Шансите за инцидент меѓу суперсилите и не се толку мали, иако Трамп веќе најави повлекување на американските војници од Сирија, оценува Стратфор

Во последните фази од сириската војна, петте клучни сили, Турција, Русија, Иран, САД и Израел, се натпреваруваат за влијание и надмоќ. Москва и Техеран силно го поддржуваат сирискиот претседател Башар ал Асад, но не само што се разликуваат во нивото на поддршка, туку и во нивните цели. Русија го искористи сирискиот конфликт за да го прошири влијанието на Блискиот Исток и да ги заштити придобивките и базите, иако Москва нема голема желба да влезе во отворен конфликт со Турција, САД или со Израел. Од друга страна, Иран ќе биде поагресивен во поддршката за Дамаск, особено против Анкара и Вашингтон. Техеран исто така ќе продолжи да ги зајакнува своите сили во Сирија како одбрана од Израел и како средства за да го снабдува Хезболах, неговиот моќен сојузник во соседен Либан. Израел ќе се обиде да ги осуети плановите на Иран, но внатрешно ќе внимава да не предизвика ненамерен конфликт со Русија.

Турција и САД и натаму ќе бидат против владеењето на Асад, но покрај тоа што се сојузници во НАТО, тие имаат свои агенди во Сирија. Вниманието на САД е насочено да ги истреби остатоците од Исламската држава, иако Вашингтон всушност сака да го отстрани иранското влијание во Сирија како дел од неговата антииранска стратегија. Предизвикувањето на Иран во Сирија ќе создаде тензии меѓу САД и Русија, затоа што Москва нема да го отстрани Иран. Покрај напорите за смирување на конфликтот, можноста за воен инцидент меѓу американските и руските сили и не е толку мала, иако Трамп најави повлекување на Американците од Сирија

Од своја страна, Турција и натаму ќе остане фокусирана да ги држи под контрола курдските сили во Сирија. Ова е проблем за САД, кои ги користат Курдските единици за народна заштита (ЈПГ), група што Анкара ја смета за терористичка организација, како сојузничка против Исламската држава и теренски сојузник против Иран. Во северозападна Сирија, барањето на Турција за заштита на провинцијата Идлиб би можело да го зголеми кредибилитетот на Анкара како локален партнер, особено со оглед на јасната цел на Дамаск за повторно целосно освојување. Идлиб би можел да стане точка на вриење меѓу Турција, Иран, сириските лојалистички сили и дури и Русија. Со оглед на спротивните интереси во Сирија, досега се најголеми шансите за случајна ескалација или дури меѓудржавна конфронтација во 2019 година, иако секоја сила ќе преземе чекори да го избегне ова сценарио.