Додека во изминатите неколку децении беше забележана брза урбанизација во Индија и во Кина, сепак градовите во Африка се меѓу најбрзорастечките во моментов. Во наредните пет години, дивизијата за население на Обединетите нации (ОН) очекува 28 града да забележат раст со годишна просечна стапка од над пет отсто, од кои 22 се наоѓаат во Африка. Во светот се очекува 86 града во истиот период да регистрираат стапка на раст од четири до пет отсто, а од нив, 58 се наоѓаат исто така во Африка, додека 24 се во Азија и на Блискиот Исток. Најбрзорастечките градови во Африка се наоѓаат во државите Нигерија, Демократска Република Конго, Ангола, Танзанија и Мозамбик.
Зголемувањето на урбанизацијата се одвива паралелно со економскиот напредок во светот во развој, но брзата урбанизација на Африка донесе предизвици, како ширење на сиромашните квартови и пренатрупани живеалишта, метеж на патиштата и загадување, бидејќи урбаниот развој не соодветствува со урбаниот раст. Брзата стапка на раст на градовите исто така може да навести нарушувања поради оружени конфликти, глад или бегство од руралните области.