Неодамнешниот позитивен самит меѓу лидерите на двете Кореи, само го дополни
очигледното дипломатско приближување на Корејскиот Полуостров. Но пред да почне
да прославува, американскиот претседател Доналд Трамп треба добро да размисли
за предизвиците што допрва го очекуваат

Кристофер Хил

По самитот од 27 април одржан меѓу јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин и неговиот севернокорејски колега Ким Јонг-ун, не изненадува тоа што американскиот претседател Доналд Трамп сака да се прикаже како генијалецот што стои зад дипломатијата меѓу двете Кореи. Но покрај малата надеж што се јави на полуостровот, Трамп можеби ќе зажали што се стави во центарот на вниманието, особено затоа што се ближи неговиот самит со Ким.

Во подготовките за тој настан, кој е најавен за 12 јуни во Сингапур, Трамп најверојатно ќе ги избегне експертските совети и самиот ќе дозволи да биде под влијание на конфликтни информации. Сепак, за него се знае дека нема капацитет за да апсорбира сеопфатни, организирани политички брифинзи, а неговите ставови се одраз на мислењата на луѓето со кои последни разговарал. Покрај тоа, него генерално го води чувството на гнев кон неговите претходници, особено кон претседателот Барак Обама, затоа што бил премногу наивен или нефокусиран веднаш да го реши проблемот.

Но емотивниот состанок меѓу Мун и Ким во Панмунџом, „мирното село“ на границата на двете Кореи, претставува голем предизвик за Трамп, кој сака голем и претенциозен приказ на неговата магија за склучување договори, за да може да му покаже на светот „колку го бидува за магионичарски трикови “. За жал, желбата за нуклеарно оружје на Северна Кореја не може лесно да исчезне со лесен магионичарски трик.
Во најдобар случај, самитот меѓу Трамп и Ким ќе даде понејасни формулации за она што би можело да се оствари во понатамошните преговори. Како пример за тоа колку нејасни и непрецизни можат да бидат ваквите дипломатски изјави да ја разгледаме заедничката изјава на Мун и на Ким од нивниот билатерален самит, во која тие тврдат дека имаат заеднички сон за нуклеарно разоружување на Корејскиот Полуостров.
Најверојатно, Ким ќе му даде гаранции на Трамп, кои звучат уште поохрабрувачки од оние што му ги даде на Мун, но не премногу. Поточно, Севернокорејците ќе тврдат дека нивниот нуклеарен арсенал е за самоодбрана што е логичен одговор на долгогодишното непријателство на САД. Тие ќе ја формулираат подготвеноста на Трамп да се сретне со Ким како позитивен прв чекор по патот на нуклеарното разоружување и ќе возвратат на гестот со соодветни отстапки, како што е стопирање на тестовите за нуклеарно оружје или за ракетите со долг дострел.

Но Ким ќе се двоуми дали да даде одговор на прашањето дали Северна Кореја ќе се врати на статусот држава без нуклеарно оружје и повторно ќе се приклучи во Договорот за нуклеарно неширење. Според севернокорејското раководство, за тоа ќе биде потребно повеќе време и ќе наложува САД и нивните сојузници да воведат постепени мерки за да ја елиминираат „недовербата“ што е главна загриженост на Северна Кореја.

Трамп од своја страна нема да прифати ништо „постепено“, па така ќе сака по кратка постапка да се постигне нешто што потсетува на неговата поставена цел. Со оглед на тоа што порано ги критикуваше напредните бази, тој може да предложи драматичен гест за да покаже дека САД немаат намера да ја користат војската во Јужна Кореја против Северна. Ким несомнено ќе биде заинтересиран и можеби дури ќе се согласи на некаков договор сличен на „нуклеарно разоружување“ во замена за американското повлекување на војската. Но сè уште ќе бара повеќе време.

Трамп исто така може да го отвори прашањето за американските граѓани што моментално се во затвор во Северна Кореја. За ова, Ким најверојатно ќе одговори дека секое ослободување на кој било затвореник е тешко, со оглед на „независното“ судство во Северна Кореја, но самиот ќе се претстави како еден хуманитарец што е подготвен да стори сè што може за да помогне. Можеби дури и ќе изрази жалење на Ото Вармбиер, американскиот студент што беше во кома и лани беше ослободен од притвор во Северна Кореја, но, за жал, никогаш не се разбуди и почина за кратко. Сепак, тој нема да преземе одговорност за тепањето што очигледно Вармбиер го претрпел.

Самитот меѓу Трамп и Ким ќе има топла атмосфера. Ким најверојатно ќе го почести Трамп со неговите планови за економски развој и неговата цел Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја, да стане светски град со светски хотел. Уште поважно, тој ќе ја објасни логиката зошто мора да се повлечат санкциите пред тој да ги постави темелите за нуклеарното разоружување.

Самитот меѓу Трамп и Ким е закажан за 12 јуни во Сингапур

На Трамп ќе му биде потребно многу повеќе за да оствари успех. Една варијанта е дека ќе се соочи со Ким за да дефинираат што точно ќе опфаќа терминот „нуклеарно разоружување“. Дури и да не се постигне договор, Ким барем ќе мора да признае дека нуклеарното разоружување значи целосно, потврдено и неповратно повлекување на програмата за нуклеарни оружја на неговата држава.

Во секоја смисла, за да докаже дека не бил „изигран“, Трамп ќе треба истовремено да заврши неколку задачи. За доброто на јавноста во Јужна Кореја, тој ќе треба да одреди насока во која ќе сака да го зачува духот од самитот меѓу двете Кореи и да не дозволи да пропадне укинувањето на санкциите. Тој исто така не смее ништо да стори со што би го нарушил сојузот на САД со Јужна Кореја и Јапонија што од него ќе се бара да ги задржи блиските односи со Мун и со јапонскиот премиер Шинзо Абе во текот на процесот и притоа ниеден лидер да не биде игнориран или потценет.

Покрај тоа, ќе треба да ги задржи сите алтернативи на масата, иако воените опции веќе се изоставаат во контекст на меѓукорејскиот дијалог. Уште поважно, тој ќе треба да го убеди севернокорејскиот режим барем да прифати дека целта е нуклеарното разоружување и да се согласи на процес за продолжен дијалог што можеби ќе кулминира со уште еден самит.

Каков и да биде исходот, Трамп ќе треба да се запраша дали ова е подобро од нуклеарниот договор со Иран, за кој тој изјави дека „е најлошиот договор што некогаш бил склучен“. Исто така можеби најтешкиот предизвик досега е да се убеди Трамп да ги преиспита своите ставови.

Хил е поранешен амбасадор на САД во Македонија и помошник-државен секретар за Источна Азија