Македонија не беше зафатена од војните што се водеа на просторот на бивша Југославија во 1990-тите иако се наоѓа во епицентарот на преклопувањето на интересите на големите сили на Балканот по Студената војна. Но искушенијата на Македонија како самостојна држава во опкружувањето на (не)пријателски земји всушност се преголеми и се дополнително оптоварени со жестоките настојувања да се европеизира, односно да се приклучи кон НАТО и ЕУ, оценува д-р Јадранка Половиќ. Во продолжение ви пренесуваме извадоци од нејзината анализа на „Геополитика њуз“

Јадранка Половиќ

 

 

Македонското прашање е едно од најконтроверзните на Балканот и уште од 19 век е причина за конфликти меѓу земјите од регионот, бидејќи историскиот и географски регион е поделен помеѓу пет држави – Република Македонија (Вардарска Македонија), Грција (Егејска Македонија), Бугарија (Пиринска Македонија), Албанија (Преспа) и Србија (Прохор Пчињски). И додека Господ ги благослови Македонија и Македонците во социјалистичка Југославија (со силна поддршка за македонскиот идентитет и за самостоен македонски јазик), Македонија се најде на удар на непријателството на своите соседи, кои токму во процесот на геополитичко престројување на подрачјето на бившата држава видоа шанса да „зграпчат“ делови од македонската територија. Односите на Грција и на Бугарија со социјалистичка Југославија отсекогаш беа заострени, токму поради фактот што овие две земји не го прифаќаа постоењето на југословенски (македонски) малцински заедници на својата територија.

По распадот на Југославија, македонското прашање се усложни. Додека Бугарите ја оспоруваа македонската националност, како и македонскиот јазик и култура, сметајќи дека се работи за еден народ, Српската православна црква го отвори проблемот на автокефалноста на Македонската православна црква, која ја прогласи уште во 1967 година. Грција истовремено ѝ го оспори на Македонија правото на име, бидејќи на Грција по Балканските војни ѝ припадна најголемиот дел на Македонија – Егејска Македонија, од која Македонците беа протерани во текот на Граѓанската војна во Грција. Спорот за името, за кој се поврзуваат неколку проблеми (името на државата, етничката припадност, македонскиот јазик и користењето на националното знаме), остана траен проблем, поради кој Македонија не можеше да влезе во НАТО, ниту, пак, можеше да напредува во процесот на пристапување во ЕУ.

Поради блискоста на „отвореното“ косовско прашање, на почетокот од 1990-тите постоеше реална можност од ескалација и проширување на конфликтот, т.е. прелевање на кризата од Косово во Македонија, и дестабилизација на регионот со вовлекување во конфликтот на соседните држави, директно заинтересирани за распадот на Југославија. Но токму благодарение на поддршката и помошта од САД, тогаш најголемиот пријател на македонскиот народ, кои ја издвоија оваа област од кризниот развој во бивша Југославија, Македонија успешно се држеше во проблемите во односите со соседите. Македонија денес својата самостојност и територијален интегритет им ги „должи“ пред сѐ на САД, кои на првите знаци на криза во 1993 година успешно поставија своевиден тампон, т.е. распоредија 12.000 американски војници на територијата на оваа мала држава, формирана по распадот на Југославија. Македонија прогласи независност во 1991 година, а поради спорот со Грција за името, во 1993 година беше примена во ОН под референцата бивша југословенска Република Македонија (БЈРМ).

Меѓутоа, и покрај „благонаклонетоста“ на меѓународната заедница и моќната суперсила САД, најизразен проблем за младата држава станаа меѓуетничките односи со Албанците, кои во западна Македонија почнаа своите области да ги одбележуваат со албански црвени знамиња со двоглав црн орел и со многу џамии. Денес речиси цела северозападна Македонија е населена со мнозинско албанско население.
Под влијание на нестабилноста во соседно Косово, долгодишната успешна коегзистенција на албанското малцинство и македонското мнозинство беше прекината со појавата на Ослободителната национална армија (ОНА). Договор за границите е потпишан помеѓу СР Југославија и Македонија во февруари 2001 година, а дефинирањето на границите помеѓу Косово и Македонија, на начин на кој нововоспоставената граница требаше да ги раздвои териториите населени со Албанците, беше проследено со протести на косовските и на македонските Албанци, што предизвика ескалација на етничките тензии во Македонија, кои се претворија во оружен конфликт. По седуммесечните судири, ситуацијата е ставена под контрола со потпишување на Охридскиот договор на 13 август 2001година. Со овој договор, постигнат со посредство на меѓународната заедница, предводена од САД, и со силни притисоци врз двете страни, беше избегната речиси сигурна граѓанска војна во земјата.

Но Охридскиот договор беше прв во низата документи со кои почна процесот на растурање на Македонија, а кој би требало да заврши со нејзина поделба, што би ги задоволило аспирациите на соседите и би воспоставило интересни сфери помеѓу големите сили. Имено, договорот предвиде донесување неколку закони чија имплементација, уште по 2001 година, значително ги зајакна правата на Албанците (како Законот за употреба на јазиците/албанскиот стана службен јазик, Законот за вработување во администрацијата и Законот за полицијата, со кои беа воведени квоти за вработување на Албанците во јавната администрација и полицијата). Рамковниот договор, заедно со неодамнешните спогодби со Атина и со Софија, всушност е вовед во поделба на Македонија, а своја улога во целиот процес имаат и големите сили и соседните држави.

ГЕРМАНИЈА

Во првата половина од 19 век, германскиот научник Јохан Густав Дројзен, прави обид да ја наметне теоријата за грчкото потекло на древните Македонци. Дројзен бил советник на баварскиот принц Ото, кој во 1832 година бил крунисан за крал на новосоздадената Грција. Дројзеновата теорија станува дел од обидот на владејачката династија да создаде нова нација и, наедно, да го оправда своето владеење со таа држава. Неговата теорија се развива паралелно со созревањето на мегали-идејата иредентистичкиот концепт на грчкиот национализам (за формирање голема Грција на целиот регион што бил под Османлиското Царство и на сите региони што традиционално им припаѓале на Грците во античкиот период – Јужен Балкан, Анадолија и Кипар), како идеја-водилка на надворешната политика на новата германско-грчка монархија. Таа наоѓа примена и во проширувањето на границите на монархијата. Подоцна, преку сакскобурготското семејство се формира и бугарската монархија. Денешна, модерна Германија, која одамна се бори за свое влијание на Балканот, е главниот промотор на договорите со Атина и со Софија. Германската држава ја поддржува грчката античка историја, но развива и нова окупација (што е видливо по грчката должничка криза), а ја поддржува и Бугарија, која при евентуални поместувања на границите на Балканот се надева дека би добила дел од македонската територија. Всушност, таа верува дека токму преку овие две земји како свои верни партнери ќе го одржи своето влијание во регионот и ќе ги совлада интересите на САД и Русија, во забревтаната битка за контрола на Балканот. Постоењето на Македонија, за жал, претставува непотребен ризик во ваквата геополитичка стратегија на Меркеловата Германија.

АМЕРИКА

За САД, Македонија е особено важна во смисла на геостратегиската позиција. Уште од времето на „длабоката држава“ (Бил Клинтон, Барак Обама и Хилари Клинтон), САД ги имаат утврдено своите исклучително лојални партнери, кои успешно се репатрирани на Балканот, Албанците, како народ во Албанија, но и албанските муслимански малцинства во соседните православни држави. За американската и за сојузничката политика (НАТО), двете албански држави, Албанија и Косово, се клучни во Југоисточна Европа. Албанија во наредниот период најверојатно во некаков вид заедница со Косово, но и со другите албански територии на југоистокот на Европа, ќе има позиција каква што на Блискиот Исток, за САД и за западните сојузници има Израел. Како што САД добро вооружениот Израел постојано го користат за контролирана нестабилност на Блискиот Исток, идната, исто така добро вооружена, голема Албанија може да се користи за конструктивен хаос на Балканот. Постоењето на Република Македонија во тој контекст претставува непотребен ризик во геополитичката стратегија на „длабоката држава“.

РУСИЈА

Руската Федерација историски имала и сака да го продолжи своето влијание на Балканот. Притоа е јасен геополитичкиот натпревар за влијание. Русија има свој историски сојузник, Србија, чие пријателство го зацврстува сѐ повеќе, а особено после последната посета на рускиот претседател на Србија. Но првпат во историјата Русија има свој сојузник и преку Дрина, а тоа е Република Српска. Токму затоа, за Русија е исклучително прифатливо „разграничувањето“ меѓу Србија и Косово, што предвидува поделба на Косово на северен дел, кој би ѝ припаднал на Србија, и јужен дел, кој заедно со некои мали енклави околу Бујановац и Прешево, би влегол во состав на идната големоалбанска држава. Во еден таков развој на настаните, Република Српска би се приклучила кон матичната Србија. За возврат, заради изгубениот север на Косово, идната големоалбанска држава би добила дел од поделената Република Македонија. Значи, постоењето на Република Македонија повторно претставува непотребен ризик и во плановите на Руската Федерација.

СОСЕДИТЕ

Секој од соседите или „пријателите“ го гледа својот интерес во овие геостратегиски игри на големите сили. И секој од нив, во спроведувањето на своите империјалистички цели кон Македонија, користи свои картографи, етнографи, лингвисти и историчари. За наша жал, успешно. Па, така, свесни дека една мирољубива држава како Република Македонија, која не претставува реална закана за никого, не може да биде поделена или избришана со воена интервенција на која било голема сила, зашто тоа би предизвикало нова балканска, а можеби и војна со пошироки размери, измислен е нов метод што го втемели процесот на внатрешно самоуништување на Република Македонија. Главниот македонски Американец, премиерот Зоран Заев, со договорите со Атина и со Софија го избриша постоењето на македонскиот народ и на македонскиот јазик, додека со тиранската платформа и со Законот за двојазичноста се отвори простор за федерализација на Македонија. Следејќи го примерот на Косово, наредниот чекор за Македонија е мирно разграничување.

Така, на мирен начин, би се создала голема Албанија, во чиј состав би влегле Албанија, јужно Косово и северозападна Македонија. Новата држава би била моќно средство за заштита на интересите на САД на Балканот. Србија би останала без јужниот дел од Косово, но со извонреден надомест – Република Српска, која би ѝ се приклучила, како исклучително моќен сојузник во заштита на руските интереси на Балканот. Бугарија би била проширена со делот од Македонија и заедно со Грција би станала чувар на германските интереси на Балканот.

Со ваквиот развој на настаните, сите соседи и „пријатели“ на Македонија би ги исполниле своите вековни големодржавни аспирации, а големите сили би ги поделиле сферите на влијание. Сите задоволни, освен една – Македонија.

Анализата ја завршувам со пораката на хрватската европратеничка Маријана Петир, која невообичаено храбро на европската, домашната и на македонската јавност им порача дека планира и понатаму Македонија да ја нарекува – Македонија. Преспанскиот договор претставува невидено насилство на западната демократија над една држава и еден народ, порача таа. Немам што да додадам на тоа!