Германската полиција контролира возила на затворената граница со Франција

Ако не се создадат услови за постепено враќање на безграничната зона во Европа, постои голем ризик привремените рестриктивни мерки, кои беа воведени за да се пречи ширењето на пандемијата, на крајот да бидат трајни

Ако некој во моментот размислува за отворање на границите во Европа, можно е да го прогласат за луд. Исто како што ковид-19 може само да ги влоши претходните здравствени проблеми кај човекот, така и претходните проблематични услови носат голем ризик за слободно движење во европската шенгенска зона, оценува Алена Куѕко, директор на институтот „Глобсек“.
Пред паниката од коронавирусот, веќе постоеја голем број фактори што ги поттикнаа европските земји да ги засилат граничните контроли поради миграциските текови, тероризмот и прекуграничниот криминал, но и тенденцијата во Европа да се бараат внатрешни национални решенија.

Овие трендови може само дополнително да се влошат со ковид-19. Доколку овие проблеми и понатаму останат без надзор, ќе имаме граници во Европа (и во целиот свет) што ќе бидат построги и поинтензивни од оние на кои сме навикнати.
Првиот фактор на сегашната агенда на сите држави е ковид-19. Никој не знае колку време ќе трае борбата против оваа пандемија и колку долги ефекти ќе има врз општествата. Но, без оглед на тоа колку време е потребно да се запре коронавирусот, секогаш ќе има закана од друга пандемија во иднина.
Со оглед на недостигот од вакцини за новонастанати вируси, граничните и патничките контроли веројатно ќе продолжат да се сметаат како средство за контролирање на ширењето на инфекциите.

Второ, миграција беше таа што првично ги врати внатрешните гранични контроли во шенген-зоната, иако таа секаде беше ограничена во обем.
По миграциската криза во 2015 година, шест европски земји воведоа одредени гранични контроли – Германија, Австрија, Данска, Шведска, Франција и Норвешка. Иако бројот на барања за азил е преполовен од 2015 година, граничните проверки останаа во сила и покрај нивната сомнителна законитост според шенгенските регулативи.
Ако неодамнешните релативно ниски бројки на миграција не беа доволно убедливи за земјите целосно да ги укинат граничните проверки, во иднина ќе биде уште потешко да се вратиме на беспрекорниот шенген, имајќи предвид дека во Европа веројатно ќе има постојани бранови на миграција од Блискиот Исток и од Африка.
Трето, иднината на отворените граници е составен елемент во дискусиите за заканата од тероризам во Европа по нападите во Париз во 2015 година и во Брисел во 2016 година. Двата напада се случија во контекст на долгорочната соработка помеѓу џихадстичките мрежи во Франција и во Белгија и недостигот од соодветна координација меѓу владите во европските земји.

Четврто, засилувањето на пандемијата, миграцијата и загриженоста од тероризам, националистичкиот и антиглобализацискиот сентимент со години растат во Европа и на други места во светот. „Враќањето на граничната контрола“ е популарен наратив во изминатите години. Сега, кога Европа страда од пандемија на коронавирус, овие трендови дополнително се интензивираат.
Десничарските политичари во неколку европски земји веќе побараа повторно воведување на граничните контроли за заштита на домашното население од ширењето на коронавирусот во раните фази на епидемијата.

Исто така, се изнесуваат аргументи што ја поврзуваат миграцијата со ширењето на заразните болести, а тоа го прават и неколку актуелни или минати влади во земји како Грција, Унгарија или Полска. Оваа реторика веројатно нема да се намали по периодот на екстремното нарушување на јавниот живот и економијата и бројот на жртвите, кој се брои во илјадници. Имајќи ја предвид оваа јавна реторика, владите може да бидат во искушение да донесат одредени мерки по ковид-19, без оглед на објективната состојба на теренот, за да испратат сигнал до домашното население дека тие ја имаат ситуацијата под контрола.
Ќе бидат потребни низа усогласени напори и силни мерки за надминување на овој сплет од стравови. На јавноста ќе ѝ се понудат тешки избори: безбедноста, вклучувајќи го и здравјето, наспроти економијата и слободата. Луѓето најверојатно ќе ја изберат првата опција освен ако се нагласи дека изборот не е бинарен и дека придобивките од слободните гранични зони може всушност можат да ги ублажат ударите.
Борбата против пандемијата ќе бара глобална соработка. Внатрешната соработка помеѓу засегнатите страни во безбедноста треба да се подобри за да се спречат можни терористички напади. Би било добро за членките на ЕУ да реинвестираат во иницијативи за да формираат вистински заеднички миграциски систем, покрај надворешните мерки со кои се сака да се ублажат проблемите во земјите на потеклото на мигрантите.

Конечно, откако сегашниот бран на инфекции ќе се смири и ќе опаѓа, земјите од шенген мора колективно да ги укинат граничните контроли во согласност со шенгенските регулативи. Тоа можеби ќе изгледа како чекор во непознат правец по неколкумесечна траума. Но ако се направи во координација, тоа ќе овозможи придобивките од слободното движење брзо да се акумулираат, да се подобри довербата, да се спречи ерозијата на шенгенскиот систем и да се врати кредибилитетот на европскиот проект.