За многу Европејци затворените граници се нова иднина, смета Донадио

Коронавирусот уште повеќе ги охрабри бранителите на границите во Европа и пошироко. Прашањето е колку државите се подготвени да ги кренат рампите и за кого

Брачна двојка што ја познавам и што живее во Пекинг (таа е Американка, а тој е Австралиец) е заглавена во Будимпешта и чека Кина да ги отвори своите граници. Една пријателка ми пиша од Бостон. Таа има американски и ирски пасош и не е сигурна дали може да влезе во Франција за да го види својот партнер, со кого не е во брак. Друг пријател, кој е Американец, се ожени со својата француска партнерка минатиот месец пред да се врати во Франција зашто не знаеја кога нему ќе му биде дозволено да се врати во Америка, а нејзе во Франција.
Космополитизмот (или воопшто патувањето) стана длабоко збунувачки во ерата на ковид-19. Кога се појави пандемијата, границите почнаа да се затвораат низ целиот свет. Сега тие се отвораат постепено, но и произволно, на начини што се чини помалку се поврзани со стапките на инфекција и повеќе со политиката, економијата и, за некои земји, со потребата од туристи. За оние од нас што ја искусија Студената војна, овие ненадејни и во многу случаи неповрзани затворања на границите не се само иритирачки, туку се и задушувачки. Тие се брз и драматичен колапс на сè што многумина од нас имаа доволно среќа да го земат здраво за готово – отворените граници и слободата на движење.

Со децении, Европа беше емотивен центар на ова верување во безграничен свет. Државјаните на ЕУ можат да живеат, работат и учат во која било од 27-те земји-членки на блокот, додека посетителите можат да патуваат низ 26 земји во шенген-зоната без контроли на внатрешните граници. Во поголемиот дел од овој регион, се користи иста валута и може да ја преминете националната граница и без да забележите, додека роамингот на мобилниот телефон е бесплатен. Европејците можат да живеат во една земја и да патуваат во друга земја. Некои градови се наоѓаат близу границите, а жителите се движат непречено од една во друга земја.
Сево ова е релативно ново – производ на повоениот свет, кога земјите на Европа создадоа поблиски сојузи за да ги спречат војните што толку долго ги обележуваа и ја нарушуваа историјата на континентот. Граничните контроли уште повеќе исчезнаа со падот на Берлинскиот ѕид, а потоа и уште повеќе откако многу земји во поранешниот Источен блок станаа дел од ЕУ.
Но појавата на коронавирусот ги охрабри бранителите на националната држава, во Европа и пошироко. Ова не влијае само на луѓето што живеат и работат преку граници или луѓе како мене, кои се чувствуваат како дома во многу земји. Отсега, најверојатно ќе биде потешко да започнете бизнис или да се изгубите надвор од националните граници. Уште потешко ќе може да се биде бегалец или да се бара азил.

Иако овие најнови ограничувања стапија во сила одеднаш, за време на здравствената криза, тие одамна се размислуваат. Коронавирусот е само најновиот во низата напади врз поимот за отворени граници, особено во Европа. Прво дојде бегалската криза во 2015 година, која им даде поттик на политичарите низ континентот, повикувајќи на ограничување на имиграцијата. Потоа дојдоа брегзит и изборот на Доналд Трамп. Двата настана го одбележаа симболичното дистанцирање од космополитизмот на земји што претходно беа отворени за мигранти. Вирусот само го поттикна разграничувањето.
Неодамна разговарав со Мира Фришхут, 27-годишна Австријка, која живее во Франција. Кога Европа ги затвори своите граници за странците во март, во обид да ја забави епидемијата, таа беше заглавена во Колумбија на одмор. Потребни беа голем број повици до француската и до австриската амбасада за да се утврди која држава ќе ја прифати Фришхут. Таа на крајот успеа да стигне во Франција.

– Во тој момент навистина не се чувствував како Европејка. Двете земји рекоа дека не се одговорни за мене. Ова беше нешто ново за мене. Јас пораснав како Европејка. Се преселив во Франција на 18 години. Никогаш не доживеав премногу граници во Европа, така што ова очигледно беше шок за мене – раскажува таа.
Фришхут ги помина следните неколку недели во Франција, но неодамна отпатува за Инсбрук, Австрија, од каде што потекнува, откако Франција конечно им дозволи на жителите да патуваат повеќе од 100 километри од дома и отвори некои од нејзините граници. Откако се врати во Инсбрук, Фришхут забележа голем број други проблеми со патувањето. Градот е близу германската и италијанската граница, но правилата варираат. Некое време Австрија им дозволи на Германците да возат низ Австрија на патот кон Италија, но не им дозволуваше да застанат во земјата. (Австрија оттогаш ги отвори своите граници за жителите на сите земји на ЕУ, освен на САД, Шведска и на Португалија.) Овие огромен број, честопати збунувачки ограничувања, во никој случај не се единствени. Мојата американска пријателка со ирски пасош се обиде да открие дали може да влезе во Франција. Одговорот беше „можеби“. Слично е и со другите пријатели, кои добиваат нејасни одговори.

– Работите беа појасни во Студената војна – вели еден Британец, кој живее во Рим. Се обидовме да сфатиме дали со американски пасош можам да стигнам од Франција, каде што живеам, до Грција. Очајна за туристи, но свесна за нејзиниот кревок здравствен систем, Грција објави дека ќе ги поздрави посетителите од 29 земји, но некое време на списокот не ги вклучуваше САД, Британија, Франција или Италија. Сега се вели дека сите туристи се добредојдени, но ќе мораат да прават тестови за ковид-19. Општо земено, повторното отворање на Европа е постепено и некоординирано. Но станува збор за поголеми проблеми од летните одмори. Овие затворања се испреплетуваат со големи промени во геополитичкиот поредок. По спорот меѓу Кина и Хонгконг, на пример, Британија им понуди на три милиони жители на Хонгконг право да живеат и работат во Британија. Откако Британија гласаше за брегзит во 2016 година, Британците што живеат низ цела Европа или имаат врски со континентот аплицираа за пасоши на ЕУ, што порано не им беа потребни.
За време на пандемијата, разговорот се префрли од тоа „кој е најдобар пасош?“ до тоа „кои граници сè уште се затворени?“ Моите пријатели и јас имаме среќа. Ние сме меѓу оние космополити што живеат во урбани средини, говорат повеќе јазици и имаат повеќе државјанства. Но други имаат многу помалку среќа. Пандемијата ќе предизвика уште поголем хаос за милиони бегалци, кои бегаат од војни и конфликти.

Иако сега мнозинството затворања на границите се наводно мотивирани повеќе од загриженоста за јавното здравство отколку од прашањата за национален идентитет, сепак тие откриваат поткрепа на ксенофобијата. Пандемијата им даде поттик на десничарските влади, кои се чини дека се задоволни со затворањето на границите, исто како што го сторија тоа во 2015 година, бидејќи не сакаат бегалци.
Конечно, неизвесноста околу границите е и духовна, па дури и светско-историска.
– Порано се чувствувавме како да припаѓаме секаде, во земјите што ни ги издале пасошите и во местата во кои живеевме или во кои патувавме. Сега се чувствуваме како да не припаѓаме никаде. Ние сме без држава според брак бидејќи не делиме заеднички пасош и јас живеам во странство речиси 15 години. За луѓето како нас што не живеат „дома“, што ли носи иднината – прашува Лиз, мојата пријателка заглавена во Будимпешта.
И мене исто така ми недостигаат отворените граници и чувството за можност што тие ја нудат. Има разлика помеѓу изборот да не патуваме и знаењето дека не можеме да патуваме. За многумина од нас во Европа, ова сега повеќе личи на една нова иднина отколку на несакано враќање во минатото.