Напаѓачките можности и новите тактички апликации во голема мера ќе бидат надградени поради отсуството на екипаж, во новите тенкови ќе може да се интегрираат многу технологии за тешко вооружување во полесен и брз систем за лесна употреба и со помала тежина, пишува Крис Озборн за „Нешенел интерест“

Американската армија го подготвува роботизираното борбено возило (РЦВ-М) тешко 15 тона за идни војувања. Армијата моментално ги проценува неговите перформанси со разни технологии, кои ќе вклучуваат автоматски топови од 30 мм, квалитетни сензори, напаѓачки дронови, противтенковски проектили, опција за димна завеса и електронско војување. Напаѓачките капацитети и новите тактички апликации се значително зголемени поради тоа што возилото нема екипаж и има простор да се интегрираат многу технологии во полесен и брз систем со помала тежина.
Генерал-мајор Рос Кофман, кој е директор на интерфункционалниот тим за борбени системи од новата генерација на Командата за модернизација на американската армија, објасни дека службата сега ги усовршува барањата и го тестира прототипот „РЦВ-Мс“ и планира уште една интензивна низа на процени во Форт Худ, Тексас, следната година. Некои од индустриските партнери на армијата ги вклучуваат „Текстрон“, „Кинетик“ и „Џенерал дајнамикс ленд системс“.
Без потреба да работи со тежок оклоп за да се заштити екипажот, роботизираниот вооружен тенк може да интегрира широка сфера на технологии за да вклучи напредни компјутери, електроника, опрема за команда и контрола со повеќе домени и широк опсег на оружје.
Ваквите тенкови може да работат како експедициски платформи за истурен напад, за тестирање или упад во непријателските механизирани сили, а исто така можат да извршуваат мисии за надзор со висок ризик под непријателски оган или да се спроведат здружена акција со авиони или со дронови како дел од копнено-воздушните операции.
Некои од тенковите може да пукаат со автоматски топови од 30 мм или од 50 мм, со противтенковски ракетен систем или да лоцираат цели за прецизен воздушен напад. Како што се тестираат новите технологии, американската армија предвидува дека ќе продолжи да ги усовршува концептите за операции. Со воведувањето различни иновации, армијата ќе продолжи да прави процени, бидејќи автоматските топови од 30 мм и од 50 мм на револуционерните тенкови отвораат нови простори за високите армиски лидери да носат одлуки што дефинитивно ќе ги променат геометријата и смртоносноста на овие нови оружја.