Европа со 18 отсто сочинува најголем дел од светскиот удел од вкупното светско финансирање стартапи / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претприемачите во Европа располагаат со огромни суми пари и имаат цела листа на барања, но вниманието на политичарите е свртено на друго место, истакнува Питер Хаек за „Политико“

Вртоглав раст на приходите на помалите технолошки компании во ЕУ

Европските стартапи имаа одлична година, но тоа со сигурност не се дозна од Брисел. Во понеделникот, естонската компанија за делење превоз „Болт“ доби 600 милиони евра за да започне нова услуга со испорака на намирници. Од друга страни, официјалните лица во Брисел беа фокусирани на истрагата на Европската комисија за планираното купување на „Кастомер“ од страна на „Фејсбук“. Стартапите од Стариот Континент акумулираат сè повеќе средства и се наметнуваат како доминантни играчи во ултраконкурентни области, како што се финансиските услуги и зелената технологија. Но непоколебливиот фокус на Брисел кон припитомување на водечките американски компании, во комбинација со сопствениот недостиг од искуство на европските претприемачи во седиштето на Европската Унија (ЕУ), би можел да ги извиси европските стартапи. Извршната потпретседателка Маргрет Вестагер и Тиери Бретон, комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, ја зајакнуваат својата битка против водечките американски технолошки компании, со тоа што остварија средба со крупни играчи, како Пет Гелсингер, извршниот директор на „Интел“, но едвај остварија некакви средби со некои од шефовите на европските стартапи, кои сега се проценуваат на над една милијарда евра за оваа година.

Фокусирани на Силициумската Долина

Експертите велат дека фокусот на контролата врз вишоците на најголемите, претежно американски компании ги одвратува од доброто што политичарите и регулаторите можат да го направат за сопствената индустрија во Европа. Дури и Марија Габриел, комесарката за иновации и жестока поддржувачка на стартапите, побара од ЕУ да престане да се фокусира само на Силициумската Долина. Таа за „Политико“ во јуни порача дека „е загубена“ потрагата за формирање европски „Гугл“. Но не е единствената со ваков став. Инвеститорите се желни да го поддржат ставот дека европските стартапи можат да покажат успех, ако го изберат вистинскиот.
Оваа година, европските компании добија неверојатни 48 милијарди евра во инвестиции, што е речиси трипати повеќе пари за истиот период лани. Европа со 18 отсто сочинува најголем дел од светскиот удел од вкупното светско финансирање стартапи. Фират Илери, кој е партнер во „Хамингбрд венчрс“, потенцира дека Европа прерасна во еден од поинтересните региони за инвестиции од американските фондови. Шведскиот сервис за стриминг на музика „Спотифај“ беше една од водечките компании. За инвеститорите, европскиот пазар не е прегреан и е многу поатрактивен од американскиот и послободен од кинескиот, рускиот или бразилскиот, но не благодарение на ЕУ.
Системските проблеми, како недостигот од хармонизација низ континентот, значат дека европските стартапи треба да потрошат многу енергија да научат и да почитуваат мноштво правила, како ангажирање регрути што не се од ЕУ или наградување на вработените со доделување акции. Патрик Колисон од финансиско-технолошкиот гигант „Страјп“ се залага за поедноставен заеднички пазар, помалку непрактични и неефикасни регулативи, подобар правен третман на опциите за акции и полесен пристап до визи за висококвалификуваниот кадар. Сепак, не е јасно дали ќе се направи некаква разлика. Проблемот е во тоа што колку повеќе време Европа троши на ограничување на големите технолошки компании, толку помалку време има да се фокусира да ги убеди националните влади да ги хармонизираат законите за работни односи, доселувањето и даноците што ги ограничуваат стартапите и нивните инвеститори.

Листа на желби

Европските стартапи се борат некое време со хармонизирање на агендата на Брисел. Комисијата вели дека е немоќна, бидејќи многу малку или речиси воопшто нема удел во прашањата како даноците и доселувањето, но може да насочи некои од членките во вистинската насока. Симон Шефер, претседателот на португалската стратегија за стартапи, признава дека неговата индустрија не се залагала многу во самата Комисија. Според него, претприемачите треба да сфатат дека политиката е двигател, а не товар и треба многу повеќе да се вклучат. Додека гигантите од Силициумската Долина активно им се додворуваат на политичарите, ЕУ е култура што е малку поинтровертна од американската.

Неколку стартапи што лобираат во Брисел генерално дејствуваат во рамките националните чадор-организации. Во мај, тие претставија уште една политичка агенда што се залага за поатрактивни шеми за добивање акции или паневропска стартап-виза. Планот не дава детали како ќе тече процесот. Во однос на опциите за акции, во препораките се наведува дека одделот на Европската комисија за финансиска стабилност и капитални пазари треба да ја координира активноста на оваа политика. Но тоа може да се промени. Успешните претприемачи, како Даниел Ек на „Спотифај“, Патрик Колисон од „Страјп“ или Себастијан Сиемиатковски од „Кларна“, се одлучија да лобираат преку објави на Твитер и функционери во Брисел. Браќата Колисон, кои ја отворија нивната компанија во Силициумската Долина, применуваат поагресивен пристап во вклучувањето на европските политичари, со тоа што нивната компанија го ангажира Сандро Џанела, главниот лобист во Европа од „Гугл“.
Сепак беше постигнат некаков напредок. Во март, европските членки се договорија за стандардите за стартапите, кои претставуваат низа најдобри практики за воспоставување пристапна средина за вакви бизниси, а канцеларијата во Лисабон беше задолжена за надгледување на напредокот. Со тоа што Франција претседава со Европскиот совет од јануари, државата планира да формира еден вид коалиција на ентузијастите за европска стартап-виза. Сепак, оваа заедница сè уште е претпазлива дали политичарите ќе можат да го следат финансискиот бум.