Револуцијата во финансирањето на одбраната и енергетската политика, која Германија неодамна ја најави, би требало да биде проследена со интелектуално
будење, велат Рафаел Лос и Ангела Мерер за ЕЦФР

Дали за моторот на Европа започнува нова ера?

Воената операција на рускиот претседател Владимир Путин во Украина предизвика длабоки промени во политиките на Германија. Обраќајќи се пред Бундестагот на 27 февруари, канцеларот Олаф Шолц призна дека „со нападот врз Украина се влезе во нова ера“. Министерката за надворешни работи Аналена Бербок прокоментира дека можеби е дојдено време Германија да ја напушти својата посебна и исклучителна воздржаност во однос на надворешната и безбедносната политика. Искажувајќи пофалби за храброста на Украинците во услови на неправеден напад врз нивната слобода и суверенитет, министерот за финансии Кристијан Линднер го подготви теренот за невидено зголемување на одбранбените капацитети и отпорност на земјата. Коалициската влада на Германија, составена од Социјалдемократската партија (СДП) на Шолц, Зелените на Бербок и Слободната демократска партија на Линднер, покажа единство. Целосна поддршка вети дури и Фридрих Мерц, лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Специјален фонд за јакнење на германската одбрана

Германскиот буџет за 2022 година, кој во наредните недели ќе биде разгледуван во Бундестагот, годинава ќе биде зголемен за приближно 17 милијарди евра, исполнувајќи го така ветувањето на властите од 2014 година, дека Германија ќе троши два отсто од својот БДП за одбрана. Парите ќе се обезбедат преку специјален фонд од 100 милијарди евра за стратегиски инвестиции во зголемувањето на подготвеноста, капацитетите и способноста на германските вооружени сили. Истовремено, Шолц ги потврди посветеноста на Германија за нуклеарно одвраќање и нејзиното учество во договорот на НАТО за споделување нуклеарно оружје, зголемувајќи ги на тој начин изгледите за замена на застарениот модел „торнадо“ на германските воздухопловни сили со американскиот стелт-ловец „ф-35“. Канцеларот зборуваше и за важноста на германско-француската одбранбено-индустриска соработка, со цел опремување на Европејците со соодветни средства за одбрана, а доколку тоа е потребно, и со употреба на сила.
Овие инвестиции се од огромно значење, пред сè за пополнување на дупките во капацитетот на воените сили, кои се зголемија по крајот на Студената војна. За време на посетата на германските војници во Литванија, министерката за одбрана Кристин Ламбрехт, која е членка на СДП, загрижено истакна дека на некои од нив им недостига лична опрема што е соодветна на временските услови. За оние што ја следат германската одбранбена политика, ова не е ништо ново. Но новото светло во кое се гледаат овие проблеми даде политички поттик за вршење на неопходните промени.

Интелектуално будење покрај одбранбената револуција

Сепак, револуцијата во одбранбеното финансирање што ја најави Шолц, секако треба да биде проследена и со интелектуално будење. Значителното зголемување на германскиот буџет за одбрана од 2014 година, кога Русија изврши анексија на Крим, не резултира со сјајни резултати. Оттука, долгогодишните критичари на одлуката за трошење на два отсто од БДП за одбраната имаат право кога истакнуваат дека парите сами по себе не можат да ги решат проблемите на Германија. Покрај поголемите трошоци за пополнување на дупките во капацитетот на нејзините вооружени сили, државата мора да ги рационализира својот одбранбено-индустриски екосистем и набавните процеси.
Пред руската инвазија на Украина, лидерите на ЦДУ и на СПД го бранеа проектот „Северен тек 2“ од секакви критики за време на ланската предизборна кампања, а Бербок беше изложена на потсмев поради изјавата дека гасоводот создава геополитички ранливости. Сега, „Северен тек 2“ е само еден голем неуспех, а Роберт Хабек, заменик-канцелар и министер за економски прашања и климатска акција, има сериозна задача пред себе, и тоа да го диверзифицира германското снабдување со енергија, намалувајќи ја со тоа нејзината зависност од увоз на фосилни горива. Доколку сака да ја изврши задачата, можеби ќе треба да разбие едно долгогодишно табу, односно да дозволи преостанатите три нуклеарни централи во Германија да работат малку подолго, а со тоа да се овозможи забрзана транзиција кон обновливите извори на енергија.
Овие промени имплицираат дека од Берлин ќе произлезе нова политика кон Источна Европа што нема да дава предност на „посебниот“ однос на Германија и на Русија пред интересите на другите држави од Централна и од Источна Европа што се во ЕУ и во НАТО, но и пошироко. Меѓутоа, одржувањето на динамиката на овие промени ќе бара лидерство на сите можни нивоа.