Без оглед на тоа што содржи извештајот на Пентагон, факт е дека американскиот одбранбен и разузнавачки систем отсекогаш го сметале НЛО за прашање на национална безбедност. Имајќи предвид дека живееме во свет на воздушен надзор и војување со беспилотни летала, промени на ваквиот став во блиска иднина сигурно нема да има, пишува Кејт Дош, во својата анализа за „Форин полиси“

Пентагон сака да продава приказни за НЛО како за време на Студената војна

Американскиот Сенат деновиве чека официјален извештај со детални информации околу сите сознанија на Владата за неидентификуваните летачки објекти (НЛО) и неидентификуваните воздушни феномени (НВФ). Меѓу другото, се очекува извештајот да се осврне и на сега веќе неславната Програма за идентификација на воздушни закани (ААТИП), која стана позната на крајот на 2017 година. Актуелната НЛО-манија се фокусира на низа глетки доживеани од пилотите на американската морнарица или регистрирани на нивните сензори во 2004, 2014 и во 2015 година, чии извештаи и видео „протекоа“ од поранешниот службеник на американското министерство за одбрана, Луис Елизондо. Наводно, неговиот кредибилитет се темели на неговото тврдење дека работел како директор на ААТИП. Тој ја опиша програмата како „разбирливо преобилна“ и „без финансиски средства што растечките докази ги заслужуваат“. Неговиот напор да разбуди интерес за непријавените или недоволно често пријавуваните НЛО-глетки на американските војници беше поткрепен со промовирањето на „Ѕвездена академија за уметност и наука“ (ТТСА) – истражувачки институт, формиран од поранешниот лидер на бендот „Блинк-182“, посветен верник во НЛО, Том Делонг, и поранешниот службеник на ЦИА, Џим Семиван. Елизондо сега работи во ТТСА заедно со еден друг поранешен разузнавач, Кристофер Мелон. Службените НЛО-сведоштва на поморските пилоти и на поранешните владини службеници поврзани со ТТСА, повеќе од три години се актуелни во јавноста и поттикнуваат голем број полемики.

Метеж во медиумското известување за вонземјани

Во метежот на медиумското известување и повиците за транспарентност и отчетност, како и „правото на Американците да знаат“, лесно е да влезете во маѓепсаниот круг на возбуда и мистерија. Зошто Пентагон и одредени оддели во американската војска ги истражуваат пријавите за глетки на НЛО и НВФ? Дали конечно ќе добиеме потврда дека вонземјаните постојат и нѐ посетуваат? Или едноставно сите сме под лупата на некаква напредна воздушна технологија на Големиот брат? Што крие Владата од нас? Сепак, и покрај тоа што протечените информации од Елизондо за некои од нас претставуваат откритие, американската војска речиси 75 години истражува и анализира извештаи за чудни воздушни феномени. Прифаќањето на НЛО и НВФ како нешто што е историски вградено во глобалното воздушно војување, а наедно и загриженоста за националната безбедност на САД, всушност даваат одговор на прашањата: зошто тие се предмет на истрага, зошто овие истраги продолжуваат, зошто, како и неколкупати во минатото, НЛО-глетките и сведоците постојано ја одржуваат во неизвесност американската јавност. Првото сведоштво за „летачка чинија“ потекнува од искуството раскажано од Кенет Арнолд, пилот и „кум“ на кратенката НЛО. Додека помагал во потрагата по исчезнат воен транспортен авион над планинскиот масив Каскада во државата Вашингтон, Арнолд пријавил дека видел девет дискретни летачки објекти што брзо го надлетуваат врвот на планината. Ги опишал како сребреникави или метални, брзи и најверојатно управувани од некаков вид интелигенција. Арнолд ги запишал времето и временските услови, користејќи ја апаратурата во својата пилотска кабина за мерење на големината и брзината на чудните објекти. Откако слетал, им раскажал на колегите, а потоа дал изјава и за медиумите. НЛО-искуството на Арнолд беше проследено со низа имитации и слични пријави. Тие прво беа локализирани во северозападниот дел на Пацификот, но рапидно брзо се проширија низ целата територија на САД, а потоа и низ светот. Со оглед на описите што ги добиваа од сведоци, воздухопловните сили на САД сериозно се заинтересираа за овие раскажани искуства, на кои заеднички именител им беше сознанието дека се работи за воздушна технологија, како и дека објектите се метални и интелигентно управувани.

Дискусии поткрепени со факти?

Современите дискусии за НЛО обединија и отелотворија три посебни карактеристики на тензиите од 1947 година. Прво, летачките чинии од 1947 го „прикажуваа“ технолошко-научниот развој од Втората светска војна, опишан до екстреми. Светските војни, особено онаа втората, доведоа до невиден прогрес во технологијата и воената наука. Се работеше за големи достигнувања во технологијата на подморници, воздушната технологија со и без екипаж, кибернетиката, компјутерската и медицинската технологија, сензорската и надзорната технологија, како и технологијата за оружје. Појавата на чудни и потенцијално смртоносни објекти на небото беше „добредојдена“ во пресрет на ракетниот напад В-2 врз Лондон и фрлањето на атомската бомба. Многумина тогаш веруваа дека овие летачки дискови би можеле да бидат следниот чекор во бомбашката технологија. Сепак уште од почетокот на времето, човештвото гледа чудни нешта на небото, но овие случувања го трансформираа НЛО во закана за националната безбедност. На почетокот Американците сметаа дека се работи за летала што најверојатно потекнуваат од Советскиот Сојуз. Командата на американското воено воздухопловство беше длабоко загрижена поради помислата дека Советите имаат понапредна воздушна технологија од САД. Тоа претставуваше не само егзистенцијална закана за Американците туку и беше сигнал дека воздухопловната моќ на Вашингтон повеќе не е глобален лидер во оваа област. Ваквиот стандард на гледање на работите останува и денес, во согласност со тековните дискусии во однос на оваа проблематика. Конечно, без оглед на тоа што содржи претстојниот извештај на Пентагон за оваа проблематика, факт е дека американскиот одбранбен и разузнавачки систем отсекогаш го сметале НЛО за прашање на национална безбедност. Имајќи предвид дека живееме во свет на воздушен надзор и војување со беспилотни летала, промени на ваквиот став во блиска иднина сигурно нема да има.