Израел лобира кај САД да ја признаат Голанската Висорамнина, окупирана уште од 1967 година, како израелска територија. Ако се согласат, САД првпат по Втората светска војна ќе признаат територија освоена во воена операција. Со тоа, Вашингтон предводен од Трамп само ќе ги засили обвинувањата дека отстапува од нормите усвоени по Втората светска војна и може да предизвика уште поголема глобална нестабилност, оценува американски Стратфор

За време на мандатот на претседателот Доналд Трамп, САД брзо го променија својот пристап кон повеќето меѓународни норми што беа усвоени по Втората светска војна. Тие се повлекоа од Парискиот климатски договор и од иранскиот нуклеарен договор, оспорувајќи ги очекувањата за тоа како државите треба да постапуваат во меѓународните договори. Американците почнаа да воведуваат царини не само за ривалите туку и за сојузниците, почнаа поинаку да ги толкуваат светските трговски норми, чија цел е да се здружат економските ресурси и да се спречат војните.
Вашингтон сега размислува уште еднаш храбро да ги отфрли меѓународните стандарди. Се појавија гласини дека Израел лобира кај САД да ја признаат Голанската Висорамнина како израелска територија, која е окупирана од 1967 година, а САД дури и наводно размислуваат за таков потег. Ако Вашингтон одлучи да го признае барањето од Израел за спорната област, тоа ќе значи дека првпат по 1945 година САД ќе го признаат како валидно освојувањето територија со воена сила. Сето тоа ќе има огромни последици по актуелниот светски поредок.
По Втората светска војна, сојузничките сили ја прогласија за незаконска употребата на сила за освојување територии, а по 1945 година, со меѓународен консензус е отфрлена оваа форма на територијално освојување речиси насекаде.

Со прекршувањето на дотогашното правило на признавање на територијата освоена по воен пат, сојузниците се надеваа дека ќе спречат трета светска војна со пренасочување на тензиите и ривалствата кон меѓународните институции и владеењето на правото наместо кон судирите со пушки и тенкови. Всушност, ваквиот пристап влијаеше на многу аспекти во меѓународната сцена во 20 век, помагајќи да се ограничи советско-американскиот натпревар во борбата за влијание наместо за територија.
Секако, нормите не поминаа неоспорено. Турската инвазија на Кипар во 1974 година, индонезиската инвазија на Источен Тимор во 1976 година, ирачката инвазија на Кувајт во 1990 година и руската анексија на Крим во 2014 година се повоени примери на државите во обид да освојат територија по воен пат. Во секој од овие случаи, САД, заедно со повеќето други големи сили, цврсто стоеја на ставот дека таквите експанзии се противзаконски, неоправдани и треба во најскоро можно време да се променат.

Ако САД одлучат да го признаат правото на Израел врз Голанската Висорамнина, тоа ќе биде драстична промена на курсот. Одлуката ќе има поинакво значење од нивната друга скорашна дипломатска одлука во врска со Израел, а тоа е да ја преместат амбасадата од Тел Авив во Ерусалим. За Израел, тоа што САД го признаа Ерусалим за главен град на државата беше голема симболична победа, со оглед на светиот статус. Но Израел ја контролира Голанската Висорамнина уште од 1967 година, а ја анкетира во 1981 година и сега има речиси 20.000 жители таму и добро распоредена војска. Во основа, американското признавање на Голанската Висорамнина нема да смени речиси ништо. Но на светско ниво тоа ќе биде голема промена, затоа што областа беше освоена по воен пат наместо да му биде доделена на Израел пред истекот на британскиот мандат во 1948 година.

Со поткопувањето на прифатените норми за непризнавање на територијата освоена по воен пат, САД ќе направат уште еден чекор во дистанцирањето од дипломатската традиција и потегот би можел да има големи последици не само во справувањето со другите спорни територии туку и исто со тоа што државите можат да очекуваат една од друга во овој период од историјата.
Не сите држави можат и ќе го толкуваат американското признавање на Голанската Висорамнина како покана за враќање кон времето пред Вестфалскиот договор од 1648 година, кога кралевите и царевите освојувале територии со војување. Но одлуката на Вашингтон несомнено ќе ги усложни актуелните гранични спорови. Русија веќе се надева дека ќе може да ја легализира окупацијата на Крим преку голема дипломатска зделка со Западот. Таа ќе увиди дека ваквиот пристап ќе се покаже како успешен ако САД продолжат со намерата да ја признаат Голанската Висорамнина. Кина ги отфрли меѓународните пресуди против градењето на нејзините острови во Јужно Кинеско Море, тврдејќи дека меѓународните институции се под влијание на силите што се непријателски настроени кон подемот на Пекинг. Гледајќи како примерот со Голанската Висорамнина претставува преседан, Кина може да се охрабри и да верува дека ако чека доволно долго во Јужно Кинеско Море, тогаш и нејзе ќе ѝ се признае правото.

Покрај тоа, некои држави би можеле да се охрабрат и да преземат поагресивни воени чекори, затоа што нема да стравуваат од интервенција на САД. Шансата да се избегне американската интервенција би била интересна за лидерите што веруваат дека воено решение може да помогне за територијалните спорови, да се одвлече вниманието од домашните проблеми или да се создаде дипломатска предност за да се решат други спорови. (Ова беше причината поради која ирачкиот диктатор Садам Хусеин го нападна Кувајт во 1990 година откако заклучи дека САД нема да интервенираат.)
Америка сè повеќе им пристапува на меѓународните прашања од финансиски аспект. На Блискиот Исток, Израел го гледа како најмоќен партнер што ќе ѝ помогне да ги постигне нејзините цели. Затоа сака да го зајакне Израел и, до одреден степен, Саудиска Арабија во замена за нивната лојалност кон неа. Делумно, од ова потекна одлуката за преместување на амбасадата во Ерусалим и исто така може да ја поттикне одлуката за Голанската Висорамнина.
Ако САД продолжат да се потпираат на финансискиот пристап во дипломатијата со тоа што Голанската Висорамнина би ја признале за израелска територија, тоа јасно би покажало дека тие веруваат дека со териториите може да се тргува и да се менуваат како што наложува ситуацијата, односно дека интегритетот на границите не е принцип со доволно силна одбрана.

Поради ова, воведувањето на нормите по Втората светска војна во голема мера ќе падне во рацете на Европејците, а внатрешните борби во ЕУ укажуваат дека Стариот Континент сега едноставно не е толку силен. Европа не успеа во своите напори да ги спречи царините или да ги натера државите да ги почитуваат договорите. Ако САД се откажат од прифатените норми за непризнавање одредена територија одземена со сила, најсилните европски држави, како Германија, Франција и Британија, ќе мора да преземат чекори. Но, покрај нивните напори, тие можеби не се доволно моќни за да ги спречат другите држави да го променат поредокот воспоставен по Втората светска војна.