Jапонија конечно стана активен, понекогаш и жесток бранител на своите интереси, а САД треба да ја третираат токму како таква, вели Еван Санки од „Нешенел интерест“

Дали американско-јапонскиот сојуз сè уште е темел на стабилноста во Азија?

Договорот за безбедност склучен меѓу САД и Јапонија имаше цел поранешната непријателска земја и напредна индустриска сила да ја усогласи со американските политики и послужи како темел за нивната геополитичка позиција во Источна Азија. Јапонија е најважната сојузничка на САД во регионот, а нивните односи во голема мера го издржаа забот на времето.
Денес, јапонската воена моќ е доволна за да ги истакне слабостите на кинеската, но не е доволна за да ја забави или спречи влошената воена рамнотежа во Источна Азија. Американските бази имаат централна позиција во партнерскиот договор, но сега се ранливи на новата генерација кинески прецизни оружја и се извор на нестабилност, бидејќи Јапонија повеќе не е реактивна држава. САД имаат два главни интереси во Источна Азија, а тоа е во регионот да нема доминантна сила и да се зачуваат мирот и стабилноста меѓу големите играчи. Сојузот со Јапонија е главна алатка што им служи на овие цели, но развојот на настаните во регионалната безбедност фрла сенка врз можноста тој да продолжи во иднина во оваа форма.

Офанзивни карактеристики на сојузот

Главното образложение за американските сојузи е дека тие ја инхибираат регионалната безбедносна конкуренција, со тоа што на сојузниците не им е потребно да градат големи војски што може да ги загрозат нивните соседи. Овој аргумент особено се истакнува во однос на американско-јапонскиот сојуз. Долгогодишните ниски трошоци во одбраната на Јапонија не ја одвратија Кина од тоа да започне со сопственото воено јакнење. Доминантниот став во кинеските политички кругови е дека американско-јапонскиот сојуз станува сè поофанзивен договор за да го спречи подемот на Кина и да ја врати јапонската воена моќ. Ова се влоши со постојаните тензии меѓу Кина и Јапонија, како и постепеното проширување на амбициите на сојузот во своите политики да го опфаќа Тајван, кој е главно прашање за Пекинг во однос на сувереноста и легитимитетот.
Кинезите не грешат во тоа што сметаат дека сојузот добил поофанзивни карактеристики. Јапонија располага со широк спектар на напредни системи, честопати со американска поддршка и соработка, кои вклучуваат уништувачи со ракети, мали носачи на авиони и флота на борбени авиони од четврта и петта генерација додека, патем, цврсто се држи до неформалниот еден отсто од БДП наменет за буџетот во одбраната.

Кинескиот воен буџет поголем од јапонскиот

Мотивите зад кинеското воено јакнење несомнено се различни, но тешко е да се верува дека не играл улога токму заедничкиот потенцијал на двете најголеми сили во светот што се на нејзиниот праг. Јапонија има право да се брани себеси од зголемените сериозни регионални закани, но ако САД се искрени во намерата за зачувување на регионалната стабилност, тогаш мора сериозно да ја сфатат кинеската перцепција. Иронично е што степенот на влошувањето на регионалната стабилност е што Јапонија сега мора да се откаже од својата обврска за еден отсто од БДП наменет за буџетот во одбраната. Дваесет и петте години на кинески инвестиции сега значително ги надминуваат капацитетите на Јапонија. Според податоците на СИПРИ, Кина сега троши пет пати повеќе во одбраната. Најважниот резултат на овие напори се отпорни, различни теледиригирани и балистички ракети, од кои илјадници можат да бидат насочени кон сојузничките бродови и бази во Јапонија, како и неколку стотици дури до Гвам. Кина сега располага со над осумстотини современи борбени авиони наспроти триста на Јапонија, а кинеската морнарица е речиси двојно поголема од јапонската. Нејзината флота сега вклучува крстосувачки бродови што се еднакви на капацитетите на јапонските бродови од системот „Егис“.
Главните американски интереси за регионалната стабилност во спречувањето на хегемонијата и воената стабилност се во суштина одбранбени и најдобро се спроведуваат преку стратегијата за негирање, чија цел е да ги убеди кинеските лидери дека не можат да постигнат брза и лесна победа. Американските и сојузничките сили треба да усвојат поширок став за да ја намалат нивната ранливост на првиот удар и да распоредат повеќе ракети и подморници за да го загрозат офанзивниот потенцијал на Кина, а ваквата стратегија наложува поактивна вклученост на Јапонија. Американската влада постојано апелира дека сака поеднаков сојуз, но ретко е подготвена да дискутира за делење на трошоците. На САД им е потребно Јапонија да прифати сериозни компромиси, дури и исходот да е воено поавтономна Јапонија.

Темел на американската моќ во Азија

Кинескиот воен предизвик исто така е досега најсериозна закана по американските бази во Јапонија. Во моментов 54.000 американски војници се стационирани во 85 бази само за американски цели во Јапонија, вклучувајќи околу 25.000 војници во 33 бази на островот Окинава. Овие сили се темелот на американската воена моќ во Азија и најочигледниот симбол на американската посветеност на јапонската безбедност. Објектите во кои се наоѓаат многу години беа предмет на локално политичко незадоволство, особено на островот. Измените во американското распоредување во базите значи и промена во главна физичка манифестација на безбедносниот договор меѓу овие две земји. Радикалното намалување на американските сили во Јапонија засега нема шанси да се случи, а релоцирањето во други бази исто така би било тешко. Американските бази се жешка тема во јапонската политика, а сојузот има незавидно искуство во спроведувањето на реформите.
Обновениот јапонски стратегиски активизам исто така претставува ризик по САД. Поради заканите од Кина, Владата на јапонската Демократска партија препорача да се ревидираат и зајакнат одредбите од американско-јапонската одбранбена соработка, која опфаќа необврзувачки улоги и одговорности во сојузот. Привилегиите на националната безбедност и надворешната политика беа централизирани во новиот совет за национална безбедност и националниот секретаријат за безбедност. Овие трендови придонесоа за суштинска политичка промена во карактерот на сојузот. Јапонија повеќе не е реактивна држава, а стимулот на политичката промена во односите меѓу САД и Јапонија повеќе е лоциран во Токио отколку во Вашингтон.

Кина или САД?

Познатото клише вели дека азиските држави не сакаат да избираат меѓу Кина и САД. Но Јапонија го направи тој чекор, а поради закана од кинеските акции, јапонските политичари го зајакнаа сојузот и обезбедија поголеми американски обврски кон посебните јапонски приоритети. Може да се дебатира дали ова придонесува за регионалната стабилност, но тешко е дека со сигурност влијае на американската безбедност. Јапонските претставници исто така побараа и добија поголемо влијание врз американската политика за нуклеарни оружја. Поради загриженост дека американскиот нуклеарен чадор го губи кредибилитетот, тие се залагаат за распоредување на потенцијално дестабилизирачко оружје во Азија и беа против САД да усвојат нуклеарна политика „да не почнат први“.
Единствено меѓу азиските сојузници, Јапонија претпочита отворено цврст став кон Кина во однос на геополитичките прашања. Додека Австралија и Јужна Кореја честопати се двоумеа околу Кина во надворешната политика, јапонските политичари јасно ја покажаа нивната одлучност да формираат коалиција против неа. Тие наедно го поздравија новиот американски поцврст став, а наводно новиот јапонски премиер Јошихиде Суга побарал од администрацијата на Бајден да се држи до него и во иднина. Американските политичари имаат свои причини за нивниот поцврст став кон Кина, но нивната општа пристрасност да застанат „рамо до рамо“ со сојузници може да доведе до претерување на зголемениот јапонски апетит за американски безбедносни гаранции.

Регионалниот развој на настаните во корист на Кина значи дека тоа е поголема закана за Токио отколку за Вашингтон. Тајван е релативно периферен проблем во американската надворешна политика, но за Јапонија е егзистенцијален. Ако Јапонија побара недвосмислени американски гаранции за безбедноста на Тајван или распоредување тактичко нуклеарно оружје на јапонска почва, тогаш како треба да реагираат САД? Американските политичари треба повеќе да внимаваат на ризикот што Јапонија може да им го нанесе на САД во непотребните конкурентски политики што можат да им наштетат на американските интереси. Лекот не е во откажувањето, туку во зрелоста и реципроцитетот. Јапонија конечно стана активен, а понекогаш и жесток бранител на своите интереси, а САД треба да почнат да ја третираат како таква.