Сенаторот Мајк Раундс игра со спинер

Американските сенатори се обвинети дека спијат, решаваат крстозбори, играат игри, вртат спинери и дека на други начини ги прекршуваат правила за време на судењето за импичмент на претседателот Доналд Трамп.
Многу републикански и демократски сенатори, кои сега имаат улога на поротници и треба да одлучат дали претседателот треба да биде отстранет од функцијата поради злоупотреба, се обвинети од американските медиуми дека се однесуваат како ученици на кои им е здодевна наставата.

Според правилата, сенаторите мора да останат на своите места за време на судењето за импичмент. Но најмалку девет демократи и 22 републиканци ги напуштија своите места во различни периоди, според „Ројтерс“. Меѓу нив се и демократските претседателски кандидати Берни Сандерс и Ејми Клобучар.
Марша Блекбурн, републиканка од Тенеси, на Твитер го бранеше своето однесување откако беше забележана како чита книга за време на судењето. Таа твитна дека книгата „Како оние што го мразат ја уништуваат Америка“ давала „добар увид“ во постапката за импичмент. Таа им порача на критичарите дека зафатените мајки биле најдобри кога извршувале повеќе задачи истовремено.

Џим Риш, републиканецот што претседава со Комисијата за надворешни односи во Сенатот, бил забележан како дреме за време на сослушувањата, но неговиот портпарол тврди дека тој, всушност, внимателно слушал со затворени очи. Џим Инхоф, републиканец во Оклахома, во средата бил забележан како дреме пред да биде разбуден од сенаторот Тод Јанг, републиканецот од Индијана, кој седел до него. Марк Ворнер, демократ од Вирџинија, бил забележан како се потпира на десната рака, покривајќи си ги очите околу 20 минути.

Во четвртокот, Ричард Бар, републиканец од Северна Каролина, на колегите им подели спинери за да се занимаваат додека трае сослушувањето.

Ранд Пол, републиканец од Кентаки, наводно решавал крстозбор и направил хартиен авион додека демократите ги претставувале обвиненијата против Трамп.
Сенаторката од Масачусетс и демократска претседателска кандидатка, Елизабет Ворен, била забележана како игра игра на хартија.

Телефоните, лаптопите и таблетите се дозволени за време на нормалните заседавања на Сенатот, но сега е забранета целата електроника. Сепак, некои сенатори нашле начин да ги заобиколат строгите правила, носејќи паметни часовници. Зборувањето е забрането за време на расправата, но двајца републиканци во средата почнале да си шепотат и да си разменуваат пораки. Исто така, постојат строги правила за храната, но сенаторите биле забележани како јадат чоколада или како џвакаат мастики. Пристапот на медиумите е ограничен за време на судењето во Сенатот, па затоа е помал бројот на камери што би можеле да ги уловат сенаторите како ги прекршуваат правилата.

Сепак некои од нив се чини внимателно го следат судењето, правејќи си белешки. Еден од нив е и Марко Рубио, републиканец од Флорида.
Трамп е само третиот претседател на кому му е изгласан импичмент во Претставничкиот дом на Конгресот, но засега се мали шансите да биде отстранет од претседателската функција во Сенатот, кој е под контрола на републиканците. Тие изјавија дека досега не слушнале ништо ново од демократите и дека веќе решиле да го ослободат претседателот од обвиненијата. Трамп може да биде отстранет од функцијата само со двотретинско мнозинство во Сенатот, кое демократите го немаат.