Повлекувањето на САД од нуклеарниот договор се заснова на идејата Иран да се изолира и потоа да се изврши промена на режимот. Заговорниците сметаат дека промената на режимот може да се спроведе преку економски санкции, кои би предизвикале големо народно незадоволство и пуч, или преку провоцирање на Иран да ја обнови нуклеарната програма, а САД потоа да интервенираат

Стивен Волт

Како што се очекуваше, Доналд Трамп се додржа до неговото его, неговата завист кон Барак Обама, неговите тврдокорни донатори, новите воинствени советници и, пред сè, неговото незнаење и притоа се повлече од иранскиот нуклеарен договор, со кој би се спречил Иран да се стекне со нуклеарно оружје. Заедно со неговата глупава одлука да се откаже од Транспацифичкото партнерство, ова најверојатно ќе биде неговиот гаф со најголеми последици во надворешната политика.
Важно е да се разбере што навистина се случува. Одлуката на Трамп не се базира на желбата да го спречи Иран да направи нуклеарна бомба. Ако стануваше збор за тоа, тогаш ќе имаше повеќе смисла да остане цврсто на договореното и потоа преку преговорите истиот да стане траен. Конечно, и Меѓународната агенција за атомска енергија (која ги надгледува и испраќа инспекции во капацитетите на Иран) и американското разузнавање се согласни дека Иран целосно го почитуваше договорот откако беше потпишан. Всушност, како што истакнува Питер Бејнарт, токму САД несомнено не успеаја да ги исполнат своите обврски.

Ниту одлуката на Трамп не беше мотивирана од желбата да ги спречи разните регионални активности на Иран, како што е неговата поддршка за режимот на Башар ал Асад во Сирија, како и Хезболах во Либан. Ако ова беше неговата цел, тогаш разумниот тек на настаните ќе беше да не се повлече од договорот (кој го спречува Иран да развие нуклеарно оружје) и да ги натера другите држави да ги поддржат САД и да извршат притисок врз Иран за ваквите прашања. Не само што за Трамп ќе биде невозможно да ја состави истата мултинационална коалиција што го склучи иранскиот договор, туку и Иран тешко дека ќе сака да соработува со САД сега кога Трамп покажа дека не може да му се верува на американскиот збор.

Што се случува? Одговорот е едноставен: повлекувањето од иранскиот договор се базира на желбата Иран да се изолира и да се спречи да воспостави нормални односи со надворешниот свет. Оваа цел ги обединува Израел, тврдокорното крило на израелското лоби (Комитетот за американско-израелски јавни односи, Фондацијата за одбрана на демократиите, Обединети против нуклеарен Иран) и агресивните политичари вклучувајќи го советникот за национална безбедност Џон Болтон, државниот секретар Мајк Помпео и многу други. Тие многу стравуваа од тоа дека САД и нивните сојузници од Блискиот Исток на крајот ќе мора да го признаат Иран како легитимна регионална сила и да му дадат одреден степен на регионално влијание.
Не се работи за регионална доминација, која Иран веројатно не ја посакува и е светлосни години од нејзино постигнување, туку се работи за признавање дека Иран има регионални интереси и дека неговите приоритети треба да се стават предвид кога се решаваат важните регионални прашања. Ова претставува анатема за американските агресивни политичари, чија главна цел е да се погрижат Иран засекогаш да остане изолиран отпадник.

Во сржта на оваа перспектива е тревогата за промена на режимот, која американските агресивни политичари и други антирежимски сили ја посакуваа со години. Ова е крајната цел на групите како Муџахедин е Калк (МЕК), прогонетата иранската организација што порано беше на американската терористичка листа.
МЕК го презираат во Иран, но нив ги поддржуваат и републикански и демократски политичари (вклучувајќи го и Болтон), кои добиваа значителни суми во минатото. Кој вели дека не можете да купите или да изнајмите американски политичар? (Всушност, никој повеќе не го вели ова.)
Агресивните политичари гледаат две можни опции за промена на режимот. Првиот пристап се потпира на воведување економски притисок врз Техеран со надеж дека незадоволството на народот ќе порасне и дека верскиот режим лесно ќе се распадне. Втората опција е да се испровоцира Иран да ја обнови нуклеарната програма, што ќе му даде повод на Вашингтон да почне превентивна војна. Да ги разгледаме повнимателно двата пристапи.

Во однос на првиот пристап, верувањето дека уште построги санкции ќе предизвикаат распад на режимот е чиста фантазија. Американското ембарго врз Куба траеше повеќе од 50 години, а режимот на Кастро уште е на власт (иако Фидел е починат, а неговиот брат Раул само што се повлече од власта за да го наследи негов личен избраник). И покрај повеќе од 60 години на постојано зголемување на санкциите, севернокорејскиот режим уште се држи на власт и санкциите не го спречија да се стекне со нуклеарен арсенал. Со години ни велат дека Иран е на работ да се распадне, но тоа никогаш не се случува. Санкциите не ги соборија од власт Садам Хусеин во Ирак или Моамер ал Гадафи во Либија. Тврдокорните се возбудија пред неколку месеци кога антивладините демонстрации се појавија во неколку ирански града, но со оваа логика, масовните демонстрации што се појавија во многу американски градови кога Трамп беше избран се сигнали дека и таму беше можна промена на режимот. Сепак, тоа не се случи. Економскиот притисок понекогаш може да помогне да се убедат противниците да преговараат и можеби да ги променат своите политики, па дури и да ја ослабат економијата на непријателот за време на војна, но повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор нема да го фрли Иран на колена.

Што ако не сме во право и верскиот режим навистина се распадне? Како што видовме и во други случаи, резултатот нема да биде стабилен, добро функционален и проамерикански режим. Американски поддржаната промена на режимот во Ирак доведе до граѓанска војна, брутално насилство и подем на Исламската држава. Истото се случи и со странски наметнатата режимска промена во Либија. САД исто така постојано интервенираа на места како Сомалија, Јемен, Авганистан и Сирија во изминатите неколку години, а резултатот беше само дополнителна нестабилност и плодна почва за терористи. Да не заборавиме дека првично американски поддржаната режимска промена во Иран, која го симна од власт демократски избраниот премиер Мохамед Мосадек и повторно го постави шахот Мохамед Реза Палави во 1953 година, го предизвика антиамериканизмот со кој САД се справуваат уште од револуцијата од 1979 година. Не заборавајте дека многу истакнати фигури од режимот, вклучувајќи ги лидерите на таканареченото Зелено движење, исто така ја поддржуваат иранската нуклеарна програма и нема да станат слуги на Вашингтон дури и ако некако дојдат на власт.

Што се однесува до втората опција, која е војна, агресивните политичари се надеваат дека ако дојде до безизлезна ситуација и се укаже можност за војна, познатата комбинација на брза доминација истовремено ќе ја елиминира иранската нуклеарна инфраструктура и ќе го поттикне неговиот народ да се крене на бунт и да ги отфрли лидерите што (наводно) ги вовлекле во ваква тешка ситуација. Ваквото сценарио е смешно. Ако Америка ги бомбардира Иранците, тогаш сигурно нивната прва реакција нема да биде благодарност. Наместо тоа, американската и/или израелска воздушна офанзива против Иран ќе го поттикне иранскиот национализам и уште повеќе ќе ја зацементира лојалноста на народот кон режимот.

Покрај тоа, воен напад од страна на Израел и на САД нема да го спречи Иран да се стекне со нуклеарно оружје, туку само ќе го одложи за некоја година. Таков напад само ќе ги убеди Иранците дека единствениот начин да се заштитат е сами да имаат своја одбрана, како Северна Кореја, а со сигурност Иран ќе ги удвои неговите капацитети во скриени и на добро заштитени локации. Кога САД ќе го присилат Иран да тргне по тој пат, најверојатно по него ќе тргнат и другите држави во регионот. Ако мислевте дека светот ќе биде подобар со неколку нуклеарни режими на Блискиот Исток, тогаш не двоумете се да ја одберете оваа опција. Само немојте да се жалите потоа. И бидете внимателни, ако се случи војна и резултатот е поголем број жртви и многу прокоцкани пари, како и разгорување на уште поголем регионален конфликт, тогаш вината ќе биде само кај човекот што моментално седи во Овалната соба. Ниту жалбите, префрлањето на вината кај назначените функционери и полуписмените објави на Твитер нема да променат ништо.

Накратко, последниот гаф на Трамп покажува дека тој на американскиот народ не му нуди поограничена надворешна политика, која ја вети во 2016 година, или поправање на разните грешки на неговите претходници (а, ги има многу). Наместо тоа, Трамп нè навраќа на наивната, несофистицирана, еднострана и премилитаризирана надворешна политика на онаа од првиот мандат на Џорџ В. Буш. Назначувањето на Болтон за советник за национална безбедност, Помпео како државен секретар и номинацијата на поранешната кралица на мачењето Џина Хаспел да раководи со ЦИА не претставува враќање на реализмот, туку на чејнизмот. Се сеќавате колку тој успешно се покажа?
Ото фон Бизмарк славно изјави дека е добро да се учи од сопствените грешки, но уште подобро е да се учи од туѓите. Последниот настан покажува дека САД не се способни да научат ни од двете. Исто така тој сугерира дека треба повторно да се разгледа лажниот коментар на Винстон Черчил дека САД секогаш постапуваат правилно. Под власта на Трамп се чини дека САД секогаш погрешно постапуваат, но откако прво ќе ги разгледаат и отфрлат сите очигледно подобри опции.

Авторот е професор по меѓународни односи на универзитетот „Харвард“