Процесот на демократизација го поттикнуваат домашните актери, а не глобалните самити, порачува Јасмин Серхан за „Атлантик“

Заклучоци по неодамнешниот самит на американскиот претседател

Кога американскиот претседател Џо Бајден го свика својот виртуелен самит за демократија, предупреди дека поткопувањето на демократијата претставува „предизвик што ќе го дефинира нашето време“. Тој не згреши. Демократијата е под опсада, а оваа година беше обележена со оспорени избори, државни удари и автократска дрскост. Ова беше петта година по ред во која бројот на земји што се движат во насока на авторитаризам ги надмина оние што се движат кон демократија. Помеѓу назадните се некои од најголемите светски демократии, вклучувајќи ги Бразил, Индија и Филипините. Лошите момци победуваат. И со оглед на упорното одбивање на Доналд Трамп да ја признае својата загуба во 2020 година, дури и сопствената демократија на Соединетите Американски Држави е загрозена.
Уште кога беше кандидат за претседател, Бајден вети дека обновата на демократијата ќе биде камен-темелник на неговата надворешна политика, делумно со желбата да ги собере лидерите и претставниците на светските демократии за да се справат со авторитаризмот, да се борат против корупцијата и да ги промовираат човековите права. На виртуелниот самит се очекуваше од присутните влади да ги дадат своите ветувања за зајакнување на демократијата како дома, така и надвор. Статусот на тие ветувања ќе се разгледа повторно на средба закажана за идната година.

„Разновидна листа на демократии“

Самиот процес да се спречи назадувањето на демократијата во светот е тешка задача. Самитот на Бајден веќе се имаше соочено со очигледни пречки, вклучувајќи ја и искреноста на некои понелиберални учесници, како и ослабениот кредибилитет на Америка на темата што се работеше. Можеби најсуштинскиот предизвик беше прашањето дали дипломатијата може значајно да го постигне она што Бајден го постави.
Од над стоте држави што беа поканети на самитот, мнозинството се силни демократии. Но на списокот имаше и лидери што се одговорни за демократското назадување. Според најновиот извештај на „Фридом хаус“ за „Слобода во светот“, повеќе од една четвртина од земјите-учеснички на самитот спаѓаа во категоријата на „делумно слободни“.
При подготовките за самитот, администрацијата на Бајден се погрижи да биде претставена „разновидна листа на демократии“, изјави портпаролот на Стејт департментот. Сепак, поцинично читање на списокот на гости би било тоа што САД поканија голем број земји премногу важни за да се омаловажат, но каде што демократијата е во опаѓање, како што се Индија и Полска.
Без оглед на тоа кои земји беа вклучени на самитот или колку високо котираат на демократската скала, спречувањето на назадувањето на демократијата нема да биде лесна задача за дипломатијата. Демократизацијата е процес што обично се одвива во земјите, а не меѓу нив. Некои од најголемите закани за демократијата се внатрешни, како недовербата, поларизацијата, потиснувањето на гласачите и партизираните институции. Дипломатскиот притисок може да помогне и промовира продемократски практики, но тоа не е она што ја движи демократијата напред.

Како до зачувување на демократијата?

Домашните актери и движења играат најголема улога во одбраната или поткопувањето на демократијата. И со добра причина, темелите на здравите демократии, вклучувајќи го и пристапот до гласање и граѓански слободи, се главно домашни работи. Слабиот пристап до јавните услуги, зголемената нееднаквост и опаѓањето на материјалниот просперитет, исто така, може да доведат до пад на демократијата, предупредуваат експертите. „Директните играчи“, вклучувајќи ги и политичкиот естаблишмент, граѓанското општество, печатот и приватниот сектор, се најодговорни за заштита на демократијата, според препораките на институтот „Брукингс“. Улогата на странските влади и на меѓународните институции во промовирањето на демократијата е во голема мера ограничена на поддршка на граѓанското општество и, онаму каде што е применливо, на условување на финансиската помош. Иако дипломатијата може да ги дополни домашните напори, таа не е доволна замена за „моќно и вистинско домашно движење што ќе наложува одговорност од јавните личности и институти за бранење на демократските правила и принципи“, како што се забележува во извештајот на институтот.
Норман Ајсен, поранешниот американски амбасадор во Чешка и коавтор на извештајот од „Брукингс“, истакна дека дипломатијата е „критична состојка во мешавината на алатки што можат да имаат корисен ефект, но на крајот, борбата против нелиберализмот, битката за демократија, треба да ја водат и да ја добијат народот и политичките лидери на една нација“.
На некој начин, самитот на Бајден токму оваа реалност ја зеде предвид. Со охрабрувањето на земјите учеснички да ги предложат нивните цели и да ги вклучат активистите, новинарите и другите членови на граѓанското општество во дискусијата, американскиот претседател ефективно ги поттикна државите самите да го преземат товарот на работата. Ова им овозможи на лидерите да ги скројат нивните ветувања според потребите на сопствената државата, но исто така ќе ги спречат САД да диктираат како треба да дејствуваат другите демократии.

Сомнителниот авторитет на Соединетите Американски Држави на оваа тема не е изгубен од администрацијата на Бајден, која се приближи кон самитот од „позиција на понизност“ – изјави висок претставник на администрацијата за новинарите пред одржувањето на самитот.
Само во изминатата година, 19 американски држави донесоа закони што им го отежнуваат гласањето на Американците. Борбата за поставување партиски лојалисти на клучните изборни места пред идните избори веќе се води низ целата земја.
Друг предизвик за самитот беше сеопфатниот наратив дека демократската криза е инхерентно геополитичка и е вкоренета во натпреварот помеѓу светските демократии и другите држави, наместо како внатрешен конфликт во самите демократии. Со фокусот на првото и на заканите од злонамерните надворешни актери, демократиите ризикуваат да не ги забележат подмолните закани што се наоѓаат внатре, во форма на растечка поларизација, нееднаквост и недоверба во идејата дека демократијата може да ги исполни потребите на луѓето.
Поставувањето на темелите за спас на демократијата е висока цел за секој самит, а уште повеќе кога тој се одржува виртуелно. Но дали Бајден ќе остане запаметен како некој што сака да вложи во општеството, на крајот ќе зависи од тоа дали може да ги исполни конкретните обврски. Најдобар доказ за концептот би било САД да се вратат на следниот состанок идната година, преземајќи ги неопходните чекори за зајакнување на американската демократија и спречување да се повтори уставната криза од 2020 година. Но овој самит веројатно нема да ги поттикне американските законодавци да ја сфатат оваа работа сериозно повеќе отколку да ги принуди странските лидери да дејствуваат. Демократизацијата, сепак, најпрво започнува од дома.

Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска