Стариот Континент водеше тешка битка против пожарите ова лето, но сите знаци укажуваат дека во иднина го очекуваат уште потешки сезони на пожари. Многу држави тестираат нови пристапи за да ја намалат опасноста од пожарите, но не сите вклучуваат висока технологија. Таков пример е Каталонија, која планира да го вклучи добитокот, пишува Јан Петер за „Шпигел“

Европа подготвува нова стратегија за борба против огнените стихии

Кога пожарот почнува да се шири низ една шума, како што вели Јулијане Бауман, тој попрво се слуша, отколку што се забележува. Во изминатите пет години, таа работи како пожарникарка во Каталонија и е најверојатно единствената Германка во единицата. Во текот на овој период, според нејзините процени, годишно избивале по околу 20 пожари. Каталонците обично добро знаат да се справуваат со шумските пожари, но нештата не секогаш се движат во вистинската насока. Оваа година беше историска кога станува збор за бројот и обемот на пожарите во Европа. Во Италија до 7 август пожарникарската служба беше повикана 44.442 пати, најмногу во Сицилија, Апулија и Калабрија. Во Грција, стотици лица беа евакуирани со бродови во обид да им избегаат на пламените јазици на островите, додека пожари се ширеа и на само неколку километри од главниот град Атина. Над 116.000 хектари изгореа во целата држава, а најмалку три лица загинаа. Пожари исто така ги мачеа Турција и балканските држави.

Подолги сезони на пожари?

Европска Унија (ЕУ) планира да вложи повеќе за надминување на проблемот, со тоа што ќе набави нови противпожарни авиони. Членките на Унијата веќе располагаат со флота од 73 канадери. Авионите се со можност за слетување на вода и на копно, а исто така само за неколку секунди може да се натоварат со шест тони вода. Ваквите мерки се од клучно значење, но тешко дека ќе бидат доволни за да се спречи појава на зголемен број пожари во иднина. Понатаму, заедничките пожарникарски напори може да функционираат само доколку неколку држави истовремено не се соочуваат со огнени стихии.
Ваква иднина за Европа предвидува Јохан Голдамер од Центарот за мониторинг на пожари во светот од германскиот град Фрајбург. Тој предупредува дека сезоната на шумски пожари веќе станува подолга, а многу држави се борат со нив во текот на целата година. Голдамер со години работи како советник на владите, а за Европа препорачува модернизација на постојните структури. Тој исто така верува дека сопствениците на шумски имоти и ренџерите мора да се обучени за гасење пожари пред да пристигне противпожарната единица и посочува дека центрите за кризи треба поефикасно да комуницираат со јавните службеници.
Во 2018 година, Голдамер изработи концепт за тогашната грчка влада на премиерот Алексис Ципрас. Тој опфаќаше национална стратегија за заштита од пожари и поголеми надлежности за шумската полиција, но таа никогаш не беше спроведена. Други држави исто така сфатија дека е потешко да се направи многу повеќе отколку само да се инвестира во нова опрема. Во Украина очигледно требаше да се случи катастрофа за да се подобрат мерките за заштита од пожари. Лани земјата водеше тешка битка со нив, а еден пожар се ширеше дури и во близината на Чернобил.

Руралната депопулација како проблем

Во многу земји, масовните пожари не се резултат само на климатските промени туку и на депопулацијата во руралните средини. Во областите на европската периферија, каде што порано нивите редовно се садеа и се сечеа дрвја, сега растат висока трева и нискостеблеста шума, што овозможува лесно ширење на пожарите, како што сметаат експертите. Бауман тврди дека некои предели се тешко достапни затоа што биле обраснати. Затоа, Шпанија презеде чекори за решавање на овој проблем, со тоа што отстрануваше цели појаси на вегетација за да го оневозможи ширењето на пожарите во места од висок ризик. Но методот не е секаде успешен, како во карпестите и далечните реони каде што пожарите практично е невозможно да се стават под контрола. За таквиот вид предели се размислува за сосема поинаква стратегија, со вклучување на овците. Животните можеби се најнеочекуваната алатка во борбата со пожарите, но нивната предност е во тоа што се ефикасни во контролирањето на ширењето на нискостеблестата шума.

Со добиток на пасиштата ќе се чуваат шумите од пожари

Во Вал де Лорд, далечната планинска долина на Пиринеите во северна Каталонија, постојат надежи дека употребата на животни ќе го намали ризикот од пожари, но и ќе отвори нови работни места. Според планот, се предвидува да се ангажираат четири шумски работници, кои потоа ќе ги обучуваат невработените локални жители и заедно ќе ги чуваат шумите. Козите и овците би се користеле за да се ограничи нискостеблестата шума, а органското млеко и сирење што би го произведувале ќе им се продава на туристи, а зголемените приходи ќе помогнат во забавувањето на депопулацијата во регионите. Концептот може да се покаже поуспешно на долгорочен план отколку набавката на нови возила и пожарникарска опрема, особено на Сицилија или во Грција.
Сепак, идејата за намалување на ризикот од пожари со претворање на нискостеблестата шума во пасишта е непознат концепт. Овчарите тешко би можеле да издржат без државни субвенции, додека сопствениците на шумски имоти често гледаат на земјоделците како на конкуренција отколку како на соседи. Во исто време, повеќе држави во ЕУ се надеваат дека новите пристапи ќе станат реалност пред следната сезона на пожари.