Најмалку 12 отсто од пристигнатите имигранти во Шпанија се деца

Малолетните доселеници, кои немаат документи и не се придружувани од возрасни лица, се изложуваат на спорни мачни прегледи за утврдување на возраста, кои се критикувани и од невладините организации и од ОН

Според своите документи Марија имала 15 години кога избегала од Камерун и со авион пристигнала во Мадрид. Таа била жртва на домашно сексуално насилство и била принудена да се омажи за постар маж. Но шпанските власти не ѝ верувале дека е малолетна, според резултатите од лекарскиот преглед за утврдување на нејзиниот телесен развој.
Случајот на Марија (не е нејзиното вистинско име) е само еден од десетиците што ги преземаат невладините организации. Тие ја обвинуваат Шпанија за кршење на правата на младите доселеници зашто ги изложува на мачни медицински прегледи додека им ги игнорира документите за идентификација.

Во лекарскиот извештај во кој Би-би-си имал увид, Марија била опишана како возрасно лице според развојот на градите. Во извештајот за имиграциските служби во Мадрид се вели дека таа имала влакна под пазувите и срамни влакна.
– Девојката, која била жртва на сексуално насилство, била натерана да се соблече гола во канцеларија на обвинителство за да се утврди, според големината на градите, дали е постара отколку што тврди – вели Лурдес Рејзбал, претседателка на фондацијата „Корени“ што работи со малолетни имигранти непридружувани од возрасни лица.

Медицинските тестови обично вклучуваат телесен преглед, проследен со испитување на коскената старост на зглобовите и забите на имигрантот. Јавното обвинителство има посебна надлежност врз овие случаи, а народниот правобранител во земјата ја критикуваше употребата на таквите тестови.

Од вкупно 5.600 прегледи во 2017-та (година со голем број пристигнати мигранти во Шпанија), во 2.255 случаи е утврдено дека лицето е возрасно, а не малолетно како што тврдело. Иако тестовите имаат голема можност за грешка, заклучоците од нив често се поважни од други докази и нема можност за жалба.
Во случајот со Марија, забниот преглед не дал јасни резултати, па, според прегледот на зглобовите, било проценето дека има 17 години. Единствениот експерт што рекол дека Марија е полнолетна бил лекарот што го спровел физичкиот преглед во седиштето на обвинителството.

Јавното обвинителство за Би-би-си соопшти дека не сака да коментира за поединечни случаи. Тоа, сепак, наведе дека одделот за имиграција на обвинителството во неодамнешен извештај посочило дека „правниот систем за процена на возраста треба да се преразгледа“ и да вклучува систем на жалби.
Марија сѐ уште е во Шпанија, но нема пристап до образованиот систем и не може да го следи својот сон да стане економистка.
Фондацијата и Канцеларијата за бегалци на високиот комесар на ОН им помогнале на девет мигранти што со медицински прегледи биле прогласени за возрасни, да ги претстават своите случаи пред Комитетот на ОН за правата на детето. Пет случаи досега завршија со осуда на властите за непочитување на правата на ранливите деца што можеби имале можност да побараат азил.

Според пресуда на Комитетот на ОН во октомври, Шпанија не заштитила момче што наводно избегало од Гвинеја на 14-годишна возраст, откако биле убиени неговите родители од христијанска вероисповед. Момчето на патот преку Мали, Алжир и Мароко повеќепати било малтретирано и киднапирано од Туарезите. Откако пристигнало во Шпанија без документи, властите го прогласиле за полнолетно лице и го задржале во прифатилиште за мигранти. Конечно било пуштено откако доставило извод од матичната книга на родените од Гвинеја, а подоцна успеало да добие и пасош. Иако било ослободено од притвор, Шпанија не го направила штитеник на државата и тоа завршило како бездомник.

– Лицата не се во можност да ги остварат правата на дете или правата на возрасен. Тие не може да стекнат образование и не може легално да работат или да побараат азил, освен ако не лажат за возраста и не побараат азил како наводни возрасни лица – вели Рејзбал.
Би-би-си побарало одговори од гвинејската амбасада во Шпанија и од дипломатски претставништва на неколку други африкански земји, но сите одбиле да коментираат.
Малолетните имигранти непридружувани од возрасни лица заглавија и во политичката дебата во Шпанија по подемот на ултрадесничарската партија Вокс. Лидерот на партијата, Сантијаго Абаскал, пред парламентарните избори во октомври изјави оти малолетните имигранти треба да се протераат од земјата. Тој во ТВ-дебата рече дека жителите од една мадридска населба, каде што се наоѓа главното засолниште за малолетни мигранти, биле преплашени од нив.
– Жени ми велат дека полицијата ги предупредува да не носат накит, а мајките се загрижени зашто нивните ќерки доаѓаат дома доцна и стравуваат дека ќе бидат нападнати – рече Абаскал, чија партија е трета најмоќна политичка сила во земјата по изборите во ноември.

Во декември, полициска единица беше повикана во центарот за мигранти во Мадрид за да се справи со неексплодирана граната што била фрлена во дворот. Левичарската партија Подемос пријави политичарка на Вокс за ширење говор на омраза откако таа пред центар за малолетни имигранти непридружувани од возрасни лица во Севилја побара нивниот број да се контролира, бидејќи претставувале закана за јавната безбедност. Во Шпанија во моментот има 12.786 малолетни имигранти што се штитеници на државата.