Според американскиот центар за изучување на христијанството во светот, постојат 440.000 христијански мисионери што работеле во странство во 2018 година. Во оваа бројка спаѓаат католиците, протестантите, православните христијани и северноамериканските групи, како Јеховините сведоци и Мормоните, кои се исто така познати под името Црквата на Исус Христос на поновите светци (црква ЛДС)

„Можеби луѓето мислат дека сум луд, но мислам дека вреди да се каже дека христијанството им го должиме на овие луѓе“. Ова е само дел од последните зборови во последното писмо на Џон Ален Чау, кое им го испрати на своите родители пред да биде убиен од локалните жители на островот Норт Сентинел неодамна. Иако не беше мисионер, Чау истакна дека неговата цел била племето да се запознае со евангелијата. Неговите обиди го привлекоа вниманието на стотици илјадници христијани во светот што ја шират нивната вера. Но кои се овие мисионери? Што сакаат да постигнат? Дали се позитивна сила во светот или се натрапници?

Иако многу религии испраќаа свои мисионери низ светот, сепак ниедни не се толку раширени како добропознатите христијански мисионери. Мисионерите од сите христијански вероисповеди го цитираат најпознатиот пасус од Библијата во Евангелието по Матеј, во кое Исус бара од своите следбеници „сите луѓе од сите нации да им станат ученици“.

Овој пасус им е познат на мисионерите како што е организацијата „Големата комисија“ и се смета дека е еден од последните аманети на Исус до неговите ученици пред да замине на небото. Религиозните луѓе честопати ги предводеа колонијалните напори. Ширењето на религијата се сметаше за еден начин да се „цивилизираат“ народите надвор од Европа и од САД. Со текот на времето, ова прерасна во физички, како и во духовен развој.

– Колку и да поттикнува ова дебати за мисионерските проекти, Џон Чау не е претставник на евангелистите, туку исклучок од правилото. Евангелистите сè уште сакаат да ги преобратат луѓето, но сега исто така градат училишта и болници. Многу од нив имаат силни сервисни проекти – изјави Дејвид Холингер, пензионираниот професор со високи почести на калифорнискиот универзитет Беркли.

Според американскиот Центар за изучување на христијанството, во светот постојат 440.000 христијански мисионери што работеле во странство во 2018 година. Во оваа бројка спаѓаат католиците, протестантите, православните христијани и северноамериканските групи, како Јеховините сведоци и Мормоните, кои се исто така познати под името Црквата на Исус Христос на поновите светци (црква ЛДС).

Мормоните се едни од неколкуте чија црква води централизирана мисионерска програма. Во светот постојат речиси 66.000 мормонски мисионери, а низ историјата нивната црква има испратено над еден милион мисионери. Во 2017 година, црквата порача дека нејзините мисионери крстиле нови 233.729 верници.

Џон Ален (кој не е во никакво сродство со Џон Ален Чау) и неговата сопруга Лена, која е акушерка и медицинска сестра, работеа петнаесет години како христијански мисионери во Папуа Нова Гвинеја. Американската двојка „сакаше да ги промовира христијанските вредности и трансформацискиот модел на евангелијата“, како што Ален наведе во мејлот испратен до „Би-би-си“. Исто така во него пишува дека „не станува збор за тоа да ги натераат луѓето да веруваат во она во што тие веруваат, туку луѓето сами да сфатат преку Библијата дека Господ има план за секој човек и наедно за човештвото“. Двојката изгради болница пред десет години за да им помогне на Камејците од Заливската провинција во Папуа Нова Гвинеја, каде што живеат.

Пет Папуановогвинејци и три американски медицински сестри работат со нив во здравствената установа „Кунај“, а покрај тоа што лекуваат болести и третираат рани, тимот располага со разни програми за бремени жени и новороденчиња.

Ален вели дека двојката одлично го зборува помошниот јазик Ток Писин и притоа го учи камејскиот јазик, кој беше непишан дијалект до 2009 година, кога двојката почнала првпат да го запишува.

– Многу е тешко да се научи затоа што ние сме единствените што го пишуваат и документираат. Од она што го знаеме, ниеден аутсајдер сè уште не го зборува течно. Ниедна денешна мисија нема иста природа, така што нашата работа се сведува на ова – објаснува тој.

Ендру Престон, професор по американска историја на универзитетот „Кембриџ“, вели дека, дури и историски, некои од мисионерите биле првите што се залагале за изучување странски јазици.

– Сега ова не е толку распространето како порано. Но пред 100 години, мисионерите беа единствените, и не само што течно зборуваа африкански или азиски јазици туку и кинески и јапонски јазик – порача тој за „Би-би-си“.
Иако Ален ги опишува локалните обичаи како „искуство што постојано се учи“, сепак тие се посветени на тоа.

– Најдобриот начин да научите нешто за луѓето е да седнете во калта со нив, да јадете со нив, да спиете со нив во колибите, да се радувате со нив и да поминете заедно низ тешкотиите. Токму тогаш ќе почнете да го цените вашето ново семејство и да ја гледате нивната култура низ нивните очи – вели тој.

Во меѓувреме, Скот и Џенифер Еспозито работат како самостојни верски мисионери во Никарагва. Тие имаат своја фарма, спортска програма и групи во кои ја проучуваат Библијата и на тој начин ја шират верата.

– Постојано го шириме зборот на евангелијата. Важен е секој човек. Кога почнувате да броите и да поставувате цели, да речеме сакате 500 нови верници, тогаш толку многу се мотивирате и сакате да ја достигнете таа бројка што се случува да ја најдете токму најважната личност, поради што ви се одолжува работата – изјави Скот во телефонско интервју за „Би-би-си“.

Притоа двојката намерно не брои колку луѓе преобратила во својата вера, но проценуваат дека некаде околу 8.000 и 12.000 луѓе ја примиле нивната вера во изминатите шест години.

Џон Ален вели дека „кога се раширила приказната за Џон Чау таму, се изненадиле од тоа што имале слични идеи со него“. Иако тој лично не размислува да оди во посета на островите, спомена дека неговите колеги сакале да стапат во контакт со Сентинелците. Тој вели дека иако тие уште не ја разгледале сериозно намерата, сепак нафрлиле неколку идеи како безбедно да им пристапат на луѓето, како да започнат пријателски контакти, како да го минимизираат нивното „влијание“, додека истовремено се поврзуваат со нив да ги научат нивниот јазик и култура.
Двојката Еспозито верува дека е трагично тоа што му се случило на Џон Чау. Тие се свесни дека неговите чекори биле погрешни и дека постојат други лица што го поддржуваат.

– Не би сакал да фрлам со дрва и камења по него. Од сè што прочитав досега, можам да кажам дека тој го сакаше Господ, неговата жртва може да привлече многу нови христијани во иднина. Којзнае што започнал тој или какви поголеми нешта ќе се случат понатаму – вели Џенифер Еспозито.

Скот Еспозито верува дека ако тим доктори ги прекршеле овие закони и обичаи за да спасат некое племе од болест, тогаш реакцијата ќе била поинаква.
– Ако биле испратени доктори и притоа некој од нив загинел, мислам дека сите во светот ќе ја величаа нивната храброст. Мисијата на Џон Чау беше да ги спаси нивните бесмртни души – вели тој.

Скот не го одобрува кршењето на законите како што направи Џон Чау и вели дека тие „многу ги почитувале“ локалните закони и обичаи. Притоа нагласува дека сите треба да се огледаат на неговото срце, во смисла дека бил подготвен да умре, но не смета дека сите треба да работат со опасни племиња.

Дали мисионерската работа е друга форма на империјализмот?
Кејтлин Лоувери на Фејсбук објави само неколку дена по смртта на Џон Чау дека порано „била мисионерка и мислела дека работи господова работа, но ако е искрена, се занимавала со работа поради која се чувствувала добро, а притоа додаде дека тоа претставува доминација на белата раса и еден вид колонизација“.

Марк Плоткин, кој е ботаничар, е коосновач и претседател на тимот за зачувување на Амазон. Групата работи со колумбиската влада за заштита на изолираните народи.
– Во Амазон работам веќе 30 години и сум видел два типа мисионери: оние што сакаат да ги „подготват овие племиња за надворешниот свет“ и оние што сакаат „да спасат души во име на Исус“ – изјави тој.

Тој вели дека иако мисионерите навистина веруваат дека го прават светот подобро место за живеење, сепак нивната работа може да нанесе голема штета. Во својата изјава за „Би-би-си“ наведува дека „понекогаш не е добро да се оттргнат изолираните народи од џунглата за нивно општо добро“. Плоткин мисли на народот Акурио во Суринам, со кој мисионерите стапиле во контакт во 1969 година. За само две години „40-50 отсто од овој народ изумреле“ поради респираторни болести, но исто така Плоткин се сомнева дека друга причина бил стресот или т.н. културен шок.

– Тие првпат видоа луѓе во облека и првпат добија инјекции. Никој не треба да си игра Господ – вели тој.

Државите во светот не се многу упатени во мисионерската работа. Преобратувањето е забрането во Непал, а во август се направи промена во законите, така што странците осудени за ваков криминал ќе бидат веднаш депортирани по истекот на максималната затворска казна од пет години.

Историски гледано, професорот Престон вели дека некои, но не сите, американски протестантски мисионери развиле одреден вид „одбивност кон империјата“. Според него, „тие сфатиле дека се дел од американската жестока моќ и не можеле да го избегнат тоа“. Поради ваквата врска, некои мисионери почнале да промовираат локални идентитети и националистички движења, па дури и кога им се спротивставувале на целите на САД.

– Сè уште постојат многу американски фанатици, но многу од нив сакаат да го подобрат светот на христијанска, но не и на американска основа – порача Престон, кој верува дека САД се посебна нација.

Ален се согласува дека ваквата поврзаност можеби е комплицирана, притоа нагласувајќи дека се „згрозува“ кога гледа секаква форма на колонијалистичко однесување кај мисионерите или бизнисмените.

Тој вели дека „има денови, без разлика колку и да се трудат, кога добиваат непотребна почит“ и притоа објаснува дека тие сакаат да изградат „вистински врски базирани на заемна доверба и почит“. Исто така додава дека „не е доволно наивен да верува дека некогаш ќе стане Камеец, но неговиот тим се труди да ги разбие колонијалните сфаќања и да ги замени со меѓусебно зависни пријателства“.