ОН во 2016 година го прогласија пристапот до интернет за човеково право

Интернет-услугите лани намерно биле исклучени над 200 пати во 33 земји во светот, покажуваат податоците на групата за дигитални права „Аксес нау“

Маркос Лема, еден од основачите на центарот за иновации „Ајс адис“, во текот на својот работен ден обично се соочува со разни претприемачи што имаат големи соништа. Но кога ќе се исклучи интернетот во Адис Абеба, Етиопија, едноставно запира сѐ, вели тој.
Податоците од групата за дигитални права „Аксес нау“ покажуваат дека минатата година интернет-услугите намерно биле исклучени над 200 пати во 33 различни земји низ светот, меѓу кои и Велика Британија. Во април 2019 година британската транспортна полиција го исклучи безжичниот интернет на лондонското метро во текот на протестите на активистите за климатски промени „Бунт против истребувањето“. Исто така, извештајот откри дека во 2019 година, интернетот бил исклучен во текот на 65 протести во различни земји во светот. Според податоците, имало 12 исклучувања што се случиле во текот на избори. Поголемиот дел од сите исклучувања се случил во Индија, а најдолгото исклучување на интернет се случило во Чад, Централна Африка, кое траело 15 месеци.
Според Лема, кога ќе се исклучи интернетот во голем град како Адис Абеба, едноставно ништо не функционира.

– Имавме договор за развој на софтвер што беше откажан бидејќи не можевме да го завршиме навреме зашто интернетот беше исклучен. Исто така, имавме ситуации кога меѓународните клиенти мислеа дека нашата компанија ги игнорира, но не можевме ништо да направиме – изјави Лема.
Според него, возачите на мотоцикли чекаат наместо да доставуваат храна, зашто без интернет луѓето не можат да порачуваат преку апликации.
– Исклучувањето на интернетот има директни последици врз деловните субјекти и луѓето – додава Лема.

Истражувањето на „Аксес нау“ покажува дека исклучувањето на интернетот не се случува само во Етиопија и нема само економско значење. Тоа влијае врз десетици милиони луѓе низ целиот свет на различни начини. Владините претставници може да го исклучат интернетот така што ќе им наредат на давателите на услуги да блокираат одредени области од примање сигнали или понекогаш со блокирање на пристапот до одредени веб-услуги.
Групите за човекови права се загрижени дека мерката станува алатка за репресија на владите во целиот свет. Овие нови податоци анализирани од Би-би-си сугерираат дека исклучувањето сѐ почесто е поврзано со протести. Владите честопати велат дека исклучувањето е мерка за јавна безбедност и со неа спречуваат ширење лажни вести. Но критичарите велат дека тие го задушуваат протокот на информации преку интернет.

Обединетите нации го прогласија пристапот до интернет за човеково право во 2016 година, а постигнувањето универзален пристап е една од нивните цели за одржлив развој. Сепак, со оваа идеја не се согласуваат сите лидери. Во август 2019 година премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, изјави дека интернетот не е „вода или воздух“ и дека исклучувањето ќе остане важна алатка за национална стабилност.
– Владата не смета дека интернетот е важен. Мислам оти луѓето сметаат дека интернетот го сочинуваат само социјалните мрежи. Тие не ја гледаат економската вредност на интернетот и како влијае врз економијата – вели Лема.
Новите податоци за 2019 година покажуваат дека Индија досега имала најголем број исклучувања на интернетот од сите земји. Мобилните податоци или услугите за широкопојасен интернет беа исклучени за жителите во различни делови од земјата дури 121 пат, при што поголемиот дел од исклучувањата се случил во спорниот Кашмир.

И демонстрантите во Судан и во Ирак беа присилени да се организираат офлајн кога беше исклучен интернетот.
Некои влади се одлучуваат за „задушување“, а тоа претставува форма на исклучување, која е потешко да се следи, бидејќи владата ги забавува интернет-услугите како од времето на 1990-тите. Ова се случило во мај 2019 година, кога претседателот на Таџикистан признал дека ги „задушил“ повеќето социјални мрежи, вклучувајќи ги Фејсбук, Твитер и Инстаграм, велејќи дека тие биле ранливи на терористички активности. Некои земји, како Русија и Иран, во моментот развиваат и тестираат сопствени верзии на заклучен интернет на национално ниво, што се смета за знак на зголемена контрола врз мрежата.

– Се чини дека сè повеќе земји учат една од друга и ја имплементираат нуклеарната опција на исклучување на интернетот за да ги замолчат критичарите или на друг начин ги прекршуваат човековите права – посочуваат од групата за дигитални права „Аксес нау“.