Меркел и другите европски лидери не успеаја да го спречат назадувањето на демократијата во соседните земји, како Унгарија и Полска

Демократскиот свет треба да воведе нов пристап на заштита на демократијата наместо на нејзино промовирање, вели Јаша Маунк од „Форин аферс“

Авторитарните режими повторно земаат замав на глобалната геополитичка карта

По крајот на Студената војна се чинеше дека во светот напредува демократијата, но таквиот оптимизам беше погрешен и наивно беше да се очекува дека таа ќе се прошири на сите страни. Авторитаризмот во изминатите години ги одразува пропустите и неуспесите токму на демократските системи. Од 1990-тите години, автократските режими напреднаа во однос на економијата и воената моќ. Диктаторите научија како да ги користат дигиталните алатки за да ги сузбијат опозициските движења на разни софистицирани начини. Тие ги поразија демократските кампањи што некогаш ветуваа, ја приграбија контролата врз државите што беа на патот да станат подемократски и широко го наметнаа нивното меѓународно влијание.
Автократите сега се во офанзива, а во претстојните децении ќе бидеме сведоци на долга и тешка битка меѓу демократијата и диктатурата. За да извојуваат победа, САД и нивните демократски сојузници ќе треба да ги препознаат ризиците од ваквиот историски развој на настаните и заедно да работат на заштита на светската демократија на еден покреативен и похрабар начин за разлика од практиката во минатото. Тешко ќе биде да се спротивстават на антидемократските движења во земји чија поддршка е клучна за целосно соочување со сè помоќните автократи. Потребен ќе биде вешт пристап што ќе ја зачува соработката со земјите што имаат колебливи демократски вредности додека се негуваат блиските партнерства со вистинските демократски сојузници. Тоа ќе значи напуштање на пристапот на „промовирање на демократијата“ и усвојување на нејзина „заштита“, со што во поголем дел ќе се обезбеди, наместо да се прошири, демократскиот свет.

Подем на авторитарните режими

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп фрли огромна сенка околу тоа на чија страна ќе бидат САД во судирот меѓу демократијата и диктатурата. Дури и пред неговиот мандат, Вашингтон постојано ги поддржуваше автократските режими кога имаше мали шанси да најде демократски сојузници во стратегиски важните земји. Но тој беше првиот американски претседател што отворено ги поддржуваше автократите и ги поттикнуваше таквите движења во рамките на самите демократски сојузници, како популизмот во Европа. Дури и дома, Трамп оствари состаноци во Белата куќа со низа автократски популисти, како унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговиот индиски колега Нарендра Моди. Од дипломатски аспект, во мандатот на Трамп, САД престанаа да важат за лидери на слободниот свет и несомнено се свртеа кон авторитаризмот.

Навидум умерените лидери на моќните европски демократии и во други делови од светот речиси немаат ништо заедничко со Трамп, но покрај силната поддршка за демократските вредности и одбраната на човековите права, всушност во постапките на европските лидери се гледа дека постојано ги поддржуваат автократските сили во светот. Кога германската канцеларка Ангела Меркел се бореше со мигрантската криза од Блискиот Исток во 2016 година, таа го предводеше договорот меѓу Европската Унија (ЕУ) и Турција, со кој се затвори главната мигрантска маршрута до Европа. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во обидот да ја консолидира својата моќ, затвори над 100 новинари, а со ваквиот профитабилен договор само дополнително ја зацврсти својата власт. Германија и неколку други европски земји се залагаат за изградбата на гасоводот „Северен тек 2“, што ќе изложи голем дел од централните и источните европски демократии на притисокот од Кремљ. Но најголемата услуга што Меркел и другите европски лидери им ја направија на автократите е што не успеаја да го спречат назадувањето на демократијата во соседните земји, како Унгарија и Полска. Покрај тоа што Брисел сака да им наметне санкции на двете држави, тие сепак и натаму користат милијарди евра од ЕУ.

Дали е предоцна?

Во ЕУ, нападите на демократијата од страна на некои членки станаа толку безобѕирни што неколку политичари го притиснаа блокот да се пресмета со владите со авторитарни тенденции. ЕУ лани конечно воведе построги услови за распределба на фондовите во блокот. Европската комисија предложи систем во кој би се замрзнале средствата на одредени членки доколку го прекршат владеењето на правото во нивните земји.

Како најтипичен пример, Полска и Унгарија се заканија дека ќе стават вето на европскиот буџет во кој е вклучен фондот за обнова по пандемијата на ковид-19. Компромис навидум беше постигнат, но тој само покажа колку автократските лидери во ЕУ се имуни на негативните реперкусии од нивните напади врз демократијата сè додека меѓу себе си даваат политичко покритие, па, така, Комисијата се откажа од суштинските елементи на мерката. Како резултат на договорот, таа не може да ги стопира средствата за членките што активно работат на поткопување на владеењето на правото. Во обидот да ги санкционира ваквите членки, Брисел треба да покаже дека тие манипулираат со европските фондови. На крајот со неуспешниот дисциплински обид само покажа колкава неказнивост уживаат автократските лидери во Унгарија и во Полска.
Од другата страна на Атлантикот сепак е прерано да се каже колку ефикасна ќе биде новата американска влада на Бајден во јакнење на демократијата. Првичните изјави говорат дека претседателот и неговите високи советници во надворешната политика многу сериозно ја сфатиле автократската закана и сакаат САД повторно да ги вратат во улогата на „лидери на слободниот свет“. Благодарение на Бајден, опстанокот на НАТО повеќе не е доведен во прашање, а државите што зависат од заштитата на САД конечно можат да здивнат.
Во наредните неколку години, САД планираат блиску да соработуваат со долгогодишните демократски сојузници наместо со автократските држави или уназадените демократии. Стејт департментот повторно посветено ќе работи на одбрана на нападите на човековите права и слободните институции во светот, а автократите и популистите ќе треба да платат цена за поткопувањето на демократските вредности. Во иднина, Бајден сигнализираше дека има намера да свика самит на светските демократии. Ова претставува подобрување за разлика од претходната администрација, но проблемот е што двете главни цели на напорите, како што е ограничувањето на влијанието на моќните автократии и спречувањето на назадувањето на демократиите, честопати се наоѓаат во судир. Ваквата дилема може да му ја отежни продемократската агенда на Бајден. Сепак, демократиите никогаш во целост нема да можат да го решат овој проблем, туку мора да бидат отворени за него и јавно да се посветат на сопствената стратегија. Поради тоа, водечките демократии особено ќе треба да внимаваат на две нивоа во односите со другите земји, па, така, на едно ниво ќе одржуваат врски со држави што делат геостратегиски интереси во ограничувањето на моќните диктатури, иако и самите тие се автократии или уназадени демократии.

Заштита на демократијата

Ваквиот пристап ќе им наложи на политичарите во САД и во Европа да ја преиспитаат идејата за „промовирање на демократијата“. Но посериозен проблем е што самата идеја се потпира на претпоставката дека иднината ќе биде подемократска од минатото. Затоа главната цел на американската и европската надворешна политика не треба да биде промовирање на демократијата онаму каде што постои, туку нејзина заштита таму каде што е под најголем ризик. Како што постепено се градеше промовирањето на демократијата, потребно ќе биде и време за да се развие нејзината заштита. Сериозна посветеност на заштита на демократијата исто така ќе значи користење демократски алатки за да се изврши притисок врз уназадените сојузници. Демократската заштита исто така ќе бара поголем фокус на поврзаноста меѓу надворешната со внатрешната политика.
Последниот чекор во спречувањето на подемот на авторитарните режими би бил реформирање на ЕУ и на НАТО, кои се темели на либералниот меѓународен поредок. Ова е неопходно затоа што авторитарните лидери веќе длабоко го поткопуваат легитимитетот на блокот, а ако Брисел не го реши ова набрзо, ЕУ ќе се соочи со криза од егзистенцијални размери.