Американците често мислат дека нивното општество го карактеризира висока социјална мобилност, но реалноста покажува дека таа е многу пониска. Политиките што се применуваат во светот за да се обезбеди нагорна општествена мобилност, републиканците ги отфрлаат како социјализам

Пол Кругман

Ако сте како мене, можете барем малку да направите пауза и да не зборувате за американскиот претседател Доналд Трамп. Но зошто тогаш да не зборуваме за Иванка Трамп? Таа неодамна рече нешто што ќе беше исклучително ако го изјавеше кој било републиканец, но беше навистина неверојатно бидејќи го кажа токму првата ќерка на САД.
Предметот на дискусија беше предлогот, кој е дел од т.н. Зелен нов договор, Владата да гарантира работни места. Иванка Трамп ја критикуваше идејата, тврдејќи дека Американците не сакаат некој да им нуди работни места туку дека сакаат да го работат тоа што ќе го изберат, како и дека сакаат да живеат во земја во која има потенцијал за нагорна социјална мобилност.

Во ред, ова е првокласен доказ колку некој не е свесен за својот статус. Не помага ни фактот што за правото на избор зборува наследничка на империја чија целосна бизнис-стратегија се заснова на тргувањето на брендот што го создал нејзиниот татко. Но да не влегуваме во лични напади. Знаеме многу за нагорната социјална мобилност во различни земји, а фактите зборуваат нешто што не сакаат да го слушнат републиканците.

Клучниот заклучок, заснован на голем број научни истражување, е дека кога станува збор за нагорната општествена подвижност, САД се навистина исклучителни – поточно, се исклучително лоши. За Американците чии родители имаат ниски примања многу се поголеми шансите и самите да имаат ниски примања, а многу помала е веројатноста да напредуваат погоре кон средната или повисоката класа, особено споредено со граѓаните на другите развиени земји. Истовремено, за оние што се раѓаат во богати семејства се многу поголеми шансите да го задржат својот статус.

Ние не сакаме вака да ја гледаме Америка. Всушност, постои интересен јаз меѓу реалноста и перцепцијата: Американците многу почесто од Европејците мислат дека нивното општество го карактеризира висока социјална мобилност, иако реалноста покажува дека таа е многу пониска.

Многу од ваквите перцепции се последица на систематското дезинформирање. Во некои земји, припадниците на елитите се фалат дека се наследници на големи богатства, додека во Америка тие тврдат дека со своја пот станале милијардери. На пример, голем број Американци сѐ уште веруваат дека претседателот Доналд Трамп сам ја изградил својата империја, односно дека немал помош од неговиот богат татко.

Во секој случај, исклучително ниската социјална мобилност во Америка е различна од нејзината исклучително висока нееднаквост во приходите, иако тие се сигурно поврзани. Меѓу развиените земји, постои силна негативна корелација меѓу нееднаквоста и мобилноста, која понекогаш се нарекува и крива на Големиот Гетсби. Ова има смисла. Впрочем, огромните разлики во приходите на родителите имаат тенденција да се пресликаат во големи разлики во можностите за децата.
Луѓето, патем, се чини дека ја разбираат оваа идеја. Многу Американци не сфаќаат колку е навистина нееднакво нивното општество. Но кога им се даваат факти за нееднаквоста во приходите, тие повеќе веруваат дека потеклото од богато семејство игра голема улога во личниот успех.

Но да се вратиме на потенцијалот за нагорна социјална мобилност. Каде луѓето од сиромашните или скромни средини имаат најдобри шанси да напредуваат во социјалниот статус? Одговорот е дека скандинавските земји се на врвот на ранг-листата, а високо котира и Канада. Тука има уште нешто. Нордиските земји не само што имаат ниска нееднаквост, тие исто така имаат многу поголеми влади и многу поголема социјална држава од американската. Со други зборови, тие имаат нешто што републиканците го осудуваат како „социјализам“ (иако не е тоа, ама во моментот и не е важно).

Но поврзаноста помеѓу „социјализмот“ и социјалната мобилност не е случајна. Напротив, таа е очекувана. За да видиме зошто, треба да ја ставиме во контекст на САД и да се запрашаме што ќе се случи со социјалната мобилност, ако или десното крило на Републиканската партија или прогресивните демократи можат целосно да ги спроведат своите политики.
Ако политичарите од Чајанка успееја да ги спроведат своите политики, ќе следуваше драстично намалување на здравствените програми како Медикеид, купоните за храна и други програми што им помагаат на Американците со ниски примања, што во многу случаи ќе остави многу деца од семејства со ниски примања со несоодветна медицинска грижа и исхрана. Исто така, ќе следуваше и намалување на финансирањето за јавното образование.

На другиот крај на скалата, пак, ќе видевме даночни намалувања што ги зголемуваат приходите на богатите, ќе беше отстранет данокот на наследство, овозможувајќи им на богаташите да им ги пренесат сите пари на наследниците.
Спротивно на тоа, прогресивните демократи повикуваат на универзална здравствена заштита, зголемена помош за сиромашните и програми што нудат бесплатно или барем делумно бесплатно студирање. Тие повикуваат за воведување програми што ќе им помагаат на родителите со средни и помали приход да обезбедат квалитетна грижа за децата. Тие предлагаат и да се платат овие придобивки со зголемување на даноците за високите приходи и за големите богатства.

Значи, кои од овие агенди би го забетонирале актуелниот класен систем во САД, што им олеснува на децата на богатите да останат богати и им отежнува на децата на сиромашните да избегаат од сиромаштија? Кои политики би ги доближиле САД до американскиот сон, создавајќи општество во кое амбициозните млади луѓе што сакаат да работат напорно имаат добри шанси да го надминат нивното социјално потекло?
Видете, Иванка Трамп сигурно е во право кога тврди дека повеќето луѓе сакаат земја во која има потенцијал за нагорна социјална мобилност. Но работите што треба да се направат за да се осигуриме дека Америка е таква земја, политиките што се поврзани со високи нивоа нагорна мобилност во светот, се токму оние што републиканците ги осудуваат и ги квалификуваат како социјализам.

Авторот е добитник на Нобеловата награда за економија во 2008 г.

Иванка Трамп ја разбранува домашната јавност со ставовите за нагорната социјална мобилност во САД