На европските политичари сега ќе им биде потешко да го убедат своето население во легитимноста на воените интервенции во странство

Геополитички прекројувања на Блискиот Исток

Политички експерти од ЕЦФР анализираат како ќе се одрази талибанското преземање на власта во Кабул за државите и регионите во светот, особено за Стариот Континент, САД, Блискиот Исток и Сахел

Брзиот колапс на авганистанските владини сили и заземањето на власта од страна на талибанците ја шокираа Европа и ја интензивираа дебатата за последиците по европската политика. Додека САД беа главниот двигател и одлучија за стратегијата на западната интервенција во Авганистан, неколку европски земји вложија многу во војници и ресурси. Сега тие напори пропаднаа, а на Европејците им остануваат неколку неизбежни прашања. На прв поглед, тие се вртат околу најдобрите начини да ги извлечат на сигурно своите граѓани и оние што работеле со нив. Но, понатаму, тие мора да ги земат предвид лекциите од авганистанското искуство за нивната политика за безбедност, стабилизација, односите со САД и другите регионални сили и миграцијата, меѓу другите области.

Безбедност и одбрана

Драматичниот крај на мисијата во Авганистан неизбежно ќе го постави прашањето за иднината на воените интервенции. По „бесконечните војни“ во Ирак и Авганистан, САД очигледно повеќе не сакаат да ја вршат функцијата на „светски полицаец“. Затоа притисокот се зголеми врз Европејците да се вклучат во управувањето со кризи во сопственото соседство. Во иднина, Европската Унија (ЕУ) ќе треба да го зголеми својот придонес во превенцијата од кризи, стабилизација и градење мир. Мисијата во Авганистан им покажа на Европејците колку зависат од американските капацитети. Токму без американската воена поддршка, тие не можеа да ги евакуираат својот персонал и локалните авганистански сили од Кабул.
Во исто време, неуспешната мисија во Авганистан ги соочува многу Европејци со прашањето дали воените интервенции воопшто имаат смисла. Некои набљудувачи и политичари, особено во Германија, тврдат дека поуката од мисиите во Ирак, Либија и во Авганистан е дека повеќе не треба да се занимаваат со ваква форма на активност во иднина. Многумина се прашуваат што се постигна со долгогодишните обуки на авганистанските вооружени сили, распоредувањето европски војници и инвестирањето огромни суми пари. На европските политичари сега ќе им биде потешко да го убедат своето население во придобивките и легитимноста на воените интервенции во странство. Европските членки ќе треба да ги ревидираат тековните воени мисии, што за Франција и за Германија може да има значителни импликации за нивното присуство во Сахел. Европа не може да се заштити од проблематичните места во своето соседство, ниту едноставно да се гледа себеси како остров на блажените. Ако Европејците не се посветат повеќе на стабилизирање на нивното соседство, нестабилноста ќе дојде во Европа. Важно е да не се повторат грешките направени во Авганистан. Идните воени интервенции мора да имаат јасно дефинирана и остварлива цел, со потребните средства за нивно реализирање.
Европска стратегиска автономија

Неодамнешните настани во Авганистан неизбежно ќе имаат стратегиско влијание врз Европа, пред сè во нејзиниот капацитет и подготвеност да дејствува геополитички. Авганистан е тест за европска стратегиска автономија, која се темели на информации, одлука и акција. Информациите од засегнатите страни на теренот за подготовките на талибанските сили и брзината со која тие би можеле да го заземат Кабул беа, во најмала рака, погрешни. Одлуката на САД за повлекување датира од пролетта и не поттикна одговор од Европа тогаш. Европејците беа оставени да дејствуваат набрзина и во екстремно тешки услови.

САД не сакаат повеќе да ја вршат функцијата „дежурен полицаец“ во светот

Европа треба да дефинира какви треба да бидат нејзините амбиции за земјата. Отвореноста и врските се во срцето на европскиот проект, но тој не треба да се изолира од светот и да се наврати на старото и да биде внатрешно ориентирана и плашлива политичка тврдина. ЕУ треба да ги прими сите Авганистанци што работеа за невладини организации, нејзините членки и меѓународните организации, како и оние чии права и живот се загрозени од талибанците. Што се однесува до оние што остануваат во Авганистан, ЕУ може да им помогне преку докажани решенија. Таа знае како да води програми за развој и да обезбедува хуманитарна помош, особено во руралните области. Ова исто така ќе значи зајакнување на нејзиното присуство на терен за да се обезбеди правилна реализација на програмите и борба против корупцијата доколку режимот на талибанците е подготвен да прифати таква помош. Испораката на помош може да ѝ даде на ЕУ извесно влијание врз начинот на управување со Авганистан. Таа мора да донесе одлука да биде влијателна сила во регионот преку координацијата со членките во однос на собирање информации, донесување одлуки и придонес во развојот и безбедноста.

Предвидениот бран на Авганистанци во Европа е стрес-тест во тешкиот процес за развој на нов внатрешен договор на ЕУ за миграција и азил

Односите со САД

Неколку европски сојузници на Америка се жалеа гласно за повлекувањето на Џо Бајден од Авганистан, компетентноста со која тоа се спроведе и недостигот од значајни консултации со членките на НАТО. Но од почетокот на операцијата на НАТО во Авганистан, европските соработници доброволно, дури и со нетрпение, се потчинија на американската стратегија, без оглед на тоа дали имаше смисла. Главната лекција од колапсот во Авганистан за Европејците не е недостигот од консултации, па дури и надлежност на САД, туку тоа што третиот американски претседател по ред покажа дека неговата земја повеќе нема да биде „дежурен полицаец“ во светот или да ја користи својата моќ за да ја поддржи неостварливата цел за стабилност во далечните региони.
САД одлучија дека нема да следат изолационистички политики и ќе работат ефикасно со сојузниците, но само кога се во прашање нивните клучни интереси што се во однос на конкуренцијата со Кина.

Меѓутоа, во Централна Азија, Сахел, па дури и во источното соседство на Европа, не се случува тоа. Европејците имаат подиректни интереси во однос на тие места. За да ги заштитат овие интереси, тие ќе треба да развијат волја и способност за постигнување сопствен стратегиски суверенитет, вклучувајќи го и капацитетот за воена интервенција со мала или никаква американска поддршка. Тоа се скапи капацитети за кои ќе бидат потребни години за да се развијат и кои едвај се започнати. Не е изненадувачки што Европејците го претпочитаат стариот, удобен американски договор и сакаат да веруваат дека „Америка се врати на светската цена“, како што Бајден често ветува. Но ако Европејците извлечат поука од сегашните трагедии во Авганистан, тоа е дека стариот договор повеќе не важи и дека потпирањето врз него е опасно откажување од неизбежна одговорност.

Миграција

Еден резултат од брзиот напредок на талибанците низ Авганистан беше да се разбуди рефлексивниот страв во Европа од можен прилив на бегалци. Предвидениот бран на Авганистанци во Европа е стрес-тест во неизбежно тешкиот процес за развој на нов внатрешен договор за ЕУ ​​за миграција и азил врз основа на поправедно споделување на одговорноста и солидарноста. Уште на почетокот на август, писмото до Европската комисија потпишано од министрите за имиграција од Австрија, Белгија, Данска, Германија, Грција и Холандија даде јасен став. Додека амбасадорот на ЕУ во Кабул ги повика членките да ја прекинат репатријацијата на Авганистанци од Европа, поради зголеменото насилство во Авганистан, шесте земји инсистираа дека земјата е безбедно место. И, дури и откако Кабул беше заробен од талибанците, во целиот ужас и шок од состојбата, стана јасно дека лидерите на ЕУ ќе претпочитаат проблемот да му го остават на регионот. Францускиот претседател Емануел Макрон се изјасни против „нерегулираните бегалски текови“, австрискиот канцелар Себастијан Курц истакна дека нема да има дополнителен прием на Авганистанци во Австрија „додека тој е на чело на владата“, а грчкиот министер за миграција Нотис Митаракис истакна дека неговата земја нема да стане „порта за луѓето што сакаат да заминат во Европа“.
Новите бранови бегалци од Авганистан во ЕУ на краток рок не се многу реални. Освен, за жал, многу податлив број локални вработени и активисти што можат заминат од Авганистан, границите на земјата во моментов се практично запечатени. Од една страна, талибанците ги контролираат границите и спречуваат многу Авганистанци да ја напуштат татковината. Од друга страна, соседните земји, како што се Турција и Пакистан, ги затворија своите граници за да избегнат наплив на авганистански бегалци. На долг рок, многу Авганистанци можеби ќе имаат цел да дојдат во Европа за да им се придружат на членовите на своите семејства што живеат во земјите на ЕУ или да избегаат од условите во бегалските кампови. Останува на државите на ЕУ да реагираат подобро отколку што направија во случајот со Сирија. Тие ќе треба да се координираат со соседните држави на Авганистан во рана фаза, поддржувајќи ги финансиски и логистички да ги држат своите граници отворени и да обезбедат засолниште за оние што бегаат од талибанскиот режим. Покрај тоа, ЕУ мора да се координира за да создаде легални и безбедни патишта за пристап до Европа, на пример со издавање хуманитарни визи или привремено суспендирање на визните барања. Има доволно време да се дејствува доколку владите не трошат премногу време на популистички маневри.