Во обид да го намалат глобалното затоплување и да ги надоместат зголемените
трошоци за гориво, сè поголем број држави, градови и региони во Европа организираат бесплатен јавен превоз, пишува Бурак Унревен за „Дојче веле“

Промени во секторот за транспорт на Стариот Континент

Со години, експертите и политичарите бараа сериозни промени во секторот за транспорт. Додека најголемата мотивација за поттикнување на системот на јавниот превоз досега произлегуваше од желбата за контрола врз климатските промени, конфликтот во Украина додаде уште една причина: со користењето возови, трамваи и автобуси наместо автомобили, Европејците би ја намалиле потрошувачката на горива, а со тоа и зависноста на континентот од рускиот увоз на енергија.
Долниот дом на германскиот Бундестаг воведе месечен билет со голем попуст, дозволувајќи им на луѓето во Германија во јуни, јули и во август да се возат со регионален јавен превоз за девет евра месечно. Пратениците се надеваат дека оваа повластица ќе им заштеди пари на граѓаните и ќе ги поттикне да користат јавен превоз, наместо да возат автомобили. Минатата година, германската национална државна железница „Дојче Бан“ забележа околу осум милиони патници на дневна основа. Во меѓувреме, некои други европски држави веќе воведоа или планираат да воведат слични мерки за промоција на своите системи за јавен превоз.
Луксембург се гордее што е прва држава во светот што понуди бесплатен јавен превоз на целата своја територија. Почнувајќи од 1 март, никој не мора да купува билет за да ја користи мрежата за јавен превоз. Ова се однесува и на меѓународните патници и странски туристи, што не претставува никакво изненадување, со оглед на фактот дека 45 отсто од работниците секојдневно доаѓаат на работа во Луксембург од соседните земји. Со популација што во последниве две децении порасна за 40 отсто, засилената употреба на јавниот превоз за патување низ оваа мала држава би помогнала да се избегне сообраќаен метеж на патиштата. Разните видови јавен превоз, како автобуси, возови и трамваи, се финансираат од даночните обврзници.

Малта има во план јавниот превоз да стане бесплатен од 1 октомври. На тој начин, таа ќе биде втората европска држава што ќе ги укине транспортните давачки за своите граѓани и за посетителите. Владата на Малта го најави овој чекор уште во октомври 2021 година. Една од целите на оваа иницијатива е граѓаните да се одвратат од користење автомобили, изјави за „Дојче веле“ новинарот на „Тајмс оф Малта“, Бертранд Борг. И оваа програма е финансирана од страна на даночните обврзници. Точните бројки во однос на очекуваните трошоци сè уште не се објавени. Жителите треба да поднесат барање за специјален билет, кој ќе им овозможи бесплатно возење во автобуси и возови. За ист таков билет ќе може да се пријавуваат и странските туристи.
Додека цели држави, како Луксембург и Малта, организираа или имаат во план да организираат бесплатен јавен превоз, одредени градови и општини во други држави се на пат да го сторат истото тоа. Еден од нив е белгискиот град Хаселт. Овој град им е добро познат на сите транспортни експерти низ светот, поради својата одлука од 1997 година, со која сите автобуси и возови станаа бесплатни. Сепак, градските власти во 2013 година ја поништија одлуката, наведувајќи ги како причина зголемените трошоци. Сега жителите на Хаселт повторно мора да купуваат билети за јавен превоз.
Од 2013 година наваму, сите регистрирани жители на естонскиот главен град Талин можат бесплатно да се возат во градските автобуси и возови. Општината одлучи да опстане на овој чекор, делумно затоа што обичниот народ за време на избивањето на финансиската криза беше на голема мака со плаќањето патни билети. Меѓутоа, за овој план да се одржи, потребни се значајни финансиски средства. Досега системот функционираше без некои поголеми проблеми. Сепак, според зборовите на естонската новинарка Евелин Калдоја, јавниот превоз и понатаму останува контроверзна тема во државата. Ова значи, вели таа, дека само мал број граѓани го избираат јавниот превоз како средство за доаѓање на работа. Новинарката исто така вели дека и покрај оваа одлука, бројот на автомобили низ улиците на Талин не се намалува. Таа смета дека секое опаѓање на обемот на сообраќајот се должи на растот на цената на бензините. Многу делови од Естонија тргнаа по чекорите на Талин, правејќи го бесплатен јавниот превоз.

Во францускиот град Данкерк, одлуките за обезбедување бесплатни автобуси и возови доведоа до намален сообраќај. Од 2018 година наваму, жителите на овој град користат бесплатен јавен превоз. Студијата спроведена неколку месеци по носењето на одлуката покажа дека со неа жителите беа обесхрабрени да ги возат своите автомобили. И покрај тоа што две третини од испитаниците изјавиле дека зависат од автомобил, повеќето од половината рекле дека сега редовно се возат со автобус додека се движат наоколу. Околу пет отсто од нив изјавиле дури и дека достапноста на бесплатни автобуси ги убедила да го продадат својот автомобили или да не купуваат втор.
Чисто од економски причини, одредени дански острови организираа привремен бесплатен јавен превоз. Лина Јакобсен, портпаролка на „Посетете ја Данска“,за „Дојче веле“ изјави дека данската влада го изготвила овој план како поддршка за туристичката индустрија поради пандемијата на ковид-19. Летата во 2020 и 2021 година, возењето со траект до овие острови беше бесплатно за патниците без автомобил. За време на летната сезона, значително беа намалени и цените на билетите за превоз. Иако од 2022 година траектите не се бесплатни, посетителите и туристите сè уште користат бенефиции во форма на пониски цени на билетите во јавниот превоз.