Прогресивните интелектуалци визијата за економски рај главно ја поврзуваат со скандинавските земји, кои се богати, демократски и имаат правична распределба на богатството, како и достапна здравствена заштита и бесплатно високо образование. Сепак, има една земја што е далеку побогата и исто толку правична како и скандинавските, ама со помали даноци, поефикасна влада и со поотворена и постабилна економија. Таа земја е Швајцарија

Ручир Шарма

Како многу прогресивни интелектуалци, американскиот претседателски кандидат Берни Сандерс ја поврзува својата визија за економски рај не со социјалистичките диктатури како Венецуела, туку со нивните далечни роднини во Скандинавија, кои се исто толку богати и демократски како САД, но имаат поправична распределба на богатството, како и достапна здравствена заштита и бесплатно високо образование за сите.
Сепак, постои земја далеку побогата и исто толку правична како секоја од скандинавската тројка: Шведска, Данска и Норвешка. Но никој не зборува за неа. Оваа европска економија од 700 милијарди долари е меѓу 20-те најголеми во светот, значително поголема од која било во Скандинавија. Таа обезбедува социјална заштита исто како и Скандинавија, но со помали даноци, помала влада и со поотворена и постабилна економија. Стабилниот пораст неодамна ја претвори во втора најбогата држава во светот, по Луксембург, со просечен приход од 84.000 долари, или 20 000 долари повеќе од скандинавскиот просек. Парите не се последна мера за успех, но анкетите исто така ја рангираат оваа нација како една од десетте најсреќни во светот. Оваа помалку социјалистичка, но поуспешна утопија е Швајцарија.

Додека ја зголемуваше предноста во приходите во однос на Скандинавија во изминатите децении, Швајцарија спроведуваше и мерки за поголема еднаквост. Богатството и приходот се дистрибуираат низ населението речиси еднакво како и во Скандинавија, при што средната класа поседува околу 70 отсто од богатството на нацијата. Големата разлика е во тоа што типичното швајцарско семејство има нето-вредност од околу 540.000 долари, што е двојно повеќе од типичното скандинавско семејство.

Швајцарија го привлече медиумското внимание околу 15 минути во 2010 година, кога Обамакер сè уште беше нова програма, но само поради својот здравствен систем, кој бара од сите жители да купат осигурување од приватни компании, а ги субвенционира оние што најмалку можат да си го дозволат тоа. Восхитените набљудувачи велеа дека швајцарската здравствена заштита има по нешто за секого: универзална покриеност за либералите и приватни компании и слобода на избор на потрошувачот за конзервативците.

Но во најголем дел, интелектуалците ја игнорираат Швајцарија како модел, можеби зашто се обесхрабрени од нејзиниот пренагласен углед на сомнителен мал даночен рај, во кој нацистичкото злато и другите нелегални богатства се кријат зад строгите закони за банкарските тајни. Во 2015 година, Швајцарија под притисок се согласи да ги сподели банкарските податоци со странските даночни власти, но тоа воопшто не ја забави нејзината економија. Швајцарија отсекогаш беше нешто повеќе од група таинствени банки.

Капиталистичка до срцевината, Швајцарија наметнува помали даноци врз поединци, потрошувачи и корпорации од скандинавските земји. Во 2018 година, нејзината највисока даночна стапка на доход беше најниска во Западна Европа со 36 отсто, далеку под скандинавскиот просек од 52 проценти. Јавното трошење е третина од бруто-домашниот производ (БДП), споредено со половина од БДП во Скандинавија. Швајцарија е и поотворена за трговија, со удел во глобалниот извоз, двојно поголем од тој на која било скандинавска економија.

Ефикасната влада и отворените граници помогнаа оваа планинска земја без море да биде неверојатен инкубатор на глобално конкурентни компании. За да стекне богатство, една земја треба да прави богати работи, а едно рангирање на нациите на МИТ, според сложеноста на производите што ги извезуваат, ја става Швајцарија на второ место веднаш зад Јапонија, далеку пред скандинавските земји, чиј просечен ранг е 15.

Швајцарците предничат речиси во секоја голема индустрија освен во нафтената, честопати фокусирајќи се на специјализирани области, како што се биотехнологијата и инженерингот. Земјата е дом на 13 од 100-те европски компании, над двојно повеќе од трите скандинавски земји. Повеќето врвни швајцарски компании се поголеми од скандинавските компании. „Нестле“ со берзанска вредност од 320 милијарди долари е 15 пати поголема од нејзиниот најблизок скандинавски ривал.

Иако најголемите мултинационални компании се концентрирани во големите градови, швајцарската економија е децентрализирана, како и нејзиниот политички систем. Патувајќи југозападно од Цирих до Женева, може да се забележи колку познати извозни швајцарски производи всушност потекнуваат од швајцарските кантони – швајцарски армиски ножеви од Швиц, часовници од Берн, кутриња бернандинци од планинскиот премин во Вале, сирења и чоколади од Фрибур. Малите компании ја зацврстуваат економијата и обезбедуваат две од секои три работни места во земјата. Само еден од седум Швајцарци работи во јавната администрација, што е половина од скандинавскиот проект.

Валутата на ниту една друга земја не расте побрзо во однос на нејзините трговски партнери и, нормално, зголемувањето на франкот би требало да го еродира швајцарскиот извоз со тоа што ќе го направи поскап. Наместо тоа, додека повеќето богати земји (вклучувајќи ја и Скандинавија) ​​забележаа пад на нивниот удел во глобалниот извоз во изминатата деценија, Швајцарија продолжи да расте. Таков е угледот на нејзините инженери и чоколади, па затоа клиентите се подготвени да платат повеќе за швајцарските производи.

Дополнителната сума што светот е подготвен да ја плати за швајцарските производи и услуги помага во спречување на одливот на капитал и во стабилизирање на економијата. Швајцарија беше погодена од домашна финансиска криза во 1970-тите, додека скандинавските земји се мачеа со кризи во 1990-тите и претрпеа поостри падови отколку што беше случајот со Швајцарија по глобалната криза од 2008 година.
Ако има некаква грешка, тоа е дека во обидот да го забави растот на франкот, Швајцарија ги намали каматните стапки до рекордно ниско ниво уште пред нејзините европски колеги, предизвикувајќи кредитен бум што ги доведе долговите на приватните компани и на домаќинствата до ризично високо ниво од 250 отсто од БДП. Но ниту еден рај не е совршен.

Наспроти сиот свој локален шарм, Швајцарија има отворен светоглед. Швајцарците се полиглотска мешавина од луѓе што зборуваат германски, француски и италијански, а многумина од нив застрашувачки течно зборуваат повеќе јазици. Населението родено во странство се зголемува повеќе од еден век и претставува една четвртина од вкупното население, при што 40 отсто не се од земји на ЕУ.
Точно, подемот на антиимигрантските партии во Европа има влијание и во Швајцарија. Земјата отсекогаш била пребирлива, прифаќајќи нови имигранти многу повеќе според нивните професионални биографии отколку според семејните врски или хуманитарните потреби. Но Австралија и Канада, исто така, ги филтрираат имигрантите за да пополнат работни места и на големо се изучуваат како модели за тоа како богатите економии можат да го преживеат стареењето на нивната домашна работна сила.

Швајцарија прима повеќе имигранти од која било скандинавска земја уште од 1950-тите. На добар пат е да прифати над 250.000 имигранти меѓу 2015 и 2020 година, зголемувајќи го своето население за три отсто. Таа стапка на имиграција е речиси двојно поголема од просекот на Скандинавија и е една од највисоките меѓу големите, развиени земји. Имигрантите, исто така, имаат поголеми шанси да имаат работа во Швајцарија, делумно и затоа што од повеќето од нив се бара да си обезбедат работно место пред да пристигнат во земјата.
Швајцарската работна сила добива дополнително засилување од меритократскиот систем на јавно образование што почнува да ги насочува учениците уште на 12 години кон нивните академски предности. Врвните универзитети наплаќаат просечна годишна школарина од само 1.000 долари и создаваат дипломци со илјадници долари помал долг од нивните колеги од многу скандинавски училишта.
Обожавателите на скандинавскиот социјализам замижуваат пред промените во земји како Шведска, каде што големото јавно трошење доведе до финансиска криза од 1990-тите. Шведска на неа одговори со намалување на највисоката даночна стапка на доход од речиси 90 отсто на дури 50 отсто. Јавното трошење падна од близу 70 отсто од БДП на 50 отсто. Порастот заживеа, бидејќи најголемата скандинавска економија почна да изгледа повеќе како Швајцарија, зголемувајќи ја ефикасноста на Владата и оставајќи им поголем простор на бизнисите да растат.

Вистинската лекција за успехот во Швајцарија е дека строгиот избор што го нудат многу политичари, помеѓу приватната сопственост и социјалната заштита, е погрешен. Една прагматична земја може да има пријателска бизнис-клима и социјална еднаквост, ако успее да го постигне балансот како што треба. Швајцарците станаа најбогатата нација со тоа што успеаја да го постигнат балансот како што треба. Нивниот модел ни е пред очи, ама не го гледаме.

Авторот е главен стратег на банката Морган Стенли