Домашните беспилотни летала се полесни за одржување и интегрирање во сопствените структури за команда и контрола

Државите од Блискиот Исток и од Северна Африка сè почесто дизајнираат и произведуваат сопствени дронови. Европската Унија треба да одговори на тоа со инвестиции во европската технологија за производство на дронови и создавање заеднички стандарди за употребата на тие системи, смета Федерико Борсари за ЕЦФР

Беспилотните летала станаа алатка за стекнување влијание

Низ целиот свет, земјите премногу вложуваат во оружјето, а тоа е особено важи за Блискиот Исток и за Северна Африка. Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), регионот е меѓу главните увозници на воена опрема во изминатата деценија. Но земјите од Блискиот Исток и од Северна Африка, исто така, сè повеќе имаат цел да создадат автохтони одбранбени капацитети и самите да станат извозници. Нивните цели се да навлезат во профитабилниот одбранбен сектор, да го намалат притисокот врз сопствените буџети со тоа што ќе можат да купуваат дома и да ги поддржат сојузниците од целиот регион со воена опрема. Овој тренд ќе има последици не само за безбедноста во регионот туку и за Европа и за тоа како таа се справува со државите што немаат исти етички стандарди како европските земји.

Турција е лидер во регионот

Турција го предводи патот во таквите напори, поставувајќи пример што сега го следат државите од Блискиот Исток и од Северна Африка. Анкара ги искористи геополитичките придобивки од производството и продажбата на дронови, особено во однос на безбедносните и одвраќачките капацитети. Турција можеше да ја игра оваа улога бидејќи помина години развивајќи солидна технолошка експертиза и индустриска база. На пример, Обединетите Арапски Емирати, исто така, развиваат сопствена индустрија и распоредија дронови за поддршка на своите сојузници и платенички војски во Либија, Јемен и во Етиопија.
Локалните компании сега инвестираат многу во беспилотни системи, особено во борбени и самоубиствени дронови (потрошни проектили што можат да останат во воздух некое време додека не идентификуваат цел и напад). Овие системи извонредно добро се покажаа во воените зони како што се Либија и Сирија. Турската фирма „Бајкар“ и Израелската воздушна и вселенска индустрија станаа меѓу водечките светски производители на дронови. Тие го проширија своето присуство на пазарот благодарение на иновативните и релативно евтини системи, кои веќе најдоа широка употреба во битките. Потрошливоста, достапноста и ефективноста на турскиот „ТБ-2“ го направија најпродаваниот дрон во историјата. Најмалку десет земји веќе го користат системот, а уште толку преговараат за негова набавка, што го отвора патот за Турција да стане светска сила во производство на дронови.

Фокус на домашното производство

За земјите во регионот, поголемото автохтоно производство може да помогне во ублажувањето на фискалното оптоварување на националните буџети со намалување на потребата за скап увоз и може да ги поддржи националните економии со создавање висококвалификувана работна сила. Саудиска Арабија има цел да го зголеми својот капацитет за покривање на сопствените потреби за одбранбени набавки на 50 отсто до 2030 година. ОАЕ веќе имаат развиено капацитет за локално производство на оружје, главно преку својот одбранбен конгломерат во државна сопственост, групацијата ЕДГЕ, која сега е рангирана на 23-то место на листата на СИПРИ на 100 светски воени и одбранбени производители, со продажба на оружје во вредност од околу 4,8 милијарди долари во 2020 година. ОАЕ станаа 18-ти најголем извозник на оружје во светот, пред Јужна Африка и Бразил, најмногу со продажба на оружје на клиенти како Египет, Јордан и Алжир.
Помалото домашно производители на дронови, исто така, ја поттикнаа одбранбената индустрија на Египет и на Катар. Египет, Иран, Саудиска Арабија и ОАЕ се државите од Блискиот Исток најактивни во зајакнувањето на сопствената флота на дронови со платформи направени од автохтоно потекло. Групацијата ЕДГЕ е првата арапска компанија што развива модели на дронови со вештачка интелигенција. Абу Даби и Ријад досега се потпираа на кинеските дронови, но тие може постепено да се префрлат на домашните системи, кои се полесни за одржување и интегрирање во нивните структури за команда и контрола.
Како Турција и Израел, Иран се позиционира како голема сила со производство на дронови во регионот. Сепак, пристапот на Иран кон развојот на дронови е неверојатно различен од оној на неговите соседи. Земјата долги години ја градеше својата огромна флота, со цел да компензира за нејзината застарена воздухопловна сила. Иран сега може да распореди неколку вида борбени и самоубиствени дронови, од кои некои имаат комуникации надвор од видното поле и можности за удар со долг дострел. Сепак, иранските дронови останаа главно на маргините на светскиот одбранбен пазар. За Техеран, пазарната димензија на дроновите е од второстепена важност во однос на нивната улога во зајакнувањето на националната безбедност.

Најбарани се турските и кинеските дронови

Во меѓувреме, Алжир и Мароко, поттикнати од нивното долгогодишно геополитичко ривалство, во последниве години значително ги зајакнаа своите капацитети на дронови со набавка на странски системи. Рабат ги набави турскиот „ТБ-2“ и кинескиот дрон „винг лунг 1“, додека Алжир се одлучи за неколку модели од кинеско производство. Алжир и Мароко помалку се фокусираа на домашното производство. Меѓутоа, официјален Рабат неодамна потпиша значаен договор за воздухопловство со Израелската воздушна индустрија, кој најверојатно ќе ја покрие технологијата на производство на дронови.
Ширењето на употребата на дронови низ Блискиот Исток и Северна Африка не беше придружена со ефективно регулирање на нивната употреба. Ова се случува во време кога вкупниот увоз на оружје Саудиска Арабија го зголеми за 27, Египет за 227 и Катар за 73 отсто. Овие факти треба да ја поттикнат меѓународната заедница, вклучувајќи ги и Европејците, да преземат водечка улога во користењето дронови што ги исполнуваат меѓународно признаените стандарди за надзор, транспарентност и одговорност. Европската Унија (ЕУ) има основен интерес за развој на сопствена технологија за дронови и за зачувување и проширување на одбранбените партнерства на земјите-членки. Сепак, ЕУ, исто така, треба да го инвестира својот политички и дипломатски капитал во осмислување заеднички режим на одговорност за дронови, за да ги ограничи цивилните жртви и да ја направи злоупотребата на таквите системи особено скапа.