Иницијативата за јаглеродно земјоделство е дел од европскиот зелен договор за постигнување климатска неутралност до 2050 година

Европското земјоделство произведува милиони тони јаглерод диоксид секоја година. Дали охрабрувањето на земјоделците да апсорбираат јаглерод во нивните обработливи површини за да им продаваат кредити на бизнисите може да помогне да се намалат штетните емисии, прашува Ана Гумбау за „Дојче веле“

ЈАГЛЕРОДНО ЗЕМЈОДЕЛСТВО: РЕШЕНИЕ ЗА КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ ИЛИ ЕКОЛОШКА МАНИПУЛАЦИЈА?

Земјоделецот Крис Хербаут поседува фарма во фламанскиот град Темсе, на 30 километри од пристанишниот град Антверпен. Пред две години, загрижен за штетите на земјоделството врз животната средина, Хербаут се вклучи во пилот-проект за јаглеродно земјоделство, финансиран од Европската Унија (ЕУ), кој има цел да ја подобри состојбата на земјоделската почва додека се справува со климатските промени. Проектот, склучен во летото 2021 година, им овозможи на земјоделците во Белгија, Холандија, Германија и во Норвешка да продаваат кредити за апсорбиран јаглерод во нивната обработлива почва. ЕУ им даде на земјоделците научни совети и административна поддршка за издавање на нивните први кредити на локалните компании. Во декември 2021 година, Унијата ја претстави својата иницијатива за јаглеродно земјоделство, со намера да го повтори проектот низ Европа. Иницијативата на Брисел ги охрабрува земјоделците да направат промени, како што се примена на ѓубрива богати со јаглерод, намалување на орањето што ја нарушува почвата и садење дрвја и култури што можат да апсорбираат јаглерод диоксид од атмосферата.

Менување на земјоделските навики

Почвите се клучни резерви на јаглерод, но индустриското земјоделство, наместо да го апсорбира јаглерод диоксид, често го испушта во атмосферата преку орање, кое, ако се прави повеќепати, може да резултира со деградација на почвата. Откако се пријави за иницијативата, Хербаут засади поле со теснолистен тегавец, повеќегодишен вид плевел со висок потенцијал за секвестрација на јаглерод, како и култури што ротираат во текот на годината. Севкупно, тој има околу 14 хектари земја покриена со треви, детелина, луцерка, машки тегавец и цикорија, која може да го апсорбира јаглерод диоксидот во текот на целата година. Хербаут има и поле со дрвја и грмушки што го апсорбираат јаглеродот и овозможуваат сенка налето за добитокот.

Подобрување на состојбата на почвата

ЕУ се надева дека давањето финансиски поттик на земјоделците ќе им помогне да пренаменат поголем дел од обработливата површина од емисија на јаглерод кон негово апсорбирање. Иницијативата за јаглеродно земјоделство е дел од европскиот зелен договор за постигнување климатска неутралност до 2050 година. Се проценува дека повеќе од 385 милиони тони јаглерод диоксид потекнуваат од европското земјоделство, според податоците на Европската агенција за животна средина, што е нешто повеќе од 10 отсто од вкупните емисии на блокот.
Интензивните земјоделски практики во Европа ги оштетија почвите во последните децении. Студијата на Европската комисија од 2020 година покажа дека 60-70 отсто од почвата во блокот во моментов е деградирана, главно поради интензивното земјоделство, употребата на пестициди или прекумерното наводнување. Земјоделството без обработување, како она што го користи Хербаут, е еден од начините за подобрување на здравјето на почвата. Други техники за да им се помогне на почвите да го апсорбираат јаглеродот вклучуваат ротација на културите, садење покривни култури на угар за да се одржи азотот во почвата и користење компост наместо хемиски ѓубрива. Овие практики ги штитат и другите неопходни хранливи материи во почвата што им се потребни на растенијата за да растат, што, пак, ја намалува потребата за агрохемикалии.

Критики за плановите

Но плановите за неутрализирање на јаглеродот веќе долго време беа критикувани затоа што им дозволуваат на компаниите, поединците и државите да го купат исполнувањето на целите за нето нула емисии. Јаглеродното земјоделство стана привлечно за неколку мултинационални корпорации. Но компаниите што ги користат позелените земјоделски практики на Хербаут за да го надоместат нивното загадување не се мултинационални. Претходно оваа година тој му ги продаде своите први кредити за јаглерод на локален преработувач на млечни производи за околу 50 евра по заштеден тон јаглерод диоксид. Тој се надева дека ќе соработува со други мали бизниси во регионот на Фландрија. Земјоделците можат да апсорбираат до околу 3,6 метрички тони јаглерод по хектар секоја година, според студијата нарачана од холандската Рабо-банка. Но за да го направат тоа, тие мора да направат значителни инвестиции во промената на нивните земјоделски навики, како и да ангажираат независни експерти за да преземат скапи анализи на почвата за да го проценат нејзиното здравје.

Земјоделството бара креативност

Хербаут вели дека тоа е тежок процес, кој може да одврати некои земјоделци од проектите. Некои критичари стравуваат дека тоа би можело да ги направи придобивките од јаглеродното земјоделство недостапни за помалите земјоделци и да ги фаворизира поголемите индустриски земјоделски потфати. Јаглеродните компензации добиени од биогориво или проекти за пошумување доведоа до разграбување на земјиштето од страна на големите корпорации низ целиот свет.
Но на неговата мала фарма за млечни производи, Хербаут вели дека јаглеродното земјоделство му дава можност да ја подобри состојбата на својата земја, а притоа да заработи малку дополнителен приход. И тоа не е неговиот единствен еколошки потфат. Покрај апсорбирањето јаглерод, тој гради и лабораторија за создавање нови прехранбени производи базирани на микроалги, кои се богати со протеини и сè повеќе се користат како замена за месото.