треба „просечно ниво на складиран гас од најмалку 80 отсто до 30 септември“. Според Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), огромен дел од гасот што го троши, ЕУ го добива од увоз, а минатата година Русија учествуваше со дури 45 отсто од вкупниот увоз. Нацрт-текстот беше презентиран на 8 март и содржи и неколку мерки наменети за зголемување на капацитетот на ЕУ во однос на обновливата енергија, наречени „Нова енергетска спогодба“.
Брисел бара од земјите-членки на Унијата „брзо да обележат, проценат и обезбедат соодветна достапност на земјиште и море за обновливи проекти“ и се залага за користење на приходите од пазарот на јаглерод на ЕУ за финансирање нови инсталации. Во јуни, Европската комисија ќе изнесе препорака за издавање дозволи за обновливи извори на енергија, за да се намали бирократијата и да се забрза нивното воведување, како и за самостојна соларна стратегија.

Соларните панели на покривите „може да покријат речиси четвртина од потрошувачката на електрична енергија во ЕУ“, се вели во нацртот. Сепак, се истакнува дека Унијата зависи од увоз на соларни панели и ќелии, како и дека „во 2021 година, 20-25 отсто од планираните соларни проекти на ЕУ морале да бидат одложени или целосно откажани“, најмногу поради зголемените енергетски, материјални и логистички трошоци. Соларната стратегија ќе вклучува мерки за забрзување на инсталациите и „ќе помогне да се развие вредносен синџир за соларната енергија и да се зајакне конкурентноста на Унијата, како и нејзиното справување со зависностите“.
Брисел исто така сака да ја поттикне употребата на биогасот, препорачувајќи европско производство на 35 милијарди кубни метри до 2030 година и барајќи од земјите да ги насочат средствата од заедничката земјоделска политика кон „производство на биогас од одржливи извори на биомаса“.
Покрај новите мерки, Комисијата вели дека клучна ќе биде и брзата имплементација на климатскиот законски пакет „Подготвени за 55“, кој во моментов се разгледува од страна на Советот и Парламентот. Сетот предлози вклучуваат планови со кои зградите ќе се направат енергетски поефикасни, како и рамка за проширување на капацитетот на Унијата за обновлива енергија. Според нацрт-текстот, имплементацијата на предлозите од пакетот „Подготвени за 55“ ќе доведе до намалување на зависноста на ЕУ од гас за дури 23 отсто до 2030 година.
Меѓународната агенција за енергија објави план составен од десет точки за намалување на увозот на руски гас. Меѓу другите мерки, планот препорачува обврски за минимални количества складиран гас, забрзување на распоредувањето на обновливи извори на енергија и биоенергија, како и поамбициозни планови за енергетска ефикасност.