Средба во Будимпешта на Виктор Орбан, Матеуш Моравјецки и Матео Салвини

Популистичкиот сојуз во Европскиот парламент може да пропадне поради различните светски ставови на партиите, смета Павел Зерка од ЕЦФР

Популистичките политички трендови повторно во мода на Стариот Континент

Неодамна во Будимпешта, унгарскиот премиер Виктор Орбан се сретна со својот полски колега Матеуш Моравјецки и со Матео Салвини, лидерот на Италијанската лига, за да разговараат за поблиска соработка меѓу нивните партии. Моравјецки, во име на партијата Закон и правда (ПИС) на Јарослав Качински, порача дека „Европа е на крстопат и дека ги загубила своите корени, а тие сакаат да ѝ помогнат да ги обнови“.
Сите имаат добри причини да ги здружат своите сили. Орбан се соочува со парламентарни избори следната година против мобилизираната опозиција. Тој треба да може да покаже дека неодамнешното заминување на неговата партија Фидес од Европската народна партија (ЕПП) е нова шанса наместо почеток на крајот. Салвини би бил среќен да не се вклучи во сојуз со партијата Национално обединување на Марин Ле Пен, во групата „Идентитет и демократија“, што станува особено непријатно сега кога неговата партија ја поддржува владата на италијанскиот премиер Марио Драги. Качински не сака само да го зајакне ставот на неговата партија во Европскиот парламент туку и да изгради политичка противтежа на германското влијание на европската сцена, како што тврди европратеникот Витолд Вашчиковски, член на ПИС и поранешен министер за надворешни работи.
Во моментов, речиси половина од европратениците во групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) доаѓаат од редовите на владејачката коалиција во Полска. Бидејќи брегзит поттикна повлекување на британската конзервативна партија, ЕЦР е само шестата по големина група во Европскиот парламент.

Ако Фидес и Италијанската лига се приклучат на ЕЦР, таа ќе стане трета по големина група во парламентот, а дури може да стане и втора по големина ако, за чудо, го обединат целото меѓународно антиевропско движење (како што не успеаја пред две години, пред изборите за Европскиот парламент).
Дури и сојуз меѓу ПИС, Фидес и Италијанската лига може да излезе јалов поради различните амбиции на партиите. Качински би сакал да ги прифати своите двајца пријатели во проширената ЕЦР, но Орбан можеби претпочита да создаде целосно нова група за да избегне да стане само помлад партнер на Качински. Салвини можеби ќе сака да има отворени опции, а очигледно некои членови на неговата партија се желни да се приклучат на ЕПП. Исто така, тој не би се вклопил во ЕЦР сè додека Италијанските браќа, неговиот домашен ривал од крајната десница, е сè уште во оваа група.

Разлики во геополитиката

Но дури и кога би нашле начин да работат заедно, на крајот би биле поделени околу надворешната политика. ПИС, Фидес и Италијанската лига може да се обединат околу нивното незадоволство за насоката во која се движи Европската Унија (ЕУ) и од водечката улога што Германија и Франција ја играат во блокот. Но нивните геополитички погледи се комплетно различни. Овие разлики се рефлектираат во верувањата на нивните приврзаници, како што покажа анкетата на јавното мислење што Европскиот совет за надворешни односи ја спроведе на крајот на ноември 2020 година. Во секој случај, приврзаниците на сите три партии многу поретко отколку нивните сонародници ја сметаат Германија за клучен партнер на нивната земја. Поддржувачите на Италијанската лига сметаат дека Кина е поважен партнер од Германија. Само седум отсто од гласачите на ПИС ја признаваат потребата да имаат добри односи со Германија, дури и ако земјата е далеку најголемиот трговски партнер на Полска, како и најголемиот странски работодавец на полски работници.
Интересно е тоа што поддржувачите на ПИС не сакаат да ја сместат Германија дури и на второто место, со тоа што ја претпочитаат Велика Британија. Ова може да ги рефлектира старите антигермански фобии во полското општество, кои страшно ги користат од ПИС.

Непријателството како причина за сојуз

Ако е потребен заеднички непријател за градење корисен сојуз, трите партии би можеле да најдат еден. Тие се далеку од тоа да имаат идентични списоци на непријатели и пријатели. За ПИС, Русија е сè уште многу поголем проблем од ЕУ. Тесна соработка со партии што отворено флертуваат со Москва не е само тешка во практика туку е тешко и да им се објасни на домашните гласачи. Ниту тие не можат да си дозволат исто ниво на антиевропски став. Во исто време, надежите на Варшава земјата да одржи силни односи со Вашингтон (и покрај тоа што Трамп повеќе не е претседател) може да се судрат со симпатиите на Орбан и Салвини за Москва и Пекинг. Сепак, за трите партии може да биде невозможно да зборуваат едногласно за актуелни прашања, како што се снабдувањето со вакцини, изградба на 5Г-мрежи, човековите права во Кина, политичката ситуација во Белорусија, енергетската политика или европската стратегиска автономија. Некои внатрешни прашања на ЕУ може да ги поделат и нив. Сето ова го зголемува нивниот интерес за воведување на европскиот фонд за обнова од пандемијата на коронавирусот што е можно поскоро и за зајакнување на правото на глас на нивните земји во европската политика. Но тоа исто така ги прави лоши сојузници за повеќето други европски популисти што својот легитимитет го градат како радикали врз вечната опозиција.