Швајцарците повремено добиваат отрезнувачки повик за неутралноста и учат дека таа не е светилник на надеж во Европа, туку дека е прагматична и често валкана тактика за преживување на континентот со крвава историја. Аферата со „Крипто АГ“ покажува оти прагматизмот и митот за неутралноста, наспроти реалноста, често водат кон некои многу сомнителни одлуки

Тешко е да сѐ преувеличи колку скандалот со „Крипто АГ“ ја потресе Швајцарија. Повеќе децении американски и германски разузнавачки служби ги користеле уредите за енкриптирање на швајцарската компанија за да ги шпионираат другите земји, а неодамнешните откритија предизвикаа голем гнев. Од Студената војна, па до почетокот на 21 век, „Крипто АГ“ им продавала свои уреди на над 120 влади низ светот. Машините биле енкриптирани, но неодамна беше обелоденето дека ЦИА и германската БНД ги „наместиле“ уредите за да може да ги дешифрираат кодовите и да пресретнат илјадници пораки.
Во светот постојат само неколку земји што избрале неутралност: Австрија е една, Шведска е друга. Но ниту една земја не направи статусен симбол од неутралноста како што е Швајцарија. Сега, откако се откриваат сите детали за скандалот со „Крипто АГ“, не постои весник или телевизија во земјата што не ја доведува во прашање неутралноста на Швајцарија. Федерален судија веќе почна да го истражува случајот, а политичарите од целиот политички спектар бараат парламентарна истрага. Тоа е земјата на која неутралноста ѝ овозможи повеќе од 30 години да ги претставува американските интереси во Иран, како и интересите на Техеран во Вашингтон. Швајцарија напорно преговараше зад затворени врати со САД да дозволат испорака на хуманитарна помош за Иран, за да се олеснат најлошите ефекти од санкциите. Швајцарија исто така е земјата што на Иран му продаваше компромитирани машини за енкрипција, преку кои Вашингтон очигледно шпионирал.

Швајцарската неутралност се смета за дел од ДНК на земјата, дел од уникатниот национален идентитет, а не прагматична политика на малата земја што му изнајмуваше платеници на преостанатиот дел од Европа сѐ додека нејзините лидери не одлучија дека избегнувањето војни сепак е побезбедно. Неутралноста ѝ овозможи на Швајцарија да остане настрана од двете светски војни, а во 1945 година швајцарската економија и инфраструктура се појавија и издигнаа како феникс, додека нејзините соседи ги расчистуваа урнатините и пепелта.
Сепак, неутралноста не е некое заштитно поле што ги држи непријателите подалеку. Ниту, пак, е магичен збор што може да го рецитирате за „лошите момци“ да ве остават на мира. Во Втората светска војна, Швајцарија направи различни работи за да се осигури дека нејзините соседи ќе останат настрана. Една работа беше масовната мобилизација, испраќањето на сите мажи на возраст од 18 до 60 години да ги бранат границите и минирањето на тунелите и алпските премини. Но имаше уште нешто еднакво важно: Швајцарија беше корисна за сите страни. Нацистичка Германија во швајцарските банки најде засолниште за украдените уметнички предмети и злато. Преку Швајцарија испраќаше стотици возови со оружја за поддршка на италијанскиот диктатор Бенито Мусолини. Истовремено, шефот на швајцарските вооружени сили, генералот Анри Гисан, тајно преговараше со Французите за можноста заедно да се борат доколку бидат нападнати двете земји. Во меѓувреме, американското разузнавачко тело, Канцеларијата за стратегиски услуги, го испрати Ален Дулс во Европа. Дулс ја отвори својата канцеларија во швајцарската престолнина Берн и остана таму до крајот на војната, шпионирајќи ги Германците. Тој подоцна ќе стане директор на ЦИА.

Во 1990-тите, Швајцарија посвети многу време на истражувањето на Втората светска војна. Историските книги беа повторно напишани, за да ја вклучат срамната политика на одбивањето на еврејските бегалци што пристигнале на швајцарските граници. Беа формирани истражни комисии, а беа одржани и повеќе меморијали, додека министерот Каспар Вилигер и официјално се извини. Тоа е истиот Каспар Вилигер што сега е обвинет дека, како министер за одбрана во 1990-тите, знаел оти ЦИА ја контролирала компанијата „Крипто АГ“ и дека продавала компромитирани машини за енкрипција низ светот за да ги шпионира странските влади. Вилигер го негира сето тоа. Но, сепак, многу прашања беа поставени за „Крипто АГ“ во Швајцарија во 1990-тите, па затоа многу е чудно тоа што министерот за одбрана не ги слушнал и не ги испитал.
Се поставува клучното прашање како воопшто може да постојат заедно овие два концепта – неутралноста и соработката. Можеби на истиот начин на кој Швајцарија истовремено не води војни ама продава многу оружје. Или на начинот на кој нејзините банкари тврдеа дека нема валкани пари. Со други зборови, тие беа среќни да ги чуваат парите од крвавите конфликти, бруталните диктатори, наркобосовите или даночните измами. Или, пак, Швајцарија едноставно сакаше да ја преживее Студената војна. Нејзините вредности беа западни, па затоа, зошто да не ги затвори очите пред неколку тајни операции на главниот европски заштитник, САД, во една од најпознатите швајцарски компании за прецизно инженерство?

За волја на вистината, има милиони Швајцарци што длабоко размислуваат за овие работи и што жестоко се бореа за помалку себична политика, особено кога станува збор за банкарството и трговијата со оружје, кои сега се предмет на многу построго регулирање. Но, сепак, изгледа Швајцарците постојано, на секои две-три години, добиваат отрезнувачки повик за нивната неутралност. Тие повторно учат дека неутралноста не е светилник на надежта во срцето на Европа. Таа повеќе е прагматична и често валкана тактика за преживување на континентот со многу крвава историја. Понекогаш, како што е случајот со „Крипто АГ“, тој прагматизам, заедно со желбата да се гледа митот за неутралноста наместо реалноста, води кон некои многу сомнителни одлуки.