Финска планира да го извезува ураниумот во други европски земји и во Северна Америка

Финска е на пат да стане единствен производител на ураниум во ЕУ откако Чешка и Романија ги запреа своите производствени капацитети

Финската влада неодамна ѝ издаде дозвола за обнова и рафинирање ураниум на компанијата „Терафејм“, во која државата има удел од 70 отсто. Таквата одлука ќе ја претвори Финска во единствен производител на ураниум во ЕУ откако Чешка и Романија ги запреа своите производствени активности.
Главните активности на „Терафејм“ се однесуваат на ископување и преработка на никел и цинк, додека ураниумот е нуспроизвод на процесот на ископување метална руда. Во иднина, компанијата планира да го рафинира и извезува ураниумот во форма што се користи како гориво за нуклеарните централи.

Дозволата издадена на 5 февруари ѝ овозможува на компанијата да произведува до 250 тони ураниум секоја година, иако компанијата проценува дека реалното производство веројатно ќе биде значително помало.
Двете нуклеарни централи во Финска нема да имаат корист од домашното производство и рафинирање, а намерата е ураниумот да се произведува за комерцијални цели и извезува во Северна Америка или во други земји во Европа. Компанијата веќе инвестира 75 милиони евра за производство и рафинирање ураниум и планира да инвестира уште десет милиони евра по добивањето на потребните дозволи.

Сепак, за да може да извезува ураниум, „Терафејм“ мора да добие дозвола од Министерството за надворешни работи на Финска, како и од Европската агенција за атомска енергија (Евроатом).
Како и секогаш кога станува збор за нуклеарна енергија и ураниум, временските рамки се долги, а „Терафејм“ сѐ уште се соочува со можни препреки. Нејзините капацитети во Источна Финска се подготвени уште од 2012 година, но завршувањето на фабриката и организирањето на целиот потфат за рафинирање ураниум ќе траат околу една година. Иако „Терафејм“ ги има набавено хемикалиите и еколошките дозволи, одлуката на Владата е предмет на жалба пред Врховниот управен суд на Финска. Процесот може да трае и до две години, кога дозволата ќе нема правна сила.

Агенцијата за радиолошка и нуклеарна безбедност лани објави соопштение во кое се тврди дека „нуклеарните и радиолошките безбедносни ризици предизвикани од производство на ураниум се мали и за животната средина и за жителите во регионот“. Очигледно еколозите сметаат поинаку, особено затоа што имиџот на „Терафејм“ беше оцрнет со испуштање отпадни води и со други еколошки проблеми. Финското здружение за заштита на природата (ФАНК) најверојатно ќе се жали против решението до Врховниот управен суд.

ФАНК тврди дека дозволата е спротивна на законот за нуклеарна енергија. Здружението бара студии за влијанија врз целиот синџир на производство. Целиот процес може да потрае неколку години, а конечната одлука не се очекува да биде донесена пред почетокот на 2022 година.