Подготвиле: Игор Даниловиќ и Владимир Мијановиќ

Економските политики што беа усвоени од Британија и од САД во 1980-тите доведоа до огромно зголемување на нееднаквоста и дадоа лажен впечаток дека таквиот исход не само што е неизбежен, туку е и добар

Нееднаквоста се зголемува во повеќето богати земји и тоа се случува веќе одреден период. Многумина веруваат дека тоа е проблем, но исто така многумина сметаат дека не можеме многу да сториме за тоа. Глобализацијата и новите технологии создадоа економија во која оние со високо ценети способности или таленти заработуваат големи награди. Обидите за намалување на нееднаквоста преку редистрибутивно оданочување најверојатно ќе бидат неуспешни, бидејќи глобалната елита лесно може да ги скрие своите пари во даночниот рај. Досега зголеменото оданочување ги погоди богатите и ќе го наруши создавањето на богатството, па така, на крајот сите ќе бидеме сиромашни.
Ваквото размислување е сосема спротивно на економската идеологија што постоеше од 1945 до 1980 година, според која растечката нееднаквост не е неизбежна и оти најразличните владини политики може да ја намалат. Уште повеќе, овие политики изгледаат како да беа успешни. И навистина, нееднаквоста се намали во повеќето земји во периодот од 1940-тите до 1970-тите. Па така, нееднаквоста на која денес сме сведоци најмногу се должи на промените по 1980 година.

И во САД и во Британија, од 1980 до 2016 година, делот од вкупниот приход што завршува кај најбогатите од еден отсто се зголеми за повеќе од двапати. Истовремено, примањата на околу 90 проценти од преостанатите граѓани во САД и во Британија едвај се зголемија во изминатите 25 години. Колку за споредба, пред 50 години американските директори во просек заработуваа 20 пати повеќе од просечниот работник. Денес директорите заработуваат дури 354 пати повеќе.

Сите аргументи дека растечката нееднаквост е неизбежна во најголем дел во сегашната глобализирана економија се соочуваат со круцијални забелешки. По 1980 година, некои земји се соочија со голем пораст на нееднаквоста (САД и Британија), некои искусија помало зголемување (Канада, Јапонија, Италија), додека, пак, нееднаквоста е стабилна или во опаѓање во други земји (Франција, Белгија и Унгарија). Па така, растечката нееднаквост никако не може да биде неизбежна. Размерот на нееднаквоста во некоја земја не може да биде детерминирана единствено од долгорочните глобални економски сили, бидејќи иако повеќето богати земји беа изложени на слични сили, искуствата со нееднаквоста се различни.

Вообичаеното политичко објаснување на овој пораст на нееднаквоста се големите промени во главните економски и политички размислувања, во полза на слободните пазари, поттикнати од изборот на Роналд Реган за американски претседател и на Маргарет Тачер за британска премиерка. Но фактите го говорат спротивното. Во развиените земји, најголемиот пораст на нееднаквоста по 1945 година е забележан во САД и во Британија, и тоа токму од 1980 година па наваму.

Идејата дека растечката нееднаквост е неизбежна почнува да изгледа како убедлив мит, кој ни овозможува да го избегнеме размислувањето за другата можност – преку нашите изборни одлуки и решенија во секојдневниот живот ја поддржувавме растечката нееднаквост, или, во најмала рака, се навикнавме на неа. Анкетите во Британија и во САД постојано сугерираат дека ги потценуваме и нивото на сегашната нееднаквост и тоа колку таа е зголемена во изминатиот период. Но незнаењето не може да биде целосен изговор, бидејќи анкетите исто така откриваат промена во ставовите – растечката нееднаквост стана сѐ поприфатлива, посебно ако сте на погрешниот крај од неа.

Малку е веројатно нееднаквоста да се намали во иднина ако нашите ставови не се свртат против неа. Помеѓу другите работи, ќе мора да го прифатиме фактот дека луѓето често не заработуваат на пазарот колку што заслужуваат, а данокот што тие го плаќаат не им се одзема од она што праведно им припаѓа. Една од круцијалните причини зошто толку малку е сторено во изминатите години за намалување на нееднаквоста е потценувањето на улогата на среќата во постигнувањето успех. Родителите ги учат своите деца дека речиси сите цели се остварливи ако доволно се трудат. Тоа е лага, но има добро објаснување за нејзе: ако не се трудите многу, многу цели засекогаш ќе останат недостижни. Игнорирањето на улогата на среќата за мојот успех ми помага да се чувствувам добро и ми олеснува да чувствувам дека ги заслужувам наградите поврзани со успехот. Луѓето што многу заработуваат навистина можеби веруваат дека го заслужуваат нивниот приход, бидејќи тие се доста свесни за тоа колку напорно работеле и кои сѐ пречки морале да поминат за да бидат успешни. Анкетите постојано покажуваат дека споредено со американските граѓани, Европејците речиси двојно повеќе веруваат дека среќата е главен фактор за приходот и дека сиромашните буквално се заглавени во сиромаштијата. Слично, луѓето во САД двапати повеќе веруваат од Европејците дека сиромашните се мрзливи и оти напорната работа на долг рок води кон повисок квалитет на живот.

Интересен е фактот дека европските земји во просек имаат порамноправен редистрибутивен даночен систем и социјална помош за сиромашните отколку во САД, и затоа помала нееднаквост. Многумина сметаат дека таквиот исход се должи на различните вредности што ги обликуваат општествата во Европа и во САД.

Но тоа не е само американски проблем. Британија е „отпадник“ во Европа, со релативно висока нееднаквост и ниска економска и социјална мобилност. По изборот на Тачер во 1979 година, нееднаквоста значително се зголеми. Откако се зголеми нееднаквоста се променија и британските ставови. Сѐ повеќе луѓе беа убедени дека дарежливиот социјален систем ги прави луѓето мрзливи и оти високите плати се од есенцијално значење за мотивирање на талентираните работници.

Поголемиот дел од нееднаквоста на која денес сме сведоци во богатите земји повеќе се должи на одлуките донесени од владите отколку од непроменливите пазарни сили. Овие одлуки може да се променат. Сепак, мора да сакаме да ја контролираме нееднаквоста: мора да го направиме намалувањето на нееднаквоста главна цел на владините политики и на поширокото општество. Познатиот влијателен економист Џон Кенет Галбрајт добро го дефинираше проблемот.

– Една од најстарите вежби во моралната филозофија е барањето на супериорно морално оправдување за себичноста. Тоа е вежба што секогаш вклучува одреден број интерни контраиндикации, па дури и неколку апсурди – истакнува Галбрајт.