Исто како договорот постигнат на конференцијата во Јалта, во 1945 година, повторната поделба на глобалните сфери на влијание меѓу САД,
Русија и Кина може да постигне сличен успех, смета Дејвид Т. Пајн за „Нешенел интерест“

Балансот на големите сили во геополитиката

Постои зголемена закана од војна на два фронта со Русија и со Кина, што произлегува од нивната зголемена супериорност над САД во однос на нуклеарниот арсенал, електромагнетниот пулс (ЕМП) и сајбер-оружјето. Покрај оваа зголемена стратегиска воена инфериорност на САД, повеќето американски политичари продолжуваат да веруваат дека тие се најголемата воена сила во светот. Поради оваа заблуда ги занемарија обновувањето на американскиот нуклеарен арсенал, изградбата на сеопфатен национален систем за противракетна одбрана и јакнењето на американската електрична мрежа за одвраќање од можен катастрофален напад од Русија или од Кина. Американските лидери мора да ја отфрлат својата идеалистички погрешна претстава за безбеден еднополарен свет во кој САД општо важат за најмоќната суперсила. Америка сега се соочува со сè потешки ограничени и непријатни избори и има сериозна потреба од нова голема напредна стратегија што ќе се спротивстави, ќе дели и ќе го наруши сојузот што сè повеќе се зацврстува помеѓу другите две водечки нуклеарни суперсили.

Каква треба да биде новата стратегија?

За да одговорат на оваа невидена дилема за националната безбедност и да обезбедат опстанок на САД, американските лидери мора да ја заменат потрагата по хегемонија со стратегиско намалување и одржување на рамнотежата на моќ надвор од своите граници. Планот за стратегиско намалување ќе ги зачува скапоцените американски животи и богатство, заедно со ограничените воени ресурси, кои ќе ги пренасочи во одбраната на клучните американски интереси. Тоа ќе ги намали ризиците од избувнување непотребна војна со американските противнички нуклеарни суперсили, што ќе доведе до побезбеден, посигурен и помирен свет.
Со американското стратегиско намалување, ниту една голема сила нема да доминира во Европа и во североисточна Азија. Сепак, тоа ќе ги натера сојузниците на САД да го преземат главниот безбедносен товар во нивните региони и ќе се потпираат на локалните сили за да ја одржуваат рамнотежата со регионалните хегемони, како Русија и Кина. Американските воени сили ќе останат стационирани во и надвор од државата, избегнувајќи ја истурената позиција, според која тие во суштина ги поврзуваат САД во странски војни во случај на агресија, но се недоволни за одбрана на американските сојузници, па дури и за спречување таква агресија. Стратегијата за одржување на рамнотежата надвор ќе ја врати слободата на одлучување на САД во однос на изборот во кои војни да учествува, а кои да ги избегнува, имајќи предвид дека таквите војни би можеле брзо и неочекувано да ескалираат на нуклеарно ниво.

Намалување на странското воено присуство на САД

За да се намали зголемениот ризик САД да се заплеткаат во војни со големи сили, кои дополнително би ја изложиле американската територија на секаков вид напад, Вашингтон би ги повлекол своите воени сили од Европа, Африка и Азија, вклучувајќи и од Блискиот Исток. САД би испратиле експедициски сили само доколку нациите во нивната сфера на влијание или оние што спаѓаат во нивните клучни интереси, како Западна Европа и Јапонија, се под непосредна закана од непријателски напад. Исклучок би се направил за да се задржи ограничениот број на американски војници распоредени во Германија како заштита од можна руска офанзива против Западна Европа, затоа што овој регион е важен за американската економија и индустрија.
Ограниченото американско воено присуство во странство дополнително ќе ја намали поддршката за антиамериканскиот тероризам и, што е најважно, во голема мера ќе го намали поттикот за Русија и Кина да го јакнат меѓусебниот сојуз за да ја одржуваат рамнотежата против САД. Како дел од оваа стратегија, Америка конечно ќе се откаже од својата неуспешна „светска војна против теророт“, на која потроши илјадници милијарди долари. По две децении одвлекување на вниманието, во кои Русија и Кина ги престигнаа американските капацитети во секоја клучна област на стратегиска воена технологија, САД конечно ќе продолжат со модернизацијата и обновата на својот стратегиски нуклеарен арсенал, но и одбранбените капацитети.

Нова Јалта?

Оваа теорија за стратегиско намалување не е нова. Историската анализа покажува дека повеќето големи сили во акутен пад усвоиле стратегии за намалување на надворешното присуство и биле значително поуспешни од државите што спровеле други политики. Усвојувањето голема стратегија за одржување на надворешната рамнотежа може да биде придружено со водењето американска дипломатска „мировна офанзива“ и преговарање за договор за глобална сфера на влијание, кој ги заштитува клучните интереси на САД за да се избегне зголемената веројатност за несакана и разорна војна со Русија или со Кина. Последниот ваков договор за поделба на сферите на влијание беше постигнат меѓу американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт, британскиот премиер Винстон Черчил и советскиот лидер Јосиф Сталин на конференцијата на Јалта, во февруари 1945 година. Договорот успеа да го одржи мирот на големите сила во Европа повеќе од половина век, благодарение генерално на тоа што САД одржуваа нуклеарен паритет со Советскиот Сојуз за време на целата Студена војна.

Рускиот претседател Владимир Путин повеќепати нагласи дека една од главните цели
во неговата надворешна политика е договор за „нова Јалта“

Глобалната сфера на влијание помеѓу САД, Русија и Кина може да има сличен успех за целиот свет. Рускиот претседател Владимир Путин во неколку наврати изрази дека една од главните цели на неговата надворешна политика е постигнувањето договор за „нова Јалта“. Така, светот би бил поделен на региони, секој со свој доминантен регионален хегемон, за да се промовираат мир и стабилност. Според него, САД би ја задржале најголемата сфера на влијание, вклучувајќи ги целата Западна хемисфера, Западна Европа, Јапонија, Австралија и Нов Зеланд, кои ќе останат заштитени под американскиот „нуклеарен чадор“. Руската сфера на влијание би ги вклучила поранешните советски републики, Србија, Иран, Ирак, Сирија и Либија. Сферата на влијание на Кина може да се состои од Северна Кореја, Тајван, Јужно Кинеско Море, Пакистан, Авганистан, четирите комунистички нации во Југоисточна Азија и десетина африкански нации во моментов предводени од комунистички лидери. Доколку американските лидери се согласат на таков план и се обврзат дека нема да бидат распоредени американски војници во Источна Европа, освен во случај на руска агресија, тогаш Русија, откако ќе ја оствари својата цел да постигне воена безбедност по западната граница, може да го сврти својот фокус на исток, кон зголемената закана од Кина.
Денес, САД може дури и да се согласат да се повлечат од НАТО, кое ќе продолжи да функционира како алијанса предводена од Европа, а во замена Русија да се повлече од сојузот со Кина и да им стави крај на целата меѓусебна воена соработка и помош. Ваквиот сеопфатен договор ќе ги препознае и почитува клучните интереси на сите три нуклеарни суперсили и ќе ги реши сите големи отворени спорови. Ова би ги минимизирало можните ризици од воен конфликт во интерес на зачувување на мирот на големите сили.

Можни чекори на САД

Русија и Кина веќе имаат свои сфери на влијание, без разлика дали американските лидери ги признаваат или не. Постојаните американски воени упади во овие сфери од крајот на Студената војна (особено преку проширувањето на НАТО во Источна Европа и во балтичките држави) ги поттикнаа и двете земји воено да се зближат. Понатаму, САД имаат безбедносни обврски со над една петтина од сите земји што сериозно ја оптоварува нивната војска. Затоа, друга поизводлива и политички прифатлива алтернатива за склучување сеопфатен договор со Русија и Кина ќе биде администрацијата на Бајден да ги повлече американските воени сили од Источна Европа, Централна Азија, Блискиот Исток, Јужно кинеско Море, Јапонија и Корејскиот Полуостров. Американските лидери и натаму веруваат дека колку повеќе сојузници имаат, толку е побезбедна нивната земја. Администрацијата на Бајден треба да ги анализира трошоците и придобивките од сите американски сојузи за да утврди кои ја зголемуваат националната безбедност, а кои ја ставаат под поголем ризик. Најитно, американските лидери треба да ги известат Москва и Пекинг дека Америка нема да интервенира воено во какви било можни војни за Тајван или поранешните советски републики, откажувајќи се од идните воени интервенции во нивните сфери на влијание. Ваквите дејства ќе ја зајакнат националната безбедност на САД и во голема мера ќе ги намалат шансите за напад на Русија и Кина на американска територија, со намалување на замислената закана по Москва и Пекинг, истовремено зголемувајќи ја веројатноста за појава на раздор меѓу нив, што постепено може да доведе до нарушување на нивниот сојуз.
Како што покажува историјата, Русија и Кина се обединија најмногу поради кратковидите обиди на Америка да ја проектира својата моќ во Источна Европа и Источна Азија, заедно со нејзините напори да стане доминантна суперсила. Ако Америка не го поттикнеше нивниот гнев, историската противничка врска меѓу Кина и Русија одамна ќе беше жива.